Економија
ЕКОНОМИЈА | Владимир Филиповски: НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЕКОНОМИЈА ЗА 2025 ГОДИНА: ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ГЕНЕРИРАН ОД ИНОВАЦИИТЕ НИЗ ПРОЦЕСОТ НА КРЕАТИВНА ДЕСТРУКЦИЈА
Владимир Филиповски | Авторот е професор на Економскиот факултет Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2025г.
Според официјалната објава на Кралската шведска академија, добитници на Нобеловата награда за економија за 2025 година се тројца економисти за нивниот придонес во „објаснувањето на економскиот раст придвижуван од иновации“, и тоа: Џоел Мокир (Joel Mokyr) од Универзитетот Нортвестерн во САД – „за неговиот придонес во идентификувањето на предусловите за одржуван раст низ технолошки прогрес“; Филип Агион (Phillipe Aghion) од Колеџ де Франс и Школата ИНСЕАД во Франција, и Питер Хауит (Peter Howitt) од Универзитетот Браун во САД – „за нивниот заеднички придонес за теоријата на одржуван раст низ креативна деструкција“.
Мокир за интеракцијата меѓу науката и технологијата - историска преспектива
Нобеловецот Мокир го истражува економскиот раст од долгорочна историска перспектива. Тој забележува дека сè до првата половина на 18-тиот век, наместо раст, преовладувала економска стагнација. На пример, во периодот 1300 – 1700 година, економиите на Шведска и на Велика Британија речиси и да не оствариле пораст на БДП пер капита. Иако во тој долг период имало и значајни научно-технички пронајдоци (печатарската преса, Њутновите закони на физиката), растот бил од епизоден и краткорочен карактер. Растот, сфатен како континуиран и долгорочно само-одржувачки пораст на БДП и на животниот стандард, историски започнува со Првата индустриска револуција од 18-тиот век. Тогаш, економиите на водечките индустриски земји почнуваат да покажуваат долгорочно одржуван (sustained) раст од 1,5%-2%, што, иако нумерички скромно, значело дека за еден работен век (35 години), доходите на луѓето се удвојувале. Мокир смета дека тоа е резултат на радикалната промена во интеракцијата меѓу технолошките иновации и научниот прогрес. Тука е главниот придонес на Мокир – тој воведува дистинкција на два типа на општествено корисното знаење: научно (т.е. теориско-систематично) знаење (propositional knowledge) и инструкциско (т.е. практично-техничко) знаење (prescriptive knowledge). Научното знаење објаснува зошто нештата функционираат на начин на кој функционираат и се заснова на систематско, научно истражување на природните законитости. Инструкциското знаење објаснува како нештата функционираат и истото претставува збирка на технички прирачници, на „рецептури“, на инженерски скици. Научната револуција од периодот на 16-ти и 17-ти век и технолошките иновации од Првата индустриска револуција (парната машина на Џејмс Ват) претставуваа интерактивна синергија на научното и инструкциското знаење. Таа овозможила перманентен и одржуван прилив на корисно техничко знаење, односно технолошки иновации, кои се генераторот на одржлив економски раст. Мокир ја воведува синтагмата „индустриско просветителство“ за да ја опише интеракцијата помеѓу научната револуција (поттикната од Просветителството) и индустриската револуција – односно интеракцијата меѓу „мислителите“ и „занаетчиите“ - што ја создава основата на модерниот економски раст во Западниот свет од првата половина на 19-тиот век до денес.

Агион и Хауит за економскиот раст низ „креативна деструкција“
Основната рамка на анализата на нобеловците Агион и Хауит е економскиот раст базиран на иновации преку процес на т.н. „креативна деструкција“, концепт воведен од познатиот австриски економист, Јозеф Шумпетер. Во Шумпетеријанскиот свет, економскиот раст е генериран од нови идеи, од воведување иновации во форма на нови поквалитетни производи и нови поефиксни производни технологии. Без иновации, макроекономијата има тенденција кон постигнување статичка рамнотежа, кон стабилност на пазарите без динамизам и без раст. Спротивно, економскиот раст подразбира нарушување на постојната стагнантна рамнотежа и внесување на динамика преку процесот на креативна деструкција. Тој процес е креативен, бидејќи значи воведување иновации, нови производи и производствени методи, а истовремено е и деструктивен, бидејќи предизвикува нарушување на постојните производствени и технолошки структури, исчезнување на застарени производи, напуштање на пазарот од страна на старите фирми со застарени технологии, укинување на постојни работни места .
Мотив за воведување иновации е натпросечниот профит. Патентното право ѝ овозможува на иновативната фирма да остварува монополистички профити, т.е. ренти, како резултат на патентната заштита од конкуренцијата. Но, таквата заштита е привремена и не се однесува на случаи кога новите конкуренти воведуваат нови, подобрени производи. Од друга страна, монополистичките профити на постојните фирми-иноватори се силна привлечна сила за нови фирми аспиранти кои се во потрага по нови иновации.
Според Агион и Хауит, иновацискиот процес е како искачување по една скала на иновации. Секоја фирма настојува да се искачи на врвот на скалата, бидејќи тоа место обезбедува максимални монополистички профити, т.е. ренти (како екстрапрофит кој доаѓа како резултат на исклученост на конкуренцијата). Но, другите фирми-конкуренти, исто така, настојуваат да го заземат врвот и да ја одземат монополистичката рента од постојната топ фирма иноватор. За таа цел, конкурентите инвестираат во активности на Истражување и развој (И&Р) (анг. Research & Development, R&D) како предуслов за генерирање иновации. Постоењето на високи профити на врвот на скалата ги стимулира ваквите инвестиции. Но, растот на инвестициите во И&Р го забрзува темпото на иновации, т.е. го скратува просечното време за појава на иновации, што значи го скратува времето во кое во иднина новите топ фирми-иноватори би го уживале монополистичкиот профит. Ова пак, преку повратна врска, води кон намалување на обемот на инвестиции во И&Р и следствено, до успорување на иновациската динамика. Ваквата ситуација е едно од оправдувањата за државната политика на субвенции за инвестирањето во И&Р (на пример, преку даночни кредити).
Од друга страна, намалувањето на поттикот кај новите фирми за инвестирање во иновации отвора простор за постојните фирми да ја зацврстат својата доминантна позиција на пазарот и да преземат активности за обесхрабрување на новите конкуренти. Затоа, субвенционирањето треба да биде внимателно дизајнирано и комбинирано со друг вид државна интервенција: антимонополистичка (т.е. конкуренциска) политика.
Во моделот на Агион и Хауит вклучени се и позитивните ектерналии што ги носат иновациите од претходните иноватори во корист на денешните иноватори. Но, денешните иноватори не ги земаат предвид добивките што идните иноватори ќе ги остваруваат од денешните иновации. Затоа, приватните фирми недоволно (општествено подоптимално) инвестираат во иновации. Во овој случај, државните субвенции се инструмент преку кој дел од идните општествени (т.е. екстерни) користи се „враќаат“ (интернализираат) кај денешните приватни иноватори. Од друга страна, Моделот на креативна деструкција некогаш значи дека новите фирми иноватори имаат за цел сосема да ги отстранат од пазарот застарените неконкурентни производи и производни процеси на старите фирми иноватори, притоа одземајќи го целиот нивни профит. Оттаму, новата фирма иноватор го потценува фактот дека старите иновации задржуваат дел од својата општествена вредност, па новиот иноватор очекува многу повисоки приватни добивки од својата иновација отколку што е нејзината општествена додадена вредност, па затоа инвестира во И&Р повеќе отколку што е општествено рационално.
Придонесите на нобеловците Агион и Хауит укажуваат и на потенцијалните предизвици што произлегуваат од креативната деструкција, како што се: општествено подоптимално ниво на инвестиции во иновации; висока концентрација на пазарна моќ кај мал број големи фирми и значајна стапка на деструкција на работни места. Затоа, постои потреба од државна интервенција во три насоки, со цел создавање услови за оптимално функционирање на процесот на креативна деструкција како генератор на економскиот раст: прво, внимателно дизајнирана политика за субвенционирање на инвестициите во И&Р; второ, антимонополистичка политика насочена кон ограничување на преголемата доминација на пазарот на мал број големи фирми, што води кон успорување на иновациските процеси; трето, бидејќи иновациските процеси доведуваат до создавање „добитници и губитници“, потребни се соодветни политики за социјална заштита таргетирани кон работниците, а не кон работните места кои исчезнуваат во процесот на иновации и на креативна деструкција.
Креативната деструкција – големи развојни можности и големи општествени предизвици
Јозеф Шумпетер, во првата половина на 20-тиот век, ја промовирал идејата за процесот на „креативната деструкција“, како „фундаментална внатрешна сила која ја револуционизира економската структура на капитализмот и ја одржува во живот капиталистичката машина“ . Но, Шумпетер ја согледал и контроверзноста на тој процес, бидејќи креативните иновации, слично како што ги уништиле институциите на феудалното општество, ги поткопуваат и институциите на самиот капитализам. Нобеловците Агион и Хауит успеале идејата за Креативна деструкција да ја трансформираат од метафоричен наратив во ригорозен економско-математички модел. Тоа овозможува подобро разбирање на новите деловни можности, но и на „разорните ефекти“ од тектонските технолошки промени кои ги живееме денес. На пример, вештачката интелигенција отвора претходно незамислив простор за иновации, за интеракција на научното и инструкциското (практичното) знаење и за економски раст. Но, истовремено, таа може да доведе до концентрација на пазарна и на институционална моќ и со тоа да ги задуши мотивот за иновации и динамизмот на пазарната конкуренција, како и да доведе до голема нееднаквост во распределбата на економските ресурси во општеството, што може да предизвика значајни социјални и политички последици. Процесот на Креативната деструкција бара отвореност на општеството кон промени, но истовремено и институции кои ќе ги решаваат потенцијалните општествени конфликти што ги носи тој процес.