Речиси половина од вработените (46,7 отсто) се незадоволни од платата за која 49,7 проценти сметаат дека покрива само основни потреби или дури и помалку, а само 11,4 отсто сметаат дека се добро и фер платени – покажуваат резултатите за Грција од истражувањето спроведено од глобалната платформа Wherewework во пет земји – Бугарија, Романија, Унгарија, Молдавија и Грција – во однос на состојбата на вработените и пазарот на труд – јави дописничката на МИА од Атина.
Резултатите покажуваат дека Грција заедно со Бугарија има најниско ниво на задоволство од плата во регионот, а 45,7 проценти од Грците вклучени во анкетата сметаат дека заработуваат под пазарното ниво.
Шест од десет рекле дека нивната куповна моќ е ослабена во последните 12 месеци, а две третини од вработените се отворени за промена на работа, но платата е клучниот фактор.
За нова работа размислуваат 64,3 отсто, за подобра работна можност, речиси четворица од десет анкетирани подготвени се да се преселат, а 16,4 проценти се решени да останат на сегашното работно место, што е највисок процент во регионот.
Платата останува главен мотив поради кој вработените размислуваат за промена на работа, при што 58,1 отсто ја наведуваат како клучен фактор.
Во однос на вештачката интелигенција, стравот од влијанието на ВИ врз работните места е најнизок во Грција во споредба со другите пет земји вклучени во истражувањето, односно само 11 проценти сметаат дека вештачката интелигенција може да го направи нивното работно место ранливо.
Ова, како што пишува во истражувањето, не значи дека постои силно чувство на сигурност, туку повеќе укажува на други приоритети на вработените, односно кога финансиските грижи се постојани и итни, ВИ се доживува како далечен проблем.
– Кај грчкиот примерок доминантниот став кон вештачката интелигенција е „сè уште не знам“ или „нема релевантно влијание“, а не оптимизам или конкретен страв, туку едноставно други приоритети во моментот – пишува во истражувањето.
Во истражувањето на глобалната платформа Wherewework за информации за работни места и работна средина, спроведено во текот на април годинава, биле вклучени 11.612 вработени од петте земји, од кои 1.788 се од Грција.
извор МИА








