Економија

Како да привлечеме над 1 милион куповно моќни туристи од Кина и далечен исток?

автор: Влатко Сулев, генерален менаџер на Balkan Prime Tours

Неодамна се вратив од работно патување во Азија, каде посетив повеќе земји, и имав средби со тур оператори и експерти за туризам од овој дел од светот. Патувањето во Тајван, Кореа и Јапонија, беше организирано преку НАИТМ, а во Кина преку Балкан Прајм турс, со цел промоција на Македонија, и организирано привлекување на туристи од овој дел од светот. Разговарав со професионалци за дојдовен туризам и одблиску се запознавав со нивната филозофија и начинот на кој го развиваат туризмот.

Првиот впечаток кој го добив? Во Кина (и останатите азиски земји) зборот „не“ не постои, барем не во бизнисот. Таму секој предизвик има решение, а туризмот е државен приоритет кој се развива со јасна стратегија, огромни инвестиции и долгорочна визија.

Кинеската влада вложува милијарди во инфраструктура, нови патишта, железници, аеродроми, сè со единствена цел: туристите да стигнат лесно, брзо и удобно. Промоцијата на земјата е прецизно поставена: древна цивилизација со длабока историја, но истовремено и современа суперсила со спектакуларни градови и модерни атракции.

Она што посебно е впечатливо е нивното разбирање на домашниот турист. Многу атракции се дизајнирани токму за локалните посетители: поповолни цени, локализирани услуги, понуда што ја негува сопствената култура. Кинезите не го забораваат сопствениот турист, напротив, го ставаат во центар.

Сè е дигитализирано!  WeChat и Alipay не се само апликации; тоа се целосни системи за резервации, плаќање, комуникација и навигација. Вештачката интелигенција и big data се користат за следење на туристичките текови и креирање персонализирани понуди. Туристот добива систем кој целосно му го олеснува секој чекор.

Во Кина владее позитивен дух, таму проблемите не постојат, туку само решенија. Можеби затоа таа веќе го освојува светот и е меѓу петте најпосетени земји на планетава. Таа енергија е заразна. И токму од неа треба да учиме.

Балканот како егзотика: Македонија е интересна, но недоволно отворена и позната.

Како претседател на македонската национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), отсекогаш сумпоставувал високи цели, да градиме мостови, да рушиме бариери, да ги направиме невозможните работи возможни.

Разговорите во Кина покажаа дека туристите од Азија се желни за нови автентични дестинации. Македонија и поширокиот Балкан за нив се вистинска егзотика, нешто свежо и поразлично. Од балканските земји посебно им се привлечни Македонија и Грција, токму поради богатата историја, традиционалната гастрономија, малите семејни винарии, верските локалитети и културните рути.

Тие не бараат луксуз. Бараат душа, вистинско искуство, но очекуваат сè да биде организирано, јасно, професионално.

Затоа Balkan Prime Tours ја отвори својата канцеларија во Нингбо, Кина!

Потенцијалот е огромен, и веќе се работи. Нови туристички пакети, партнерства со балкански земји, промоција на регионот како единствена туристичка приказна.

Дојдовниот туризам е индустрија која движи најмалку 15 секундарни сектори: винарии, ресторани, транспорт, занаетчии… И што е најважно, отвора работни места за младите.

Балканот веќе доживува туристички бум, но Македонија засега добива само „трошки“. И тоа мора да се промени.

Кина може да биде катализатор за модернизација на туризмот во земјава, но само ако и ние направиме чекор напред.

Тоа значи: полесен визен режим, инвестиции во професионален кадар, креирање автентични туристички производи, уредени градови со естетика и функционалност, подобра инфраструктура, чисти патишта, поврзани аеродроми и shuttle услуги.

Ако сакаме туристи со повисока куповна моќ, мора да понудиме квалитет, а тоа значи ред, чистота, еко-свест, уметност на улиците, одржлив транспорт, паметно осветлување. Малите детали го создаваат големиот впечаток.

Замислете рута како: Кина – Белград – Скопје – Охрид – Дубровник. Тура што ги вклучува најубавите приказни на Балканот, и Македонија како едно од главните поглавја.

Наместо да критикуваме, време е да зборуваме за решенија.

Македонија има приказна што вреди да се раскажува. Но приказните не се случуваат сами, ги создаваат луѓето.



За авторот

Влатко Сулев е Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, Vice President на Spiti World Network  бизнис мрежа на тур оператори кои работат дојдовен туризам и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ). Balkan Prime Tours е компанија која организира тури во Македонија и на балканот за странски туристи од 2007 година. Благодарение на оваа компанија илјадници странски туристи изминативе години ја имаат посетено Македонија, што ги прави вистински промотери и амбасадори на нашата земја и Балканот. Компанијата има своја канцеларија во Скопје, но и во Софија, Подгорица и Тирана, соработува со огромен број на хотели, ресторани и семејни туристички работници од регионот, за да креира автентични туристички понуди според желбите на туристите.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано