Бизнис
Промовирана монографија по повод 30-годишниот јубилеј на GS1 Македонија: „30 години глобален јазик на бизнисот“
10.05.2025г
Со свечен настан организиран во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, GS1 Македонија го одбележа 30-годишниот јубилеј од своето основање. Во присуство на бројни претставници од деловната заедница, беше промовирана монографијата „30 години глобален јазик на бизнисот“, која го документира патот на организацијата во изминатите три децении.
Во своето обраќање пред присутните, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека GS1 стандардите, чии најпознати симболи се баркодовите, не се само технолошка алатка, туку суштинска поддршка за конкурентноста, дигитализацијата и глобалната видливост на македонските компании.
„GS1 Македонија веќе три децении неуморно работи на тоа да ги поврзе нашите компании со светот, да воведе ред во податоците, да ја олесни трговијата, логистиката и пристапот до пазарите. Денес таа обединува 1 300 свои компании членки на едно место. Монографијата претставува хронолошки приказ на развојот и достигнувањата на GS1 Македонија, како и визијата за иднината во дигиталната ера. Ги опфаќа клучните проекти и резултати кои оставија траен белег во македонското стопанство, но и визијата за иднината – дигитализација, интеграција на 2D баркодови и глобална конкурентност“, истакана Азески.

Во рамки на прославата, за првпат беше доделена и нововоспоставената награда „Амбасадор на GS1 стандарди“, која има за цел да ги препознае компаниите што најдоследно ги имплементираат и промовираат GS1 стандардите. Првиот добитник на ова признание е компанијата Алкалоид АД Скопје, која уште од 1994 година е членка на GS1 Македонија.
