Навременото прилагодување на глобалните индустриски текови е од приоритетно значење за македонските преработувачки капацитети кои подолго време се носат со последиците од ниската продуктивност и намалената конкурентност со што стануваат и поизложени на надворешните економски кризи. Ранливоста на домашната индустрија се почувствува и со последната „Царинска војна“ меѓу САД со Кина и со Европската Унија, односно со кризата во автомобилската индустрија која најдиректно се одрази и на Германија која е нашиот најголем надворешнотрговски партнер.
Заостанувањето на европските компании во глобалната конкуренција ја принуди Европската комисија да го претстави минатиот месец новиот индустриски план со кој се воведува „европскиот преференцијален третман“ кој треба да ги подобри состојбите во трите стратешки сектори: чисти технологии, автомобилскиот сектор и енергетски интензивни индустрии како што се алуминиум, челик и цемент. Овој потег на ЕК доаѓа откако 200 000 работни места се изгубени во енергетски интензивните индустрии и автомобилската индустрија во Европа од 2024 година. Доколку не се преземат посериозни промени во индустрискиот сектор, предвидувањата се дека во оваа деценија ќе бидат изгубени илјадници работни места само во автомобилскиот сектор. Воведувањето на ознаката „Произведено во Европа“, која подразбира вклучување на поголем процент на европски компоненти, претставува одредница во кој правец ќе се движи глобалната економија во време кога се случуваат сериозни економски шокови поврзани со нарушените синџири на снабдување и долгогодишната енергетска криза која е засилена со последниот нафтен шок.
Ефектите од надворешните индустриски промени на македонската економија се повеќе од предупредувачки за што говорат и податоците на Државниот завод за статистика за пад на индустриското производство во февруари 2026 година за 4,2 % во однос на февруари 2025 година. Во овој набљудуван период, највисоко намалување на производството има во секторот Рударство и вадење камен во кој е забележан пад од 9,6 %, во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓањето на производството е за 17,2 %, додека секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 1,9 %. Најизложени беа одделите за производство на облека со намалување од 5,4 %, производство на машини и уреди за 13,5 %. Во истиот период имаме и намалување на бројот на работниците во индустријата за 3,4 %. Ова е само продолжување на неповолните трендови во вработеноста во позначајните сектори (енергетика, рударство, преработувачка индустрија) кои бележат негативни индекси на работници во изминативе девет месеци. Сликата за домашното индустриско производство е прилично неповолна ако се има предвид дека во претпандемиската 2019 година индексите на работниците во индустриските сектори бележеа раст од десетина проценти.
Првата индустриска политика
Во изминатиов период, индустрискиот сектор беше важен темел на македонската економија со кој се одредуваа и интензитетот и нивото на економски раст, обемот на инвестициите, извозот, вработувањето, иновациите, продуктивноста и висината на додадена вредност. Поради важноста за економскиот развој беше усвоена првата Индустриска политика за периодот 2009 − 2020 година, која претставуваше и институционален одговор на економската и на финансиската криза од 2008 година што го преобликуваа економскиот амбиент во светот. Основна цел на овој развоен документ требаше да биде зголемување на конкурентноста на домашната индустрија базирана на знаење, на иновации и на истражувања кои водат кон раст и развој, создавање стимулативна деловна и инвестициска клима и поддршка на претпријатијата за подобрување на нивните конкурентни способности со стекнување знаења, нови технологии и пазари. Индустриската политика на Македонија до 2020 година беше во согласност со индустриската политика на ЕУ. Тогашната развојна индустриска визија се состоеше во поттикнување на македонската индустрија кон создавање производи и услуги со повисока додадена вредност базирани на знаење, на иновации и на соработка. Според оваа политика, Македонија требаше да развие динамичен спој на одржливи и на автентични индустрии како: органско вино и храна, екочелик, еколошко градежништво, креативни индустрии, информатички и комуникациски технологии, медицинска опрема и услуги, автентичен туризам и други индустрии.
Со истекот на временската рамка се наметна потребата од ревидирање и од ажурирање на претходната индустриска стратегија. Во новата Индустриска стратегија на Република Македонија 2018 − 2027 година беа нотирани слабостите на претходната индустриска политика која беше „широка и генеричка“. Актуелната стратегија акцентот на индустрискиот развој го става на преработувачката индустрија бидејќи се смета дека таа е од клучно значење за зголемување на растот, на продуктивноста, на висококвалитетните работни места, на иновациите, на извозот, на циркуларната економија итн.
Развојот на индустријата треба(ше) да се одвива преку дејствување во пет области: меѓународна соработка и поттикнување на странски директни инвестиции (СДИ); применети истражувања, развој и иновации; eколошки производи и услуги за одржлив развој; развој на мали и на средни претпријатија и претприемништво и соработка на компаниите во кластери и во мрежи. Креаторите на индустриската политика ја потврдија важноста на преработувачката индустрија за економскиот развој и поради тоа што процесите во преработувачкиот сектор често пати се потпираат на ресурсите на услужниот сектор.
Нови индустриски цели
Во Индустриска стратегија се нотирани податоците со кои се дава и приказ за структурата на македонскиот извоз кој ја одредува и силината на домашните компании на надворешниот пазар. Околу една третина од извозот на стоки се состои од земјоделство, од минерали и од метали. Поголемиот дел од земјоделскиот извоз се непреработени стоки како што се јаболки, праски и сливи. Иако произведените стоки доминираат во извозот на стоки, тие остануваат на долниот праг во однос на интензитетот и на квалитетот на производната технологија. Поради релативно неразновидната извозна кошничка, македонската економија е многу ранлива на надворешните шокови. Извозот на земјава не е само неразновиден туку е и еден од најмалку софистицираните во регионот. Големите претпријатија, и покрај нивното незначително учество во структурата според бројот на претпријатија (3,0 %), оствариле 74,2 % од вредноста на надворешната трговија во секторот. Покрај тоа, околу половина од вкупната вредност на извозот и увозот бил концентриран на првите 100 претпријатија, меѓутоа повеќе од 50,0 % од вредноста на надворешната трговија била концентрирана во првите 10 претпријатија. Во актуелниот индустриски развоен план, документ, се споменува и неповолната регионална индустриска слика во Македонија. Најголем обем на извоз е регистриран од Скопскиот Регион, 53,1 %, а претпријатијата од овој регион, исто така, имале најголемо учество во увозот со 68,6 %, се наведува во анализата во индустрискиот стратегиски документ.
Овие сознанија ја зајакнуваат итната потреба од иницијативи за нови политики со цел проширување на извозната база. Истата анализа покажува дека во структурата на извозот доминираат претпријатијата кои ги извезуваат своите стоки на пазарот на ЕУ и дека индустрискиот сектор има најголем удел од бројот на претпријатија и генерираната вредност. ЕУ, исто така, се истакнува како најатрактивен пазар и за увоз. Во структурата на вредноста, претпријатијата од секторот Индустрија кои увезуваат од пазарот на ЕУ имале најголемо учество од 54,6 %. Придобивките од странските директни инвестиции беа привлечени благодарение на погодностите за инвестирање и на создавањето на технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ се значајни во однос на отворањето на нови работни места, интеграцијата во регионалните и во глобалните вредносни синџири и зголемената софистицираност на извозот, но сепак податоците укажуваат на тоа дека СДИ во Македонија создале само ограничени напредни врски со домашните фирми и создале „енклави“ со високопродуктивни и интегрирани фирми во рамките на ТИРЗ). Зајакнување на темелите на преработувачката индустрија се наведува како прва стратегиска цел во актуелната индустриска политика чија „употреба“ истекува во 2027 година. Целењето на активностите требаше да биде на секторите и на активностите со повисока додадена вредност за да ѝ се овозможи на земјава да се надогради на единствените можности и компаративни предности кои постојат во земјава. Како мерки беа предвидени: зголемување на капитални инвестиции и приходи, поддршка на компании кои ја зголемуваат нивната конкурентност на нови пазари; освојување на нови пазари и зголемување на продажбата; програми за МСП со финансиска помош за брзорастечки компании и дополнителна финансиска поддршка за микро претпријатија, како и за подобрување на иновациите.
Активна поддршка за извозот
Во изминатава деценија, земјава беше систематски промовирана преку значителни напори наменети за привлекување на СДИ. Анализите покажуваат дека Македонија бележеше релативно високо ниво на приливи на СДИ, вклучително и во преработувачката индустрија, од кои голем дел се влеаја во технолошко и во индустриските развојни зони, како и во напуштените индустриски локации (браунфилд локации), вклучувајќи ги, меѓу другите, и потсекторите за автомобилска индустрија, текстил и облека. Планот за економски раст генерално се однесуваше на привлекување на инвестициите со одобрување на повеќе фискални ослободувања.
Меѓу другите стратегиски цели на индустриската политика се посочуваат зголемување на продуктивноста, на иновациите и на трансферот на технологии преку зајакнување на институционалната основа за трансфер на технологии, зајакнување на врските меѓу странските инвеститори и домашните преработувачи.
Во која насока ќе се одвиваат евентуалните промени во новата македонска индустриска политика ќе зависи од многу внатрешни и надворешни фактори. Најверојатно таа ќе биде надополнета и со ширењето на зелената индустрија и на зеленото производство, што ќе претставува суштинска разлика во однос на претходните стратегии. Се чини, многу повеќе ќе треба да се посвети внимание на позасилена и на активна поддршка за извозот воопшто. Мерките треба да се однесуваат на зајакнување на СДИ и на извозот преку економска дипломатија и поддршка за освојување нови пазари и зголемување на продажбата, исполнување на меѓународните стандарди и преку зголемување на пристапот на преработувачите до фондовите за конкурентност и за иновации.
Економија и бизнис, 15 април 2026
Пишува: Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис












