Најновото истражување на Европската комисија за патувања (ETC) за расположението за патување во Европа покажува рекордни нивоа на интерес, при што 82 проценти од Европејците планираат да патуваат ова лето.
Сепак, за оние кои планираат понатамошни патувања надвор од Европа, консултантската компанија Teneo известува за нагло зголемување на цените на авионските билети, особено на линиите меѓу Европа и Азија.
Анкетата покажува дека зголемувањето на цените, дури и за најниските просечни економски тарифи, достигна 24 проценти во споредба со минатата година – највисок просечен раст во последните пет години.
Минатата недела, Европската комисија се вклучи во дебата за тоа дали на авиокомпаниите им е дозволено да им префрлаат дополнителни такси на патниците кога цените на горивото се зголемуваат.
„Секој што продава авионски билети секогаш мора да ја прикаже конечната цена што ја платил патникот. Ова ги вклучува сите неизбежни и предвидливи даноци, такси и трошоци. Додавањето на доплата за гориво откако ќе се купи билетот не може да се оправда“, рече портпаролот на Комисијата.
Само овој месец, околу 13.000 закажани летови беа откажани од глобалните авиокомпании. Чувствувајќи ја растечката загриженост, „Бритиш ервејс“ ја објави својата „гаранција за одмор“, која им ветува на патниците дека цената што ја плаќаат во моментот на резервација ќе остане фиксна, дури и ако цените се зголемат подоцна.
Бритиш ервејс, исто така, ветува дека сите нивни патнички пакети се заштитени од системот ATOL. Исто така, постои опција да се плати депозит за резервација на патување, а остатокот да се плати подоцна, без ризик од зголемување на цените по резервацијата, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис







