Економија
АНАЛИЗА | Митко Јовановски: Домаќинствата со повеќе членови во „маѓепсаниот круг на сиромаштија“!
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2025г.
По пауза од три години објавена најновата статистичка слика за нивото на сиромаштија во Македонија
Државниот завод за статистика, по временска пауза од три години, ги објави податоците за лаекенските индикатори за сиромаштијата за 2023 година. Важноста од споделување на овие податоци беше истакната од директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, кој на социјалните мрежи ја објави најновата статистичка вест. „Претходно овие важни податоци не биле објавувани три години, што значело недостаток на податоци дома и голема забелешка во Извештајот на Европската комисија за напредокот на поглавјето 18 – Статистика“, напиша Станков.
Сега, како што објасни тој, таквиот однос се менува благодарејќи на тимот кој за 12 месеци обработи податоци за 3 референтни години (2021, 2022 и 2023), но и ги подготви трансмисиските табели до Евростат и го заврши процесот на валидација на податоците. Податоците за сиромаштијата во Македонија за „пропуштениот“ период ќе бидат објавени и од страна на Евростат.
− Еден од предизвиците со кој се соочивме во изминатиов период беше да се надоместат претходните доцнења во објавувањето на официјалните статистички податоци, дел предизвикани од објективни, дел од субјективни причини. Важни податоци за македонската економија не биле објавувани и не биле доставувани до меѓународните институции, што значело недостиг на податоци за носителите на политики и на јавноста, а имало влијание и на оценката за напредокот на поглавјето 18 – Статистика − во Извештајот на Европската комисија, изјави Станков во разговорот за Економија и бизнис.
Стапката на сиромаштија во Македонија во 2023 година, според Анкетата за приходите и условите за живеење, изнесувала 22,2 %. Споредено со другите земји, стапката на сиромашни лица во земјите од регионот е на слично ниво како и во Македонија. Имено, процентот на сиромашни лица во Албанија изнесува 22 % (податок за 2021 година), во Црна Гора 20,3 % (податок за 2022 година), додека во 2023 година во Турција стапката на сиромаштија изнесува 20,7 %, а во Србија 19,9 %. Во земјите во регионот, кои се членки на Европската Унија, стапката на сиромаштија во Бугарија изнесува 20,6 %, во Хрватска 19,3 %, во Грција 18,9 %. Просечната стапка на сиромаштија на ниво на Европската Унија изнесува 16,2 %, покажуваат споредбените анализи на ДЗС.
− Во 2023 година бележиме намалување на стапката на сиромаштија за 0,7 процентни поени на годишно ниво (во споредба со 2022 година), но таа остана на високо ниво. Во 2021 година е забележан значителен раст на стапката на сиромаштијата на годишно ниво, и тоа за 1,2 процентни поени, кога стапката на сиромаштија изнесувала 23 %, пред сè како резултат на пандемијата. Од аспект на сиромаштијата, тогашните политики за поддршка на доходот на населението во услови на криза поради ковид-19 имале одреден ефект врз ублажувањето на последиците, но не влијаеле во доволна мера за да се задржи нивото на сиромаштијата. Од денешен аспект, носителите на политики се исправени пред предизвикот за справување со последиците, меѓу кои е и креирањето мерки и политики што влијаат врз намалувањето на сиромаштијата, вели Станков.
Очигледно дека намалувањето на сиромаштијата е предизвик за сите земји од регионот. Сепак, вредно е да се напомене дека ова е релативен индикатор и теоретски и практично тој не може да се сведе на нула, нагласува нашиот соговорник. Секогаш ќе има домаќинства со доход понизок од дефинираниот праг на сиромаштијата кој изнесува 60 % од медијалниот доход.
Директорот на Државниот завод за статистика дава и појаснување за разликата меѓу стапката на сиромаштија и коефициентот Џини, кој во 2023 година изнесува 30,3 %.
− Коефициентот Џини е мерка што вообичаено се користи за да се оцени нееднаквоста на доходот на домаќинствата. Поконкретно, коефициентот Џини го мери степенот до кој отстапува дистрибуцијата на доходот на домаќинствата од совршено еднаквата дистрибуција, односно ситуација во која секое домаќинство би располагало со ист доход. Во 2023 година е забележан пораст на нееднаквоста за 0,5 процентни поени на годишна ниво и, практично, коефициентот Џини се врати на нивото од 2021 година. Од земјите од регионот, Турција има највисока стапка на нееднаквост на доходот од 44,2 %, потоа Бугарија од 37,2 %, Србија 31,7 %, Грција 31,8 %, додека во Албанија оваа стапка изнесува 33 % (податок за 2021 година), Црна Гора 31,5% (податок за 2022 година). Споредено со земјите од регионот, македонската економија бележи донекаде порамномерен распоред на доходот гледано според коефициентот Џини, слично на нивото од просекот во ЕУ (29,6 % во 2023 година), појаснува директорот Станков.
Меѓутоа, ако се споредуваат стапките на сиромаштија во изминативе години, стапка на сиромаштија по тип на домаќинство, забележливи се повисоки стапки кај домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. На што се должи ваквата висока сиромаштија кај овие категории?
− Стапката на сиромаштија кај домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца е значително повисока од вкупната стапка на сиромаштија. Овие домаќинства располагаат со релативно ограничен доход во однос на повисоките потреби за сите членови на домаќинствата. Анализирајќи ги серијата податоци за повеќе години може да заклучиме дека стапката на сиромаштија кај овие домаќинства е значително висока во континуитет низ годините. Кај овие домаќинства е забележана состојба на т.н. маѓепсан круг на сиромаштија при што има кумулирање на депривации, а причините за високата стапка на сиромаштија се повеќедимензионални. За очекување е дека идните мерки и политики ќе ги земат предвид овие констатации, вели Станков.
Во последниве четири години има и висок раст на стапката на сиромаштија кај пензионерите – од 7,7 во 2019 година на 11,3 отсто во 2023 година. За тоа какви се „статистичките“ очекувања за движењето на овој индикатор, директорот на Државниот завод за статистика дава своја оцена.
− Токму така, во 2023 година стапката на сиромаштија кај пензионерите е значително повисока во споредба со 2019 година. Во таа насока добро е што Владата навремено го согледа овој предизвик и со зголемувањето на пензиите очекувам дека стапката на сиромаштија кај пензионерите постепено ќе се врати на нивото од 2019 година. Сепак, за истакнување е фактот дека споредено со вкупната стапка на сиромаштија, континуирано, стапката на сиромаштија кај пензионерите е значително пониска, нагласува Станков.
Во најновите податоци за сиромаштијата за 2023 година се забележува и високата разлика на стапките на сиромаштија пред и по исплатата на социјалните трансфери. Но, како што објаснува директорот на ДЗС, стапките на сиромаштија пред исплатата на социјалните трансфери континуирано е повисока од стапката на сиромаштија по исплата на трансферите како во нашата земја така и во останатите земји. Конкретно, во 2023 година, стапката на сиромашни лица пред трансфери (социјалните трансфери и пензиите) кај нас изнесува 40 %, а трансферите влијаат во насока на намалување на вкупната сиромаштија за 17,8 проценти поени. За споредба, стапката на сиромаштија пред трансфери (социјалните трансфери и пензиите) во Европската Унија изнесува 42,9 %. Во сите земји во регионот социјалните трансфери и особено пензиите значително влијаат за намалување на стапката на сиромаштија. Очекувањата на директорот на Државниот завод за статистика се дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.