Економија
Aмериканските царини „спречиле глобална економска депресија“, изјавил Доналд Трамп
06.11.2025
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека неговата администрација спречила глобална економска депресија со воведување царини, истакнувајќи ја важноста на случајот на Врховниот суд што се занимава со вонредните овластувања и царини на претседателот.
-Слушнав дека расправата поминала добро денеска, рече Трамп во интервју за Фокс њуз, додавајќи: „Би било катастрофално за нашата земја да го изгуби тоа. Катастрофално. Мислам дека е еден од најважните случаи во историјата на нашата земја“.
Врховниот суд на САД вчера започна со расправа за клучен случај во кој се оспорува употребата на вонредните овластувања од страна на Трамп за воведување широки царини, во спор што би можел да ги редефинира претседателските овластувања во трговијата.
„Доколку не ги воведев царините, целиот свет ќе беше во депресија. Бидејќи, знаете, тоа не беше закана за нас, туку закана за целиот свет. Го направив тоа за светот“, тврдеше тој.
Наведувајќи дека неговите царини за Кина се клучни за стабилизирање на глобалната економија, Трамп рече: „Можам да ви гарантирам дека ако веднаш не ставев царина од 100 проценти за Кина, целиот свет, на магнети, на ретки земни метали и така натаму, ќе беше блокиран.“
„Имавме многу успешна средба со претседателот Си Џинпинг на Кина и други. Без царините, тоа немаше да се случи“, додаде тој.
Царините, кои првично беа 10 проценти за многу земји, се зголемени на 50 проценти за повеќето производи од Бразил и Индија.
До крајот на фискалната година во септември, САД собраа 195 милијарди долари приходи од царини. Од февруари до септември, околу 176 милијарди долари влегоа во Министерството за финансии.
Во вторник, Трамп го опиша случајот како „буквално прашање на живот и смрт“ за земјата, нагласувајќи ја неговата важност за економската и националната безбедност.
Противниците на царините тврдат дека толкувањето на Законот за меѓународни економски овластувања (IEEPA) на начин што би му дозволил на претседателот еднострано да воведува глобални царини покренува уставни проблеми. Но, администрацијата на Трамп вели дека реципрочните трговски потези биле целосно легални.
Доколку судот го отфрли аргументот на Трамп, претседателот нема да може да го користи IEEPA за воведување царини во иднина.
Извор/фото МИА