Економија
МАКЕДОНИЈА ГЛЕДА ТРГОВСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ СО МАРОКО И САУДИСКА АРАБИЈА, Министерството за надворешни работи со сет активности за зголемување на трговската соработка
12.01.2026
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија почнува со сет на активности коишто ќе бидат насочени кон интензивирање на трговската соработка, привлекување на странски инвеститори и зголемување на извозот. Веќе во првата половина од годинава планирана е посета на Мароко и Саудиска Арабија како земји кои имаат сериозен потенцијал за соработка.
Целта е за време на дел од посетите на државниот врв надвор од државата да бидат присутни и претставници на деловната заедница кои ќе имаат можност за директни средби и воспоставување на контакти за соработка со компании од други држави.
- Во текот на 2026 година имаме намера да отпочнеме со организација на т.н. трговски мисии, односно посети каде Претседателката на државата, Претседателот на Владата и јас како министер за надворешни работи во одредени таргетирани земји да носиме претставници на деловната заедница. Веќе имаме во план во првата половина од годинава да го посетиме Мароко и Саудиска Арабија каде има сериозен потенцијал, но, со нас да дојдат и претставници на деловната заедница за да ја има таа Б2Б компонентна. Исто така, планираме и дополнителен сет на услуги насочен кон привлекување на нови инвеститори кои ние како Министерство ќе го нудиме, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред денешната прва средба со „Македонија 2025“.
Во текот на неделава планирани се вакви средби и со стопанските комори и со поголемите деловни заедници во земјава.
Од „Македонија 2025“ ја поздравуваат ваквата иницијатива на Министерството нагласувајќи дека извозот е клучна компонента за економскиот раст на државата.
- Треба да се зголеми бројот на компании кои извезуваат, но и тие кои веќе се успешни извозни компании да имаат поддршка да остварат подобри извозни активности. Насоката треба да бидат производи и висококвалификувани услуги со зголемена додадена вредност која на крајот ќе ефектира со зголемен економски раст, изјави Васко Кроневски, заменик претседател и член на Бордот на „Македонија 2025“.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис