Општество

Лајбниц или Волтер

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2024г.

Готфрид Вилхејм Лајбниц, Словен по потекло, по дедо од таткова страна Лужички Србин, роден во Лајпциг 1646 г., е главен претставник на нововековната филозофија, жесток рационалист, научник, филозоф, математичар, дипломат, политичар, иноватор, сестрано образован генијален ум кој докторирал на 20-годишна возраст, влијателен мислител со широки контакти и блиска поврзаност со хановерската династија и основач и прв претседател на Берлинската академија на науките и уметностите. Меѓу другото, бил и советник на кралот Петар Велики и иницијатор за отворање на Петербуршката академија на науките и уметностите и член на англиското Кралско здружение, творец на идејата за помирување на протестантите и католиците во една држава итн. Сепак, и покрај широката јавна општествена активност, умира заборавен во Хановер, во 1716 г., а по речиси 50 г. од смртта ќе биде откриен неговиот гроб, одбележан и испочитуван.

Лајбниц, пишува Бертнард Расел во „Историјата на филозофијата“, е најдобар пример на филозоф кој во своите филозофски размисли ја користи логиката како клуч за отворање и за решавање на метафизички проблеми. Како и другите мислители од овој историски период, рационалисти како Рене Декарт и Барух Спиноза, и Лајбниц својата филозофија ја заснова врз поимот супстанција, но, за разлика од нив, различно ја дефинира. Ако Декарт признаваше постоење на три супстанции, Бог, дух и материја, при што едната е духовна супстанција (res cogitans и се мисли, а другата e материјална, res extensa и се протега, а Бог ги гледа и двете), а кај Спиноза постои само една супстанција (Бог или природа, Deus sive natura − едно исто), за разлика од нив, кај Лајбниц, атрибутот на протежност на супстанцијата не постои, а ја признава само нејзината духовна суштина. Овој свет е составен од монади кои имаат душевна природа, тоа се безброј светови кои функционираат како безброј часовници со точност и со прецизност на движење во т.н. „престабилирана хармонија“ или однапред определен свет во целина каде што сè се одвива така како што треба да биде и никако поинаку, а со нив раководи врвната, најсовршена монада, сетворецот и „математичар“, Бог. Својот теолошки оптимизам го темели врз Бог како најсовршена монада која го создала овој свет како „најдобар од сите можни светови!“. Во делото „Теодицеја“ ќе нагласи дека Бог е најдобар, а бидејќи е сетворец и најдобар, сè што создал и создава е најдобро, значи во овој свет има многу повеќе добро отколку зло и затоа светот е најдобар. Токму поради оваа крајно позитивна и оптимистичка мисла Лајбниц подоцна ќе биде исмеан и критикуван од францускиот филозоф Волтер. Тој, имено, јавно се исмевал со Лајбницовата мисла за „свет како најдобар од сите можни светови“ и во своите говори за главен аргумент го користел катастрофалниот земјотрес кој се случил во Лисабон во 1755 г. По земјотресот ништо не било како пред тоа, а хроничарите од тоа време пишувале дека „Европа ја изгубила невиноста“. Земјотресот се случил на 1 ноември 1755 г. во раните утрински часови кога лисабонците биле на неделна миса, на празничен ден, во 9:40 по локално време, на околу 200 км во длабочина на Атлантскиот Океан − според денешните сеизмолошки мерила земјотресот бил со јачина меѓу 8 и 9 степени по Рихтеровата скала – разорен е Лисабон, а серијата потреси кои го треселе тлото со месеци биле почувствувани и во цела Европа. Катастрофата е проследена со цунами по должината на бреговите, со бранови високи и над 20 метри, а Лисабон изгорел и бил разурнат до темел. Животот го загубиле над 40 000 луѓе од 200 000 население во градот.

Псевдонимот Волтер е всушност анаграм од неговото право име Франоса Мари Аруе (1694-1778), француски филозоф, просветител, интелектуалец, познат уште и како „лавот од Фарнеј“ поради своите „духовни канџи“, остро перо и бескруполозен критичар на состојбите во Франција и воопшто на Европа од тоа време, против секоја форма на догматизам, вклучително и „теолошко-спиритуалниот оптимизам“ на Лајбниц. Но, и против кралските власти, судиите, свештенството и сите форми на неправедно владеење. Се залагал за граѓанска слобода и за право на глас, за религиозна, за политичка и за каква и да е слобода и ослободување. Во спорот меѓу Њутн и Лајбниц бил „њутоновец“, практично приказната за дрвото, за гравитацијата, за јаболкото и за Њутн произлегуваат од Волтер. Имено, и Лајбниц и Исак Њутн дошле до исто откритие, до т.н. инфинитезимални броеви (денешниот дигитрон), па се расправале кој прв ги открил. Подоцна во историјата математичарите докажале дека Лајбниц го објавил трудот две години пред Њутн, иако и двајцата не знаеле еден за друг. Независно, Волтер бил под големо влијание на Њутн, го обожавал, силно верувал во неговите откритија, наспроти неговата љубовница Маркиза ду Шателје која, пак, го обожавала Лајбниц и го сметала за еден од најголемите филозофи на сите времиња, преведувајќи му и ревидирајќи едно дело. Волтер се исмевал со Лајбниц велејќи дека доколку Бог е сетворец и створил најдобар свет од сите можни светови, не би имало такви природни непогоди како катастрофалниот земјотрес во Лисабон, ниту толку болка на овој свет, неправди, болести, војни, глад, сиромаштија − зло со заедничко име, тема која подоцна и ќе ја преточи во дело во романот „Кандид“. Што би рекол современиот човек на дилемата Лајбниц или Волтер? Веројатно... сеедно, светот и натаму се движи.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано