Вести
Најмногу снег во Берово, на дел од сообраќајниците поситни одрони
30.11.2024
Најниска темпратура утрово е измерена во на Попова Шапка - 5 степени. Во Маврови Анови се измерени -3, во Крушево -2, во Берово -1, во Охрид, Претор и Прилеп 0 степени, во Тетово, Битола, Дебар и Крива Паланка 1, во Струмица и Виница 2, во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Штип 3, во Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија и Кавадарци 4 и во Гевгелија 5 степени.
Најмногу снег има во Берово 22 сантиметри, во Маврови Анови и на Попова Шапка 10, во Крушево седум и во Претор еден сантиметар. Најмногу дожд наврнало во Струмица 32 л/м2, во Берово 31, во Крушево 26...
Времето денеска ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 50 л/м2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Максималната температура ќе достигне од 2 до 6 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и снег, а на околните планини од снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец кој краткотрајно ќе засилува. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
АМСМ извести дека од 5:45 часот поради врнежи од снег е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот превој Стража, додека од 5.00 часот исто таква забрана има и на патот Маврово – Дебар. Врнежи од снег со променлив интензитет утрово се бележат на Попова Шапка, Ресен, Крушево, Струга, Охрид, Делчево, Маврово, и на планинските превои Буково, Ѓавато, Пресека и Плетвар.
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со наместа остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на Македонија пат. Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.
Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40 метри утрово имаше на патниот правец Тетово – Попова Шапка и до 50 метри на планинскиот превој Плетвар.
Сите патни правци во државата се проодни. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
Надлежните апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Извор/фото МИА