Економија
ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Павле Гацов: Очекувања за 2026 година
Што очекувате од 2026г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Потребно е отворање на серија економски реформи кои ќе овозможат побрз економски развој
Извесно е дека во 2026 година ќе продолжат истите безбедносно-политички ризици и економските предизвици пренесени од минатиот период, засилени со новиот модел на економски мултиполарен протекционизам во светот. Забавувањето на германската економија директно и американските царини индиректно имаат негативно влијание врз македонската извозно ориентирана автоиндустрија. Како последица на овие глобални економски и безбедносни процеси постои ризик од контракција на работењето на извозните индустриски капацитети и отпуштање на работници со специфични знаења. Од друга страна, реализацијата на инфраструктурните проекти, на градежништвото, на бруто-инвестициите и на финалната потрошувачка, особено јавната, и во следнава година ќе бидат главна потпора за растот на бруто-домашниот производ. Извозот ќе биде под притисок на глобалните случувања. На административен терен, клучни за подобрување на економијата ќе бидат реформите во правосудството и во јавната администрација, особено делот на дигитализација на процесите на државната управа, борбата против сивата економија и даночната евазија. Истовремено, а поради товарот на отплата на јавниот долг и трансферите спрема Фондот за ПИО и другите трансфери кои ја слабеат потенцијалната инвестициска сила на државниот буџет, потребно е отворање на серија економски реформи кои ќе овозможат побрз економски развој. Две илјади дваесет и шеста година е одличен тајминг за почеток на еден ваков процес.