Економија

ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ РАСТ НА БДП ЗА ТРИ ОТСТО

Бруто-домашниот производ порасна за 3,0 % во првото тримесечје од 2025 година во однос на првото тримесечје од 2024 година.

Стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година е 3,0 %, во однос на истото тримесечје од 2024 година.

Во првото тримесечје од 2025 година, поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво и Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 7,1 % и Информации и комуникации од 4,8 %.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2025 година, номинално расте за 7,1 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 69,0 %.

Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 1,4%, увозот на стоки и на услуги исто така забележи зголемување во номинален износ од 4,8 %.

Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година во однос на првото тримесечје од 2024 година е 3,2 %.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција информираше дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година реалниот раст на бруто домашниот производ, откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2 проценти. Ова е бројката којашто ја објавува „Евростат“.

- Македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност, ова е резултат на храброст, визија и многу работа, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат.

- Знаевме дека не смееме да губиме време. Го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација. Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција. Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината, кој што секогаш е најслаб и најпредизвикувачки, додаде Мицкоски.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано