Грција има амбиција да одигра клучна улога во енергетиката и поврзаноста преку развој на инфраструктури, како што е Вертикалниот коридор, што ќе ја направи центар за увоз и транспорт на енергија и други производи кон Балканот, Централна и Источна Европа – посочи грчкиот претседател Константинос Тасулас при пристигнувањето на самитот на Европската политичка заедница во Ереван, јави дописничката на МИА од Атина.
Тасулас нагласи дека денешниот самит се одржува во критичен момент за Европа и светот и се осврна на континуираните конфликти во Украина и на Блискиот Исток, кои „продолжуваат да ги ставаат во опасност меѓународниот мир, економскиот развој и енергетската безбедност во целиот свет“.
– Во ова неповолно опкружување, Европа како целина е повикана да бара решенија што ќе ги унапредат единството и нејзината стратешка автономија, со посветеност на принципите на демократијата, на владеењето на правото, човековите права и почитта кон меѓународното право. Во овој контекст, на денешниот самит ќе имаме можност да разговараме за заштитата на нашиот заеднички европски дом, на демократските институции и на клучните инфраструктури од разните хибридни закани што може да ја стават во опасност кохезијата на нашите општества – порача Тасулас.
Дополнително, додаде дека очекува конструктивни дискусии што ќе придонесат за продлабочување на соработките и унапредување на мирот во корист на земјите и народите.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








