Економија
Сиромаштијата кај пензионерите е зголемена од 7,7% на 11,3%.
16.10.2025г
Иако официјалните податоци покажуваат мало намалување на стапката на сиромаштија во земјава, структурните проблеми остануваат речиси исти. Најпогодени се домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца — категории кои со години се во „маѓепсан круг на сиромаштија“, предупредува Државниот завод за статистика. Според најновите лаекенски индикатори, сиромаштијата во 2023 година изнесува 22,2%, што е намалување за 0,7 процентни поени во споредба со 2022 година. Но, и покрај позитивниот тренд, реалноста за големите семејства останува тешка: ограничен доход, повисоки трошоци и постојани депривации.
Директорот на ДЗС, Дејан Станков, нагласува дека причините се повеќедимензионални и бараат посеопфатни политики, кои ќе ги надминат класичните социјални трансфери. „Очекуваме идните мерки да ги земат предвид овие категории,“ истакнува тој. Додека просечната сиромаштија во ЕУ е 16,2%, Македонија останува далеку над европскиот просек — што ја отвора дилемата дали постојните мерки навистина ја таргетираат ранливоста таму каде што најмногу боли.
Во последните четири години, сиромаштијата кај пензионерите е зголемена од 7,7% на 11,3%. Владата најавува корекции на пензиите, но аналитичарите предупредуваат дека без пошироки реформи ефектот ќе биде краткотраен.
Целата анализа прочитајте ја на следниот ЛИНК