Економија
Царините на Трамп остануваат на сила до завршување на жалбената постапка, одлучи Апелацискиот суд во Вашингтон
11.06.2025
Федералниот апелационен суд во Вашингтон денес му дозволи на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да го задржи во сила пакетот тарифи што ги воведе во февруари и април, сè додека не заврши жалбената постапка во врска со неодамнешната одлука на понискиот суд со која се оспоруваат тие мерки.
Тарифите од февруари наметнати на Кина, Канада и Мексико остануваат на сила, како и голем сет тарифи наметнати на 2 април на практично сите земји и територии во светот, објавува Ројтерс.
Апелацискиот суд заклучи дека овој спор има „исклучителна важност“ и затоа одлучи целиот состав на судот од 11 судии да го разгледа случајот на 31 јули, наместо прво да го испрати случајот на панел од тројца судии.
Оваа одлука ја суспендираше одлуката на Трговскиот суд на САД од 28 мај, кој процени дека Трамп ги пречекорил претседателските овластувања бидејќи ги вовел споменатите тарифи врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA).
Потоа судот пресуди дека правото на наметнување даноци и царини му припаѓа на Конгресот, а не на претседателот, а администрацијата на Трамп поднесе жалба на одлуката уште следниот ден.
Против царините на Трамп се поднесени најмалку две тужби, во кои се тврди дека долгорочниот трговски дефицит на Соединетите Американски Држави не претставува „вонредна и необична закана“ во смисла на законот IEEPA и дека Трамп нема законско право самостојно да спроведува трговска политика, пренесува Политика.