Економија

Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати и евтина работна сила, порача премиерот Мицкоски на партискиот конгрес

Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин – од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, порача премиерот Христијан Мицкоски на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Кавадарци.

Осврнувајќи се на економијата во својот говор пред присутните, Мицкоски рече дека државата мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз и да премине кон економија заснована на знаење, технологија и иновации.

- Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области: индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии – ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис-секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет. Домашните компании мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка: капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и стимули за раст. Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди – се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност, рече Мицкоски.

Зелената економија, како што посочи, не е идеолошки проект, туку државна потреба и мора да се инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да се намали зависноста и да се создаде нова економска динамика.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО