Економија
Редефинирање на улогата на технологијата во општеството Годишна конференција на МАСИТ „Recode Reality“
03.12.2025
Во Скопје денеска ќе се одржи конференцијата MASIT 2.0 – „Recode Reality”, организирана од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ.
Темата на конференцијата, како што соопштува организаторот, носи силна порака, односно потреба од редефинирање на улогата на технологијата во општеството, бизнисот и секојдневието.
Според претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, „Македонија има солидна телекомуникациска инфраструктура и стабилна интернет-покриеност, но дигиталната инфраструктура не е само технологија — тоа е и институционален и човечки капацитет. Тука имаме најмногу работа.“
На конференцијата ќе учестуваат водечки домашни и меѓународни експерти од областа на технологијата, телекомуникациите, сајбер-безбедноста, вештачката интелигенција, спортски медиумски платформи и дигиталната трансформација.
Организаторите најавуваат изјава за медиумите на претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски заедно со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска ќе учествува на панел-дискусијата на тема „Кој ќе ја кодира иднината? - Едукација, кадар и потребите на ИКТ индустријата“. На панелот ќе учествуваат и деканот на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р. Петре Ламески и деканот на Факултет за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), проф. д-р. Благој Ристевски.
На панелот „Connectivity 2030 - Иднината на телекомуникациите и дигиталната инфраструктура во Македонија“ ќе се обратат Горан Марковиќ, главен извршен директор во Македонски Телеком, Методија Мирчев, главен извршен директор во А1 Македонија и Брано Ѓуровиќ, главен извршен директор во One Macedonia (4iG).
На панелот „Како вештачката интелигенција го трансформира бизнисот“ ќе зборуваат Благица Трпезановска, генерален директор на Kuehne+Nagel Македонија, Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Club Македонија и Иво Павловски, креативен директор во Division маркетинг агенција.
Александар Манев, генерален директор на Кроација Осигурување - Друштво за неживотно осигурување АД Скопје, Михајло Борозанов, финансиски директор и член на УО на Макпетрол АД Скопје и Беркан Имери, извршен директор на ХАЛКБАНК АД Скопје ќе говорат на панелот „Како ефикасната употреба на податоците создава вистинска бизнис вредност“.
На последната панел-дискусија ќе говорат Горан Ковачев, директор на Фонд за енергетска ефикасност при Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, Иван Чорбев од Mожности за финансирање, пристап до финансии и образование кои ги нуди Европскиот Институт за иновации и технологија (ЕИТ), Боро Јакимовски, претставување на услугите на Центарот за дигитални иновации ДигитМак и Мухаммед Хаџи-Пази, извршен директор на ХАЛКБАНК АД Скопје.
МАСИТ годинава ја одбележува 25-годишнината од своето постоење и планира да ја зајакне својата улога како стратешки партнер на државата и бизнис-заедницата, со фокус на унапредувањето на јавните политики и застапувањето на интересите на ИКТ-индустријата, интернационализацијатa и подобро регионално позиционирање, како и поддршка за иновации, вмрежување и пристап до донаторски и европски фондови.
Извор/фото МИА