Економија
ЕКОНОМИЈА | Горан Петревски: Кратка историја на борбата на ФЕД за независност
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2025г.
Веќе неколку месеци сме сведоци на борбата на Трамп за контрола врз американската централна банка (скратено или нагалено: ФЕД). Покрај повремените отворени навреди на претседателот на ФЕД, Џером Пауел (кого, да биде иронијата поголема, го предложи токму Трамп за време на неговиот прв претседателски мандат), од неодамна Трамп се обидува да го разреши гувернерот Лиса Кук од раководството на ФЕД со намера да си постави „свои“ луѓе кои ќе ги спроведуваат неговите сфаќања за монетарната политика. Во најновата епизода од оваа борба, Врховниот суд на Америка одлучи да ги сослуша аргументите на Трамп во јануари идната година, овозможувајќи ѝ на Кук привремено да ја зачува својата служба.
Ако некој од читателите помисли дека овој случај е последица само на Трамповиот незгоден (популистички и диктаторски) карактер, тоа не е така зашто историјата нѐ учи дека централните банки во светот постојано мачат мака да ја зачуваат својата независност од политичарите на власт. Тоа подеднакво се однесува и на американската централна банка. Во продолжение ќе дадеме краток осврт врз најважните историски епизоди од борбата на ФЕД за независноста.
Во 1913 година, кога бил основан ФЕД, замислата на тогашните членови на Конгресот била дека тој треба да се раководи од јавниот интерес и да одлучува независно од личните, од приватните и од политичките интереси. Записниците од дискусиите во Конгресот покажуваат дека основачите на ФЕД биле најмногу загрижени за тоа како да ја изолираат централната банка од интересите на „кликата на банките“, Вол стрит, од „богатите луѓе“, од „неколкумина луѓе во Њујорк“ и слично. На пример, за да се спречи можноста ФЕД да работи во интерес само на некои сојузни држави, централната банка била составена од 12 регионални банки, а раководството на ФЕД немало контрола врз нив. Навистина, во тоа време, членовите на раководството на ФЕД биле назначувани од претседателот на САД, гувернерот на ФЕД бил главен извршен директор, а претседавач на ФЕД бил министерот за финансии. Меѓутоа, за да се спречи влијанието на претседателот на САД, раководството на ФЕД немало речиси никакви овластувања во однос на регионалните банки.
Првата голема битка за независноста на ФЕД започнала во 1935 година, за време на изработката и на донесувањето на Законот за банкарството, кога била укината автономијата на регионалните банки во рамките на ФЕД, а монетарната политика била централизирана. Оваа епизода е многу интересна зашто покажува колку е важна храброста (или кукавичлукот) на гувернерот на централната банка за зачувување на нејзината независност во односите со власта. Имено, нацрт-верзијата на Законот за банкарството била изработена од тогашниот гувернер на ФЕД, Маринер Еклс, кој во тоа време сметал дека монетарната политика треба да биде под непосредна контрола на претседателот на САД, односно дека централната банка не може да биде над човекот кој е непосредно избран од народот.
Инаку, две години претходно, претседателот на САД, Френклин Делано Рузвелт, користејќи ја големата економска криза како изговор, со помош на неколку закони привремено ја презел контролата врз монетарната политика, а Законот за банкарството од 1935 година требало да му овозможи целосно да го потчини ФЕД. Според предлогот на Еклс, мандатот на гувернерите на 12 регионални банки било предвидено да изнесува само една година, а претседателот на САД да може да го разрешува раководството на ФЕД кога ќе посака. Оттука ваквиот предлог би овозможил огромна политичка контрола врз централната банка, односно американскиот претседател би можел во секој миг да ги избрка „непослушните“ или „несимпатичните“ централни банкари, а на нивното место да си постави „свои“ луѓе (сонот на Трамп). И замислете, драги читатели, овие убиствени предлози не дошле од некој диктатор, туку токму од првиот човек на централната банка, кој по дефиниција би требало да биде најголемиот борец за нејзината независност!
Претставничкиот дом на Конгресот дискутирал 25 дена за нацрт-законот на Еклс при што тој доставил три амандмани кои би го направиле ФЕД уште повеќе потчинет на претседателот на САД. За време на дискусијата, речиси сите членови на Претставничкиот дом го поддржале нацрт-законот, а од повиканите дискутанти само двајца (еден политичар кој учествувал во основањето на ФЕД и прославениот економист Ирвинг Фишер) го критикувале предлогот на Еклс. На пример, Фишер сметал дека нацрт-законот му дава опасно овластување на ФЕД и пророчки изјавил дека еден ден тој ќе биде злоупотребен за некоја прикриена цел. И покрај тоа што седуммина пратеници објавиле малцински извештај против нацрт-законот, тој бил прифатен од Претставничкиот дом и бил проследен до Сенатот.
За разлика од поволниот прием во Претставничкиот дом, нацрт-законот наишол на остра критика во Сенатот на која се приклучиле и повеќе членови на раководството на ФЕД, директорите на повеќе регионални банки, претседателот на Американското банкарско здружение, па дури и министерот за финансии кој бил претседавач на ФЕД и човек на Рузвелт. Да биде иронијата поголема, додека првиот човек на ФЕД предлагал целата власт да му се препушти на претседателот на САД, министерот за финансии се залагал монетарната политика да ја води независна агенција која би била независна од сите надворешни влијанија, вклучувајќи ги Врховниот суд и претседателот на САД! Исто така голем критичар на предлогот на Еклс бил членот на раководството на ФЕД, Адолф Милер, кој предложил неколку решенија кои подоцна биле прифатени како дел од конечната верзија на Законот за банкарството (отстранување на министерот за финансии од раководството на ФЕД и законската одредба дека членовите на раководството можат да бидат отпуштени само „поради причина“). За време на дискусијата, Сенатот повикал дури 60 дискутанти и речиси сите го критикувале предлогот за ставање на монетарната политика под контрола на претседателот на САД и се залагале за политичка независност на ФЕД. На крајот, Сенатот ги отфрлил речиси сите предлози на Еклс и предложил закон кој ја гарантира независноста на централната банка.
Меѓутоа, ваквиот поволен закон воопшто не значел и крај на борбата за политичката независност на ФЕД. Навистина Рузвелт го тргнал министерот за финансии од ФЕД, но ги разрешил и шесте други членови на раководството. Тогаш Рузвелт повторно ги поставил Еклс и еден друг член во раководството на ФЕД и номинирал петмина нови членови со различна должина на мандатот. Така Рузвелт ја остварил својата намера и ФЕД продолжил да ја води монетарната политика во согласност со неговите барања, тесно соработувајќи со Министерството за финансии. Притоа, за време на Втората светска војна, ФЕД ги одржувал каматните стапки на ниско ниво, овозможувајќи САД да се задолжуваат по ниска цена. Се разбира, како последица на лабавата монетарна политика, по завршувањето на војната дошло до пораст на инфлацијата која достигнала 8 % во 1946 година и дури 14 % во 1947 година.
Како награда за верноста, Маринер Еклс бил награден со тоа што Рузвелт двапати (во 1940 и во 1944 година) го поставил за претседавач на ФЕД. По смртта на Рузвелт и доаѓањето на Хари Труман на власт, подлизуркото Еклс ја понудил својата оставка, но не во знак на протест или на несогласување со новиот претседател на САД, туку поради „чувството дека претседавачот на ФЕД треба да служи според волјата на претседателот“ (драги читатели, колку и да ви е одвратно ваквото однесување, треба да се признае дека човекот си останал доследен на своите понизни ставови). Труман, пак, ја одбил оставката и го оставил Еклс да си го доврши мандатот, а потоа поставил нов претседавач на ФЕД – Томас Мекејб.
На почетокот на 50-тите години од минатиот век, како реакција на високата инфлација, ФЕД, под водство на новиот претседавач Мекејб, започнал да ги зголемува каматните стапки и да го ограничува кредитирањето. Притоа дел од раководството на ФЕД, вклучувајќи го и Еклс, сметало дека централната банка треба да му служи на Министерството за финансии, односно да ја продолжи политиката на ниски каматни стапки.
Веројатно најпознатата битка меѓу власта и ФЕД се одиграла во 1951 година, кога Труман и министерот за финансии барале од ФЕД да ја поддржи фискалната политика. Така започнала отворена јавна дебата во која ФЕД се повикувал на своите законски овластувања, истакнувајќи ги важноста на довербата на јавноста во стабилната валута и спротивноста меѓу барањата на Министерството за финансии и задачите на централната банка. На еден состанок во Белата куќа меѓу Труман и неговиот министер за финансии, од една страна, и Федералниот комитет за отворениот пазар (едно од телата на ФЕД надлежно за секојдневното водење на монетарната политика), од друга страна, Труман побарал ФЕД да ги одржува каматните стапки на ниско ниво со цел да си обезбеди задолжување по ниски каматни стапки.
По состанокот, соработниците на Труман објавиле соопштение за печатот, изјавувајќи дека ФЕД се согласил со барањето на претседателот. Меѓутоа, поранешниот прв човек на ФЕД, „предавникот“ Еклс (кој останал во раководството на ФЕД), храбро му се спротивставил на Труман и истапил во одбрана на централната банка, објавувајќи дел од записникот од состанокот во Белата куќа од кој можело да се види дека ниту Труман отворено не побарал ниту ФЕД се согласил со барањата на министерот за финансии. Уште повеќе, во својата изјава за печатот, Еклс јавно се покајал за своите гревови од минатото, отворено признавајќи дека не бил доволно агресивен и дека требало да заземе поцврст став. Следниот ден Федералниот комитет за отворениот пазар упатил две писма, до министерот за финансии и до претседателот на САД, со објаснување на своите мерки за намалување на инфлацијата и со укажување дека политиката на министерот за финансии ќе ја поткопа финансиската стабилност на земјата. Потоа Министерството за финансии и централната банка објавиле заеднички документ (познат како Спогодба) дека Министерството за финансии и централната банка имаат различни задачи и дека ФЕД треба самостојно да ја води монетарната политика со цел да ја држи инфлацијата под контрола. По објавувањето на Спогодбата, претседателот на ФЕД, Мекејб, дал оставка, а на неговото место Труман го назначил помошник-министерот за финансии, Вилијам М. Мартин, веројатно со намера дека преку него ќе обезбеди контрола врз монетарната полтиика. Меѓутоа, раководството на ФЕД цврсто останало на ставот за антиинфлаторна монетарна политика, а со тоа се согласил и Мартин. На тој начин, благодарение на упорноста и на храброста, ФЕД успеал да ја одбрани својата независност.