Економија
Францускиот Сенат се спротивстави на одложувањето на пензиската реформа
26.11.2025
Францускиот Сенат се спротивстави на планот на премиерот Себастиен Лекорну за одложување на непопуларната пензиска реформа.
Синоќа, 190 сенатори поддржаа амандман со кој се отстранува одложувањето од буџетот за социјално осигурување за следната година, додека 108 гласаа против. Националното собрание го одобри одложувањето на пензиската реформа две недели претходно.
Двата дома сега ќе мора да бараат компромис. Предлог-буџетот за социјално осигурување би се вратил во Националното собрание доколку не се постигне договор. Дури и ако се најде договор, двата дома ќе треба повторно да гласаат. Се очекува разговорите да започнат денеска.
Лекорну претходно изјави дека постепеното зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, усвоено во 2023 година, засега нема да продолжи, со што контроверзната реформа ефективно се одложува до по претседателските избори во 2027 година.
Без сопствено мнозинство во Националното собрание, премиерот посегна по социјалистите за да ја обезбеди нивната поддршка.
Сенатот, Горниот дом на Парламентот, има конзервативно мнозинство и неговата скептичност кон одложувањето на реформата не беше изненадувачка, коментира ДПА.
Ова гласање ја нагласува деликатната позиција со која се соочува малцинската влада на Лекорну додека се обидува да обезбеди поддршка и од левичарските и од десничарските опозициски партии.
Извор/фото МИА