Економија

НБ: Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика

Непроменета поставеност на монетарната политика

На 10 февруари 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.

Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.

На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано