Економија

ЈАГМА ЗА ДОБИВАЊЕ ГЕРМАНСКО ДРЖАВЈАНСТВО, зголемен бројот на македонски граѓани со германски пасош

10.06.2025

Во 2024 година, 291.955 странци добија германско државјанство, што е највисока бројка од почетокот на водењето статистика во 2000 година, јави ДПА.

Сиријците се најбројната група меѓу новите германски државјани, сочинувајќи 28 отсто од сите апликанти, следени од државјани на Турција (8%), Ирак (5%), Русија (4%) и Авганистан (3%). Кај руските државјани е забележан значителен пораст од 551 отсто во споредба со 2023 година, со 12.980 нови државјани.

Растот се должи на реформите во законот за државјанство од јуни 2024 година, кои го намалија минималниот престој од осум на пет години, овозможија двојно државјанство и воведоа олеснета процедура за лица со исклучителни академски или професионални постигнувања, кои можат да аплицираат по три години престој. Околу 7 отсто од новите државјани ја искористиле оваа можност.

Новата конзервативна влада, која стапи на должност на 6 мај, најави укинување на дел од реформите, вклучително и брзото добивање државјанство за „добро интегрирани“ странци, ограничување на спојувањето на семејства за одредени групи мигранти и проширување на листата на „безбедни земји на потекло“. Исто така, планира зајакнување на граничната контрола и овластување на полицијата да враќа баратели на азил директно на граница. 

Бројот на македонски граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година е 2805. Од нив, 1375 се мажи, а 1430 се жени. Според возраста, 560 лица се малолетници. Просечната возраст на македонските граѓани кои добиле германско државјанство е 30,8 години. За споредба, во текот на 2023 година германско државјанство добиле четирипати помалку македонски граѓани - 665.

Од земјите на Западен Балкан, најмногу натурализации има кај граѓаните на Косово - 7480, а потоа следува Србија со 4675. Од Босна и Херцеговина со германско државјанство се стекнале 3905 луѓе, додека бројот на Албанци е 3115. Најмала група граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година има Црна Гора – 355, објави Дојче веле.


фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано