Економија
ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Глигор Бишев: Очекувања за 2026 година
Што очекувате од 2026г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Стабилноста на цените се очекува да биде висока и каматните стапки да се намалуваат
Во годината што изминува, и покрај стагнантната економска активност во најважниот трговски партнер на С Македонија (ЕУ) и падот на економската активност поврзана со автомобилската индустрија во економските зони, македонската економија остварува солиден економски раст (проценка од 3,5 проценти). Тоа укажува на жилавоста и на преструктурирањето на економијата, особено на економијата надвор од економските зони и брзиот раст на услугите. Тоа нè охрабрува да бидеме оптимисти за 2026 година и покрај големата неизвесност, несигурноста и блокадата на трговските текови. Услужните дејности, градежништвото, енергетиката, металопреработувачката индустрија, земјоделството и транспортот се очекува да бидат брзорастечките дејности што ќе го водат економскиот раст. Покрај домашната потрошувачка, значаен придонес врз растот се очекува да даде и забрзувањето на извозот, особено по постигнувањето на мир во Украина, што дефинитивно се очекува да се постигне во 2026 година. Генераторите на инфлацијата се потиснати и се под контрола. Согласно со тоа, стабилноста на цените се очекува да биде висока и каматните стапки да се намалуваат. Сепак, високата неизвесност ќе влијае врз носењето на одлуките за инвестиции на приватниот сектор.