Економија
Што може да значи вооружувањето на Европа за македонската економија?
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2025г.
Воено-индустрискиот сектор на глобално ниво „ги трие рацете“ поради зголемување на воените буџети во повеќето земји во светот. Од Европската Унија го објавија планот „Ревооружување на Европа“, што беше промовиран минатиот месец, а во него се предвидува зајакнување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година. Во следниве четири години земјите од ЕУ планираат драматично зголемување на трошоците за одбрана, мобилизирајќи 800 милијарди евра, вклучително и 150 милијарди евра заеми за проекти за оружје и олеснување од фискалните правила за долг на ЕУ со цел инвестирање во одбраната за да ги зајакнат подготвеноста и воените капацитети на Европа во следниве пет години.
Покрај подобрувањето на колективната безбедност, планот на Европа за вооружување нуди и големи економски можности за раздвижување на ослабената економија на Европската Унија преку учество на компаниите во распределбата на заедничкиот буџетски колач за одбраната наменет за создавање противвоздушна и противракетна одбрана, артилериски системи, проектили, муниција, беспилотни летала и системи за справување со дронови, но и за мерки за сајбер одбрана или за поголема воена мобилност.
Нова можност за големите индустриски компании
Подобрувањето на националната безбедност подразбира неопходно преминување на дел од големите индустриски компании во наменското производство. Тоа веќе го стори и Германија чиј парламент со итни законски измени овозможи покачување на границата на државниот долг поради зголемување на трошоците за одбраната и финансискиот пакет од 500 милијарди евра. Германскиот производител на автомобили „Фолксфаген“ ја виде новата економска можност и изрази подготвеност да премине на производство на средства и на опрема за германската војска. Нивниот пример го следат и други големи автомобилски гиганти во земјата, кои се обидуваат навреме да се приклучат на „новиот воен план“ и на големиот глобален пазар на оружје на кој доминираат десетина земји.
Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), од 2020 до 2024 година, САД ја зајакнаа својата доминација во глобалниот извоз на оружје, а извозот на Русија значително се намали. Европскиот увоз на оружје се зголеми за 155 отсто во изминативе пет години во споредба со претходниот петгодишен период бидејќи европските држави „реагираат“ на случувањата во Украина. Увозот од европските членки на НАТО е речиси двојно зголемен (за 105 отсто). САД се најголем снабдувач на оружје со 64 отсто. Другите најголеми извозници на оружје се европските членки на НАТО, вклучувајќи ја Франција, потоа Јужна Кореја, исто така со по 6,5 отсто, Германија со 4,7 отсто и Израел со 3,9 отсто, објави СИПРИ.
Во 2023 година, процентот на БДП наменет за воените капацитети во светски рамки се зголеми за 0,3 процентни поени над петгодишниот просек од 1,9 проценти. Додека трошењето во САД е релативно стабилно, во Европа е зголемено на 2,8 проценти. Меѓу земјите членки на НАТО за 2023 година, за одбраната најмногу издвојувала Полска со 3,9 отсто од БДП, САД со 3,5 и Грција со 3 отсто од БДП. Најмал воен буџет имале Шпанија која издвојувала 1,3 отсто од БДП, Белгија со 1,1 отсто и Луксембург со 0,7 отсто од БДП.

Македонија со најголем буџет за одбраната
Македонскиот буџет наменет за одбраната за годинава е 2 проценти од бруто-домашниот производ. Изнесува 20 450 820 000 денари, односно 329 милиони евра, што претставува и најголем буџет наменет за потребите на одбраната во историјата на државава. Со тоа што се одвоени 2 % од БДП за оваа намена, како држава го исполнуваме договореното од последните неколку самити на НАТО каде што ова прашање е континуирано на маса и истовремено се вбројуваме меѓу две третини од земјите сојузнички кои го исполнуваат тоа. Конкретно, во однос на опремувањето на македонската армија, во овогодинешниот буџет се предвидени 32 % за оваа намена, односно 106 милиони евра.
– Во овој процес имаме и огромна поддршка и од нашите сојузници како во делот на набавувањето на нова опрема така и во делот на заедничките обуки и вежби. Исто така преку Европската Унија во рамките на Европскиот мировен фонд веќе се одобрени средства во вкупна вредност од 22 милиони евра, чија намена е исто така за потребите на Армијата. Сета оваа соработка и во рамките на НАТО и во рамките на ЕУ ja одразува посветеностa на сојузниците и на партнерите за унапредување на соработката во оваа политичка област со цел целосно усогласување на македонската со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ни изјавија од Министерството за одбрана на РС Македонија.
Од Министерството за одбрана ја поддржуваат секоја иницијатива за инвестирање во приватниот сектор во насока на развој на воената индустрија во нашава земја.
– Со самото членство се интензивираат и модернизацијата и опремувањето на македонската армија и на припадниците. Но, покрај овој значаен процес кој е од особена важност за државава и истовремено и за Алијансата во поглед на безбедноста, се отворија и нови можности за развој, меѓу кои и можноста македонски компании да учествуваат на НАТО-пазарот преку системот за јавни набавки вреден над 10 милијарди евра годишно, што претставува потенцијален бенефит за македонското стопанство и за економијата во целост. Согледувајќи ја оваа можност, а и поради големата заинтересираност на компаниите за учество во НАТО-пазарот, Министерството за одбрана основа Центар за поддршка на македонските компании во насока на инструкции и помош на компаниите во процесот на регистрација, велат од Министерството за одбрана.
Учеството на домашни компании на пазарот на НАТО носи значителни економски придобивки за Македонија − од зголемени бизнис-можности, пристап на нови пазари, зголемен извоз и нови работни места, до подобрување на технолошките капацитети и зајакнување на индустриите. Сите овие фактори можат директно да го зголемат приходот на компаниите, а со тоа и на државава. Набавките на овој пазар не се само за набавка на оружје и на воена опрема туку се и за производи и за услуги од областа на информатичките и комуникациските технологии, резервни делови, потрошен материјал, мебел, градежни работи, одржување, обезбедување советодавни и други услуги.
Домашното наменско производство на слаба основа
Досега 48 македонски компании имаат добиено потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и на земјите членки и за нив патот до овој пазар е отворен, а во процес на регистрација се уште три. По завршување на овој процес, од самите компании зависи колку оваа можност ќе биде искористена, напоменуваат во Министерството за одбрана.
Како да го вратиме наменското производство во Македонија на нивото на кое беше во поранешната заедница е една од задачите на Групацијата за оружје, екплозивни и опасни материјали, пиротехнички средства и програма за воена и цивилна намена. За разлика од другите земји во регионот, Македонија во оваа производна дејност стои многу слабо. И другите земји од нашето опкружување изгубија многу вакви фабрики. Но, во овие земји државата го задржа учеството во некои фирми, некаде и со 51 отсто, и го одржува и го диктира производството. Ние имаве два или три капацитети на класично наменско производство. И требаше да ги зачуваме по осамостојувањето. Мој впечаток е дека немавме доволно чувство за да ја сфатиме важноста за воената домашна индустрија. Правецот на одбранбениот концепт на државата, да се биде во поголем безбедносен систем, е во ред. Но, не значи дека треба да се откажеме од сопственото производство. Некако полесно ни беше да се продаваат капацитетите, ни изјави Димитар Мангутов, претседател на Групацијата за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и програма за воена и цивилна намена при Стопанската комора на Северна Македонија.
Во минатото прилепскиот „Еурокомпозит“ беше наменет за производство на лансери за рачни ракетни фрлачи, балистички борбени комплети за заштита, како и на други производи кои беа одобрувани од Министерството за одбрана. Во погоните на поранешен МЗТ се изработуваа комплексни системи (мултипликатори/редуктори и системи за вентилација за тенкови, лансери за минофрлачи и др.). Воениот капацитет „Сувенир“ во Самоков, почна со три производи, за да се стигне до програма од 42 производа, која се состоеше од разни видови на муниција, минско експлозивни средства, пиротехнички и вежбовни средства за потребите на армиските и полициски сили, и многу други средства.
Во денешно време, капацитетот во Самоков се продаде на АТС Груп кои произведуваат балистичка опрема (панцири и шлемови, елеци, плочи), а исто така ја превземаа технологијата од Сувенир и произведуваат муниција во неколку калибри, претежно за извоз. Во делот на наменската индустрија е и фирмата ИЦЕМАК, која произведува пиротехнички средства (флеш бомби, шок бомби, димни бомби) за полициски и армиски потреби.
Со сегашното производство од домашната наменска индустрија се покрива мал дел од потребите на македонската армија и на македонската полиција. Како дел од активностите на Групацијата се прават напори да се донесат странски инвеститори во отворање на капацитети од наменската индустрија.
- Идејата е да се направат заеднички вложувања во специјализирани и професионални капацитети. Но тешко се успева во тоа, зашто станува збор за посложен и тежок процес на организирање на сопствено производство за што се потребни големи инвестиции од приватни компании, но и поддршка од самата држава. Со менувањето на општествениот систем се дава приоритет на приватните иницијативи. Во земјава нема такви фирми кои ќе можат самостојно да влезат во вакви проекти, за што се потребни големи вложувања, во опрема, во нови технолошки процеси, во кадар, во обезбедување на пазар и сл. Овие капацитети, насекаде во светот, ги задоволуваат првенствено потребните на домашните безбедносни ситеми, а се насочени и кон извоз на меѓународните пазари. Така е во сите земји. Во случај на безбедносни кризи или можни ембарга, државава ќе имаше сопствени капацитети за производство и полесно ќе се снајдеше и реагираше на таков вид закана. Сега целата игра се смени и Европасе концентрира во засилување на сопственото вооружување, па нивните капацитети се наменети првенствено за задоволување на нивните потреби. Мораме поинаку да се концепираме за да не бидеме многу зависни од волјата и политиките на другите држави, нагласува Мангутов.
За да се премине на домашно наменско производство ќе биде потребно време, но во нашиов случај не се само проблем инвестициите. Најголем проблем претставува недостигот на специфичен и на високообразуван кадар за водење на наменската индустрија. Луѓето кои ги поседувавме од поранешната социјалистичка држава веќе се на крајот од својот работен век.
- Ако државава сака да оди во тој правец, а треба да оди, може да се следи и примерот со Косово, каде што странска фирма инвестира во капацитет за производство на муниција и на оружје. Со ангажман на идниот инвеститор и со добра државна концепција, во која ќе биде интегрирано и искуството на постојниот кадар во нашите фирми во наменската индустрија и секако со вклучување и на Министерството за одбрана и на МВР, може да се направи стратегија со цел да привлечеме фирми кои ќе инвестираат во земјава во вакви капацитети. Можеме да го користиме искуството на фирмите од Босна и Херцеговина, кои во поранешна Југославија беа најдобро развиени во некои сегменти од наменската индустрија, а во некои подобри и од Србија. Наменската индустрија во БиХ,после војната беше многу уништена,но во наредниот период макотрпно почна да се реобновува и израсна како Феникс и сега е меѓу земјите кои остваруваат висок извоз во наменската индустрија и со својот квалитет и цени им конкурираат и на големите играчи на меѓународниот пазар за муниција и оружје, вели Мангутов.
Еден од правците во кои треба да се движи развојот на македонската наменска индустрија, според нашиот соговорник покрај производството на муниција, е и оспособувањето на домашни фирми за сервисирање на воените средства кои се веќе се во користење во Армијата и полицијата а се со потекло од американско или од друго производство од земјите во НАТО, исто така, како прва фаза за развој на наменски производи е во вклучување на домашни компании кои ќе учествуваат во изработка на компонентите за воените средства кои се во експлоатација кај нас, а кои се сто проценти од увоз. Ова може да се направи во соработка и со НАТО преку посилно лобирање од нашиве државни функционери за пренесување на дел од производните програми во нашава земја, по примерот и на странските компании кои дејствуваат во технолошко-развојните зони во Македонија.