Општество

КОЛУМНА | ИВОР МИЦКОВСКИ: Трамп против Харвард: макартизам врз знаењето и вистината

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Веќе пишував дека културната војна на Трамп против Харвард не е само судир на моќ меѓу администрацијата и најстариот универзитет во Америка туку и обид да се наметне државно знаење преку бирање подобни идеи, поставувајќи ограничувања и „шини“ на знаењето и на образованието, на тој начин инсталирајќи конформизам кон доминантното мислење преку државни догми и канони кои би требало да произведат една нова културна легитимација.

Трамп се обидува да наметне едноумие врз американските образовни и културни институции отстранувајќи ги сомнежот, интелектуалната и критичката мисла, со цел да наметне една „државна“, припитомена, ампутирана и комформирана мисла. Со други зборови, Трамп сега се нафаќа со најамбициозниот проект на неговото владеење: да ја преземе и да ја модифицира културната агенда на целата земја.

Забраната за странски студенти да се запишуваат на Харвард, па дури и да се бркаат оние веќе запишаните кои може да бидат депортирани од земјата, отвора една сосема нова и драматична страница во оваа културна војна против академијата, елитите и знаењето. Ова веќе и во праксата и во теоријата наликува на макартизам, односно на еден параноичен национализам кој денеска владее со Америка. Но, вреди да се потсетиме дека сенаторот Макарти беше само претседател на една парламентарна комисија, додека Трамп е претседател на САД.

Политичката цел е да се направи „чистка“ во еден од најпрестижните универзитети на светот откако веќе му се исекоа федералните фондови. А ништо не е повеќе космополитско и транснационално од светот на универзитетите, знаењето и истражувањето, додека ветото врз странските студенти, обвинети за антиамериканизам, е најнасилниот акт на Трамповата администрација врз една од најважните американски институции, онаа задолжена за овековечување на знаењето и на културата преку која самата цивилизација се пренесува себеси и се одржува и се надградува низ времето.

Со затворањето на Харвард за странските студенти, американската влада, всушност, удира врз трите цели на Трамп: академскиот свет, „странците“ и врз автономниот и бунтовен дух на генерациите студенти кои од страна на Белата куќа се видени како извори на прогресивната инфекција, на антиамерикански вирус, и на „разбудената“ зараза. Тоа што дополнително загрижува е што, и покрај судската блокада на Трамповата директива, таквите одлуки извршната власт повеќе не ги почитува и не ги применува. Поделбата на власта, системот на тежи и на контратежи, кои се основата на американската демократија, се претворени во виртуелни инструменти и механизами затоа што извршната власт повеќе не ги почитува одлуките на судската власт.

Рушејќи ја железната ограда на Харвард, Трамп остварува една многу поамбициозна и екстремна цел, а тоа е спроведувањето на една вистинска културна фрактура во име на идеологијата, притоа уништувајќи го споделеното знаење кое е вистинскиот лепак на националната обединетост и на идентитетскиот континуитет. Така се уништува самосвеста на една земја, самопрепознавањето кое ја правеше Америка единствена во историскиот процес, настрана сите политички или општествени разлики. Десницата или „тупаницата“ на Трамп мораа да ја срушат оваа бариера, да ја скршат културната обединетост затоа што тоа е клучниот чекор во неговите напори да спроведе вистинска револуција.

Само така може да се создаде нов когнитивен судир за реалностите на светот, да се реформулираат критериумите врз чија основа се вреднуваат настаните и се судат феномените, особено откако популизмот веќе ги сруши западните канони кои, само до вчера, со мала доза и на автоилузија, ги сметавме за универзални. Овој судир е критичен и драматичен затоа што од него ќе зависи реформулирањето на реалноста, како и кој ќе ја извршува и ќе ја спроведува културната моќ за идното именување на нештата, во услови на една нова доминација, воспоставувајќи модерна хиерархија, за на крај да се дојде до сосема ново и извртено конципирање на поимите на доброто и на злото, овој пат според догмите на сувренистичката логика и етика.

Денеска не се наоѓаме пред некаква научна дијатриба и интелектуален судир во рамките на еден препознаен, признаен и прифатен систем каде што за сите владее и важи законот на гравитација или, пак, каде што конвенционално сите прифаќаме дека два плус два е еднакво на четири без оглед на режимот кој владее, во секое време и под секакви услови. Напротив, сега се соочуваме со еден вид табула раса, со обид за менување на Питагорејската теорема на системот, нејзината азбука и алгебра, преку менување на методот на вреднување и на пресметување на реалноста, алтерирајќи ја нејзината перцепција преку ништење на фактите и уништување на збирот од процедури, институции и норми благодарение на кои вистинитоста на нештата можеше да биде утврдена, верифицирана, конкретизирана и објективизирана.

Но, токму затоа што неоавторитарната моќ не е способна да ги побие засебните вистини, таа се нафаќа со својот суверенистички и инквизициски пресврт при што директно ги напаѓа агенциите кои ги произведуваат таквите вистини, загадувајќи го директно изворот на знаењето, еднаш и засекогаш. На тој начин се делигитимира когнитивниот авторитет на демократскиот систем, се минира институционалниот поредок на знаењето, се руши природното создавање на спонтани вистини, се намалува интелектуалната автономија и се девалвира научниот метод. Конечната цел е да се намали дијаметарот на знаењето за да се пресуши општествениот конструкт кој овозможува воопшто да се постигне вистината и таа да биде подеднакво гарантирана за сите.

Идејата е да се коригира американското заедничко чувство и тоа да се зајакне во насока на новите екстремистички и авторитарни критериуми на десницата, да се пласира нов модел на знаење преку официјално ограничување на интелектуалната слободата на граѓанинот, да се создаде едно идеолошко набиено, догматско или ортодоксно мислење или едноумие кое потоа ќе се наметне во училиштита и на универзитетите. И конечно, да се нападнат образовните институции и особено универзитетите како центри на прогресивниот либерализам и активизам, виновни за ширење на прогресивни идеи, критичка мисла и иницијативи кои промовираат и привилегираат различност, правичност и инклузивност.

Но, идејата на Трамп оди и многу подалеку од образовните институции и се однесува на севкупната американска култура на која ѝ се наредува да се униформира и потчини, како гласот на граѓаните и победата на изборите, покрај тоа што го сместиле на власт, да му дале за право да ја смести и неговата неоавторитарна идеологија во материјалниот Устав на земјата. Трамп, всушност, спроведува промена на режимот, но во негативна конотација. За Трамп вистинскиот непријател не доаѓа однадвор, туку однатре, во формата на либералниот прогресивизам.

Оттука треба да се истисне прогресивизмот како политички проект и левичарските радикали да се отстранат од апаратите, почнувајќи од војската, па од факултетите, кои, наместо да учат здрави луѓе, создаваат отровни активисти. Затоа ударот е врз и онака традиционално сомнителната администрација и бирократија против федералните агенции кои не се избрани, а сепак владејат. Според Трамп, треба да се исечат не само во име на ефикасноста и на економичноста туку и за да се модифицира рамнотежата на уставната моќ во корист на претседателот и на федералните држави, а ако треба и предизвикувајќи ги Уставот, судовите и Конгресот.

Од Орвел знаеме дека кој го контролира минатото ја доминира иднината и дека тој кој командува со сегашноста, всушност, го контролира и минатото. Дојдени сме до мртвата точка на новиот неоавторитаризам и постдемократското општество: едно директно и џериспрингерско моделирање на реалноста каде што концептот на вистина и вистинитост ќе биде комплетно анулиран и турнат на маргините на општествениот живот и консидерација.

Така од мртвата точка доаѓаме до нултата точка: повеќе нема што да се разбира! − тоа е слоганот на новиот авторитативен век и метаморфозата на новиот нулти човек ослободен од секакво знаење и од секаква потрага по вистината.

ПРЕПОРАЧАНО