Економија
СТРУЈАТА ВО ЕУ Е ДВОЈНО ПОСКАПА ОД ЦЕНАТА ВО САД И КИНА, ЕК предлага мерки за зголемување на енергетската независност на ЕУ
10.12.2025
Европската комисија денеска предложи Европски пакет за енергетски мрежи, со кој се превидува модернизација на постојната инфраструктура и создавање на т.н. „енергетски автопатишта“ со што ќе се овозможи ефикасен проток на енергија низ сите земји членки, поевтина чиста енергија и забрзување на електрификацијата.
Се проценува дека на овој начин ќе се придонесе за намалување на цените на енергијата и ќе се овозможи „прифатлив живот за сите Европејци“.
- Европскиот пакет за енергетски мрежи е повеќе од само политика. Тоа е наша посветеност кон инклузивна иднина, каде што секој дел од Европа ги жнее придобивките од енергетската револуција – поевтина чиста енергија, намалена зависност од увезени фосилни горива, безбедно снабдување и заштита од ценовни шокови, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција, Тереза Рибера при промоцијата на пакетот.
Според неа, тој ја симболизира решеност на ЕУ да ги надминеме предизвиците преку единство, давајќи вистински европски одговор на предизвиците кои се важни за континентот.
Еврокомесарот за енергетика и домување Ден Јоргенсен истакна дека вистински меѓусебно поврзан и интегриран енергетски систем е основа на силна и независна Европа.
- За да го постигнеме тоа, потребна ни е мрежа на енергетска инфраструктура од кабли, цевководи и мрежи што е модернизирана, целосно меѓусебно поврзана и што овозможува слободен и безбеден проток на чиста, прифатлива и енергија од домашно производство до секој агол од нашата Унија, рече Јорегесен.
Според него, денешниот предлог за заеднички европски енергетски проект го има токму тоа за цел – да обезбеди поддршка на прифатлив живот, економска конкурентност, безбедност и декарбонизација.
Комисијата оценува дека овој пакет означува нов пристап кон енергетската инфраструктура, со тоа што ќе донесе вистинска европска перспектива за инфраструктурно планирање, истовремено забрзувајќи ги процедурите за издавање дозволи и обезбедувајќи пофер распределба на трошоците во врска со прекуграничните проекти.
- Новиот пристап ќе овозможи најдобро искористување на нашата постоечка енергетска инфраструктура и, паралелно, ќе го забрза развојот на мрежите и другата физичка енергетска инфраструктура низ цела ЕУ, посочи ЕК.
Со пакетот се предлагаа и споделувањето на трошоците преку изградба на интегрирана прекугранична енергетска инфраструктура, здружување на инфраструктурните проекти и заедничко привлекување дополнителни инвестиции.
Денеска презентираниот предлог на Европската комисија сега ќе биде доставени до Европскиот парламент и Советот на ЕУ на усвојување на согласно законодавна процедура.
Европската комисија го предлага овој пакет врз основа на процените дека не е достигнато планираното ниво на меѓусебна енергетска поврзаност меѓу земјите членки, ниту пак ќе биде можно остварување на целите за поврзаност до 2030 година.
Ваквата состојба и зависноста од увозот на фосилни горива, имајќи предвид дека 98 отсто од целата нафта и гас што се користат во ЕУ се увезува, резултира со значително повисока цена на струјата во блокот, споредно со главните конкуренти – САД и Кина.
Така додека просечната цена на електричната енергија во ЕУ во 2024 година изнесуваше 0,199 евра за киловатчас, таа во Кина беше 0,082 евра, а во САД 0,075 евра.
Според ЕК, клучна причина за оваа разлика во цената е недоволното ниво на инвестиции во европската енергетска инфраструктура и нејзината недоволна интегрираност.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис