Кинескиот претседател Си Џинпинг ја нагласи пораката за соработка и партнерство во своето воведно обраќање на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг. Во разговорите со американската делегација, Си ја изложи својата визија за односите меѓу двете земји.
Си започна со напоменување дека светот минува низ „испреплетени турбуленции и трансформации“ и „длабоки промени“.
„Може ли Кина и Соединетите Американски Држави да ја надминат таканаречената Тукидидова стапица и да воспостават нов модел на односи меѓу големите сили; можеме ли да ги здружиме силите за да се справиме со глобалните предизвици и да донесеме поголема стабилност во светот; можеме ли да ги исполниме очекувањата на нашите два народа и да одговориме на прашања за иднината и судбината на човештвото и заеднички да создадеме светла иднина за нашите односи – ова се, може да се каже, историски прашања, прашања на светот и прашања на народот“, рече тој.
Тукидидовата стапица е термин што се повеќе се користи во дискусиите за меѓународните односи и геополитиката. Тоа е концепт што опишува конфликт помеѓу доминантна сила и сила во подем, а се базира на историското дело на грчкиот историчар Тукидид.
Во своето дело „Историја на Пелопонеската војна“, тој објаснил дека стравот на Атина од подемот на Спарта бил главната причина за војната што избувнала во 5 век п.н.е. Според размислувањето на Тукидид, кога една држава брзо расте и почнува да ја загрозува позицијата на постојната доминантна сила, стравот, несигурноста и недовербата стануваат речиси неизбежни.
Доминантната сила често се стреми да го одржи статус кво, додека новата сила се стреми кон зголемување на просторот и влијанието. Оваа динамика создава спирала на непријателство и често завршува со вооружен конфликт. Терминот „Тукидидова стапица“ беше популаризиран во 2017 година од американскиот политиколог Греам Алисон во својата книга „Осудени за војна“.
Имено, тој анализирал шеснаесет историски случаи во кои имало конфликт помеѓу доминантни и сили во подем. Дванаесет од тие случаи завршиле со војна, додека само четири биле решени мирно. Најчестата примена на овој концепт денес се однесува на односот помеѓу Соединетите Американски Држави и Народна Република Кина, пренесуваат медиумите во светот.
Фото Економија и бизнис








