Економија
МАКЕДОНСКА ДИГИТАЛНА ИЛУЗИЈА − ЗОШТО МАКЕДОНИЈА НЕ УСПЕА ДА ЈА ИСКОРИСТИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ЗА ДА СТАНЕ ЕКОНОМСКИ ПОДОБРА ДРЖАВА?
Павле Гацов, авторот е даночен советник
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
ПРОПУШТЕНА ДЕЦЕНИЈА
Воведна приказна за кулата во Пиза и за железото
Младо момче на социјалните мрежи го поздравува својот професор по географија со видео пред кулата во Пиза и со зборовите дека се наоѓа пред Ајфеловата кула во Шпанија и дека не е точно како што велел професорот дека „од него немало да биде човек“.
Ќе раскажам и една друга кратка транзициска приказна за слабиот и мрзлив ученик кој „разбрал“ како лесно да се пробие низ животот и нефункционалниот систем. Нашиот јунак научил само една лекција – за железото, друго не учел. Што и да го прашале, водата ја вртел на својата позната воденица – железото. По географија кога ќе му рекле да зборува за Бразил на пример, веднаш ќе ја свртел на железото што го произведува оваа земја, (...) ако одговарал за фудбалот, го вртел одговорот кон стативите кои биле железни и веднаш продолжувал за железото, дури и кога зборувал за неговата желба и волја ќе кажел дека волјата му е железна и пак ќе продолжил за неговото железо. Така со железна волја го завршил средното образование. Подработил лево и десно, а бидејќи неговите шефови немале разбирање за неговата главна лекција се запишал на еден од факултетите што се завршуваат за една година и се зачленил во партија каде што се покажал како железен член. Железото го донело до функцијата директор на државна институција.
А каква е врската на железото од приказната и дигитализацијата?! Никаква. Веќе не поминуваат приказни за паметни телефони со железни делови кои... Нашиот железен директор требало да ја дигитализира институцијата со која раководел, а тоа не можел да го направи зашто не знаел како. Имено, нема ништо железно во бинарните процеси. Од друга страна, за да ги задржи функцијата и привилегиите и да продолжи да си ја „грицка“ незаслужената директорска плата му требала состојба статус кво. Затоа нашиот јунак „железната мантра“ ја заменил со зборот „дигитализација“ која, ете сега, ќе започне да се применува во неговата установа и за тоа е изработена стратегија која ќе биде разработена во оперативен план. Така истерал еден мандат. Во вториот зборувал за надградба на стратегијата и на планот, пак без ништо да сработи. Отчетност за сработеното од „железниот директор“ никој не барал... Приказната трае.
Македонска дигитална илузија
Почетниот наратив беше за привлекување на вашето внимание за пропуштената деценија преку дигитализацијата Македонија да стане економски подобра држава. Главни виновници за пропуштање на трендот на дигитализација на државните институции кај нас се политичарите и нивните пулени − јунаците од нашата приказна.
Државите кои ги препознаа трендовите и на време го дигитализираа користењето на јавните услуги кои им ги нудат на граѓаните и на компаниите денес го жнеат успехот на системски средени земји. Факт е дека исклучувањето на субјективниот фактор секаде каде што е можно тоа ги забрзува и ги објективизира процесите.
Дигитализацијата зеде силен замав пред повеќе од десетина години, но денес веќе станува збор за процес кој го менува секој сегмент на животот, приватен и јавен. Македонија го преспа овој процес. Секогаш имаше „поважни“ работи кои требаше да се „решаваат“. Наместо на иницијалниот бран на почетни успеси кои ја направија Македонија видлива во регионот, особено по 2009 година, да се продолжи со подобрувања и проширувања на различни форми на дигитални јавни услуги, следуваше сопирање на овој тренд и враќање на хартијата во јавните услуги.
Во време кога дигитализацијата стана основен двигател на транспарентноста, на ефикасноста и на борбата против економската неформалност (сивата економија), Македонија остана заглавена во бирократски лавиринти и полудигитални импровизации. Наместо да се водиме од примери како Естонија, Србија или дури и Албанија, ние се задоволивме со полумерки, најави и „пилот-проекти“ кои никогаш не прераснаа во реалност.
А зборот „дигитализација“ се користеше од сите политички опции во неограничени порции, од типот „само што не почнало“, „стартува од следната година“, “во фаза на тестирање е“, па дури „соседите од нас учеа“ и слични флоскули за купување време и себезалажување. Граѓаните знаеја дека ништо не се работи. Не беа формирани оперативни тимови кои би работеле на зададени проекти, не се проучуваа искуствата од другите земји, не се бараше проектно финансирање од надвор, ниту пак имаше некаква контролна отчетност за сработеното. Едноставно, сè се одвиваше стихијно и млитаво, македонски.
Поради доцнењето на процесите, кај нас се туркаат дигитални проекти кои се веќе „демоде“ за земјите кои ја сфатија дигитализацијата како услов за опстанок и иницијалните алатки за користење на дигитални услуги постојано ги заменуваат со нови, поедноставни, подостапни, побрзи... Во меѓувреме, овој процес е олеснат со најсилната алатка – вештачката интелигенција.
Можеме ли да ја промениме состојбата и да исчекориме силно во процесот на дигитализација, да го намалиме заостанувањето зад другите?
Новоформираното Министерство за дигитална трансформација треба да биде стожерот за промена на односот на државава кон овој процес. Ова Министерство на својата интернет-страница вели дека ќе ја предводи македонската дигитална трансформација преку иновативни политики, стратешки инвестиции и партнерства, промовирајќи дигитални алатки и знаења за граѓаните, за компаниите и за институциите и придонесувајќи кон технолошки напредно, инклузивно општество ослободено од корупција, дигитализација која го подобрува животот на граѓаните, ги поттикнува напорите за борба против корупцијата, привлекува странски инвестиции и ги овозможува иновациите. Енергијата е воочлива, а ефектите во секојдневието ги очекуваме.
Со дигитални алатки против сивата економија
Сивата економија – хроничен рак на нашава економија – и понатаму е во полна сила. Според респектабилни проценки, над 30 % од економијата во Македонија сè уште функционира неформално. Тоа се работници без договори за вработување, фирми што не издаваат фискални сметки, трговија на социјални мрежи без регистрација и вршители на услуги кои не се регистрирани и не плаќаат никакви даноци. Не затоа што сите тие се „измамници“, туку затоа што системот (кој зависи од поединци) ги прави условите за формално работење – комплицирани, скапи и непривлечни.
Колку е потребно за да се дигитализира фискалниот систем и конечно да се следи прометот меѓу правните субјекти во реално време? Одговорот е: не знаеме. Неколку министерски мандати поминаа без конкретен исход. Во Србија, новиот систем на е-фискализација донесе зголемени приходи од ДДВ за 15 % во првите шест месеци. Во Албанија исто така има значајни подобрувања. Во регионот некои земји воведоа и е-фискална сметка, а мобилните телефони ги користат како ПОС-терминали. Дигитализацијата дава можност за наплата на ДДВ во реално време со одложено право на одбивка на влезното ДДВ во следниот даночен период за кој би се генерирал извештај.
Дигиталната поврзаност меѓу институциите кај нас е слаба и нефункционална. Ако УЈП, Царина, Централен регистар и инспекциските служби не можат да споделат податоци во реално време, тогаш се креираат слепи точки – таму каде што токму сивата економија најлесно се крие. А потоа се оди чекор понатаму, се „казнуваат“ малите фирми со нови обврски, но без да им се дадат дигитална поддршка, едукација или финансиски олеснувања.
И додека во Естонија речиси сите јавни услуги се дигитални, во Шведска даночните контроли се целосно дигитални (системски се проверуваат компаниските е-документи), а плаќањето во готовина веќе и да не постои, ние сè уште стоиме по шалтери со документи, со печати и со нервоза. И тоа во 2025 година...
Ова не е само прашање на технологија. Ова е прашање на политичка волја, јавен интерес и чувство за реалност. Дигитализацијата мора да биде стратешка определба, а не кампањска реторика.
- Државава мора итно да воспостави централен дигитален систем каде што сите институции ќе комуницираат автоматски во реално време и дигитално. (На пример: нема да постои можност да се фалсификуваат лиценци зашто органите ќе ги проверуваат информациите изворно, од истата база на податоци.)
- Примената на е-фискалната сметка треба да се реализира брзо, да се линкува со е-залихи и е-фискална сметка. Да се работи на е-финансиско известување и на е-даночно известување.
- Малите бизниси мора да добијат поддршка за дигитализација – не закани. Да се мотивираат безготовинското плаќање и наплата наместо растот на готовината во оптек.
- Граѓаните мора да добијат услуги кои не зависат од расположението на шалтерските службеници и од одговорниот за потпис.
Сивата економија нема да се победи со инспекциски рации и казни – туку со систем што ја прави формалната економија исплатлива, достапна и фер, а неформалната економија − скапа и ризична.
Секој ден што поминува без вистинска дигитална трансформација е уште една изгубена можност за чесниот бизнис, за јавните финансии и за граѓаните кои заслужуваат повеќе од само дигитална илузија.
Дигитализацијата како алатка против даночната евазија и за подобра бизнис-околина
Да го завршиме текстов со предностите што ги носи дигигиталната трансформација и да го заборавиме „железниот директор“ од приказната на почетокот на овој текст. Имено, покрај борбата со сивата економија, дигитализацијата е и клучен фактор во намалувањето на даночната евазија и анулирање на предноста која, во економскиот натпревар, државава ја обезбедува за страната на нерегистрираните (сиви) субјекти. Кога секоја трансакција е електронски евидентирана и поврзана со реално време со УЈП, можноста за прикривање приходи или манипулирање со фактури се сведува на минимум.
Електронската евиденција овозможува подобро целење на даночните инспекции со што институциите наместо да ловат во матно се насочуваат кон реално сомнителни активности, нивно откривање и казнување. Тоа ја зголемува правичноста и ја зголемува довербата во системот – бидејќи не се казнуваат сите, туку само оние кои навистина ги кршат правилата. Другите работат чесно, правилно и системски – дигитално.
Од друга страна, дигитализацијата придонесува за подобрување на бизнис-околината. Електронската регистрација на фирми, автоматизирана размена на податоци со банки и со институции, е-фактурирање, вадењето електронски дозволи/концесии/лиценци значи намалување на бирократијата, на корупцијата и на трошоците за работење. Инспекциите ќе ги проверуваат фактите на терен со оние во базите на податоци. Тоа создава предвидливост и поттикнува инвестиции.
Микро, малите и средните претпријатија, кои често немаат ресурси за справување со сложени административни процедури, добиваат фер шанса за раст и за развој. Дигиталните услуги, ако се правилно имплементирани, можат да бидат неутрален судија во економската игра.
На крајот, дигитализацијата не е само технолошка промена – таа е економска, институционална и социјална реформа, можност за подобрување на сè околу нас. Колку побрзо ја прифатиме таа вистина толку побрзо ќе изградиме систем што генерира доверба, раст и стабилност.