Општество

Глобалната трка започна: ЕУ-компас за конкурентност

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.

Во декемврискиот број на Економија и бизнис објавив текст под наслов „Историјата чука на вратата на Европа: Европската Унија и новите геополитички предизвици“, во кој најавив дел од случувањата од последниве недели и денови. Не затоа што сум видовит, туку затоа што настаните беа предвидливи. Всушност, претседателот Доналд Трамп нив ги промовираше и во својата претседателска кампања.
Но, она што изненади е брзината со која се движат работите и начинот на кој се диктираат политиките на најмоќната држава во светот, речиси исклучиво со извршни одлуки на претседателот кој веќе сите престанаа и да ги бројат, ставајќи ја во втор план улогата на Конгресот и амортизирајќи ги сите поинакви мислења и јавно изречени критики, иако такви има во голем број и внатре во Конгресот и во федералните институции. Исто така многумина беа изнанадени, особено и евидентно по Минхенската безбедносна конференција, од бруталноста на настапите на државниот секретар за одбрана Хегсет и заменик-претседателот на САД Џ. Д. Венс со своите пораки, несомнено на линија на изјавите на својот претседател, упатени до ЕУ, клучниот партнер и сојузник на глобалната сцена во добро и во лошо. Односите стануваат сè покомплексни, до работ на експлозивност.
На меѓународен план, претседателот Трамп започна со Канада, со Мексико, со Панама, со Гренланд, со Газа, со ЕУ, со НАТО, со Русија и со Украина, а на внатрешен план со „цунами“ во федералните институции со помош на новата Канцеларија за ефикасност која ја предводи никој друг туку Илон Маск, најбогатиот човек на планетава, укинување на Канцеларијата на УСАИД, огромен број на изнудени и на доброволни оставки во правосудниот систем, во ФБИ, во ЦИА, во федералните институции итн.
Телефонскиот разговор на претседателот Трамп со до вчера прогласениот диктатор и воен злосторник претседателот Путин, како агресор кој атакува со сите воени средства над независна и суверена Украина, продолжи со разговори меѓу САД и Русија на ниво на министри за надворешни работи во Риад, Саудиска Арабија. Целта е постигнување траен и одржлив мир, но начинот на кој ќе се стигне до таа цел е сосема нејасен и крајно магловит, а ниту цената која ќе треба да се плати на крајот. Точно е дека војната има висока цена, и во човечки животи и во материјални средства, но историјата сведочи дека цената на неправедниот мир е највисока, а непредвидливоста и неизвесноста се бројат во изгубени генерации.
На изненадување на многумина, но не на сите, Украина не беше дел од разговорите, а ниту Европската Унија. За волја на вистината, државниот секретар Рубион телефонски ја информираше групата Квинта за текот на разговорите. До кои детали се навлегло, секако, за сега останува тајна. Како утеха и заради смирување на зовриените страсти, претседателот Макрон презема лидерство во организација на самити, во различни формати, со клучните политички чинители во ЕУ и во Велика Британија, во обид да го одржи достоинството, но и единството во Унијата и во НАТО, барем по клучните оски.
Водени од свои специфични национални интереси, различни гласови и позиции во рамките на Унијата за односите со Русија, за војната во Украина и за односот спрема Кина имаше и ќе има, но прашањето останува неодговорено, за сега. Дали тоа ќе предизвика и внатрешни непремостливи судири кои може да завршат фатално за Унијата и за сите оние кои гравитираат кон неа или Унијата, сепак, ќе најде најмал заеднички именител за своите заеднички интереси и ќе продолжи да ја гради и да ја зацврстува својата позиција на глобален план и со продлабочување на своите политики и со проширување на своите граници? За подетална анализа се потребни многу повеќе детали, а и време за да може да се развијат „алгоритмите“ кои барем делумно ќе може да го покажат патот натаму, вклучително и како и каде би се позиционирала Европската Унија, па и Македонија, на новата геополитичка мапа која се исцртува пред нашите очи со секавична брзина.
Во меѓувреме, светот не стои и не смее да стои бидејќи економиите и економските политики се тие кои обезбедуваат работни места, пазари за своите производи, државни буџети од кои зависи и буџетот на ЕУ и кои се грижат за конкурентската способност на глобален план за водечките економии, а ние мора да се грижиме за конкурентската способност на нашава економија на ниво на нашиот регион и во рамките на Европската Унија кон која гравитираат огромен број од нашите производители и извозници. Конкурентската способност е важна за извозот, но во услови на отворена економија во рамките на договорите за слободна трговија важна е и за нашите производи на домашниот пазар, кои ги има сè помалку и се со сè послаб квалитет, односно со помала конкурентска способност.
Претседателот Трамп во силен налет е токму во обезбедувањето на конкурентската способност на индустријата на САД, не бирајќи средства, и преку своите остри и заканувачки изјави, преку воведувањето на тарифи (царини), па дури и преку излегување од низа меѓународни договори за кои тој смета дека ја оптоваруваат индустријата на САД и го забавуваат нејзиниот развој. Да не заборавиме дека политиката на протекционизам „во зародиш“ беше актуелна и во времето на претседателот Бајден и дека одредени мерки беа преземени во текот на неговиот мандат. Значи не станува збор за уникатна нова трговска политика, туку за продолжување на политиката на заштита на домашното производство и „враќање“ на производните погони назад на тлото на САД не само заради отворање на работни места туку многу повеќе и заради обезбедување на заокружен процес на производство на клучните производи (енергија, полуспроводници/чипови и квантната технологија) со кои треба да се обезбеди доминација во клучниот сектор, вештачката интелигенција.
Трката за вештачката интелигенција наликува на трката од минатиот век за тоа кој прв ќе произведе атомска бомба со тоа што оној, држава или поединци, што ќе доминира со вештачката интелигенција ќе има потенцијал навистина да владее на глобално ниво како никој до сега во познатата историја на човештвото низ, за нас познатиот, демократски политички модел или низ друг модел. Правото на избор на моделот оди заедно со обемот на стекнатата моќ.
Изјави од овој карактер доаѓаат од научници, но и од политичари од највисок калибар, кои, секако, треба да се земат како многу сериозни. Всушност, објавувањето на платформата Дипсик (Deepseek) од страна на Кина како конкуренција на САД, односно на Чат Џи-пи-ти (ChatGPT), Џеминај (Gemini) и другите напредни платформи на вештачка интелигенција беше топ вест која ја коментираа и претседателот Трамп и претседателот Шји Џјинпинг и претседателот Макрон, како и многу топ експерти во областа. Франција реагираше веднаш со објавување на својата платформа Ле ша (Le Chat [Мистрал], [Mistral]) во обид да ја „најави“ во трката на глобален план и во ЕУ. Според многумина добри познавачи, трката е жестока и бескомпромисна, но се ближи кон крајот со епилог кој маестрално и неповратно ќе ги промени светот, економиите и нашите животи, на подобро или на полошо. Тоа ќе зависи од начинот и од моделот на владеење во таквите новосоздадени околности.
Од непредвидливата иднина да се вратиме во сегашноста и во нашата околина, Европската Унија. Политичките „удари“ и безмилосната борба на глобален план ЕУ ќе може да ги издржи само доколку е силна, моќна и единствена во своите политики, настапи и преговарачки позиции. Местото на масата за преговори треба да се заслужи, а тоа може само доколку силно се инвестира во зголемување на конкурентноста на европските производи, доколку значително се зголеми издвојувањето во зголемувањето на воената моќ (сурово, но единствено можно) и доколку остро се зголеми инвестирањето во потенцијалите за развој на вештачката интелигенција и квантната технологија и доколку се влезе во трката во која Унијата за сега значително заостанува зад САД и Кина.
Новата Комисија се наоѓаше пред големи предизвици и при преземањето на функцијата минатата година имајќи ги предвид војната во Украина, практично војна на своето тло, падот на индустриското производство и продуктивноста, несигурното снабдување со енергенти по прифатливи цени, напливот на нелегални мигранти и порастот на евроскептицизмот и на радикалниот национализам, што неминовно водеше и кон пад на конкурентноста на европските производи. Со победата и со преземањето на претседателската позиција на Трамп, предизвиците експоненцијално се зголемија, а нивната динамика бара итни и неодложни реакции. ЕУ ќе мора да најде брзи реакции, пари за финансирање на своите итни потреби и да обезбеди функционалност на своите институции за задржување на мирот и на безбедноста на својата територија, вклучително и на Западниот Балкан.
Основа за клучните насоки на политиките, на одлуките и на инвестициите на Европската Унија, на оперативно ниво на Европската комисија, е водена низ четири клучни анализи/извештаи со препораки во делот на конкурентноста, на единствениот пазар, на земјоделската политика и на цивилната и воена подготвеност за дејствување.
Првиот документ е на Марио Драги „Стратегија за (зголемување) конкурентноста на Европа“ проследен со препораки кои Комисијата ги преточи во формален документ „Компас (за зголемување) на конкурентноста на ЕУ“ со фокус, пред сè, на драстично зголемување на инвестициите во квантната технологија и во вештачката интелигенција, потоа енергетика, индустриска политика, транспорт и храна и, на крајот, заедничка воена структура и воена индустрија, но и обезбедување на ретки минерали и руди и соодветни заштитни трговски мерки. Компасот за зголемена конкурентност на Унијата е веќе и дел од Програмата на Европската комисија за 2025 година, но и од комуникацијата за следната финансиска перспектива (новиот буџет на ЕУ 2028 − 2032 г.) каде што се предвидуваат и нови дополнителни заеднички извори на средства за да може да се одржи нивото на значително зголемување на инвестиции во истражување и во развој.
Вториот документ е на Енрико Лета, „Многу повеќе од (само) пазар“, кој се однесува на иднината на единствениот пазар на ЕУ, а кој извештај се испреплетува со наодите и со предлозите на Марио Драги. Третиот документ се однесува на земјоделската политика − „Стратешки дијалог за иднината на земјоделската политика на ЕУ“ − координиран од Питер Штрохшнајдер, со кој треба да се обезбеди непречено снабдување со храна и во кризни ситуации и при прекин на снабдувањето на пазарот на ЕУ со земјоделски производи, но и потребата од избалансирани субвенции во земјоделството со потребите на новото време за забрзан технолошки развој. Четвртиот документ од стратешко значење за ЕУ кој, исто така, ќе ги диктира политиките наредните години е „Зајакнување на европската цивилна и воена подготвеност и спремност“ во случај на ескалација на ситуацијата на глобален план, на континентот Европа и во нејзината околина.
Каде е Македонија во „приказната“, дали и како ги следиме овие круцијални политики и за нашата економија и за нашата безбедност, е дилема на која ќе се обидам да се осврнам во наредниот период.
Во моментов, Македонија, секако, мора да се фокусира на своите економски приоритети и на обезбедување амбиент за развој и за инвестиции, на борбата против корупцијата и особено организираниот криминал кој е пенетриран длабоко во нашите институции, вклучително и во правосудниот систем.
Во делот на пристапните преговори, Македонија мора ревносно да продолжи со стриктна имплементација на преземените обврски со Реформската агенда 2024 − 2027, паралелно со анализа на скрининг извештаите и наодите на Комисијата во сите шест кластери и сите области и поглавја и подготовка на Националниот план за усвојување на правото на ЕУ 2025 − 2030 година, рафинирање на Патоказот за владеење на правото и Акцискиот план за заштита на правата на поединци припадници на малцинствата или заедниците, како и патоказите за Реформа на јавната администрација и Патоказот за функционални демократски институции, имплементација на билатералните договори со Бугарија и со Грција до максимално можно ниво во реципроцитетен однос со соодветните соседи и целосно искористување на сите расположливи средства преку ИПА-програмата, Реформската агенда, вклучително и големите инфраструктурни проекти кои треба значително да го забрзаат нашиот економски раст и да обезбедат подобра конкурентност на нашава економија дома, во регионот, во ЕУ, но и на глобално ниво, колку и да сме мали.

ПРЕПОРАЧАНО