Општество

Македонија го одбележува Илинден под слоганот „Борбата трае“

02.08.2024

Под слоганот „Борбата трае“ денеска  со низа свечености и манифестации ќе биде одбележана 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Централната манифестација за одбележување на Илинден - Денот на Републиката ќе се одржи во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде ќе има обраќање премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе има свое обраќање на манифестацијата во Пелинце, каде ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”. Потоа заедно со српскиот колега Александар Вучиќ, Сиљановска Давкова ќе го посети манастирот „Свети Прохор Пчињски“ каде се одржало Првото заседание на АСНОМ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден - Денот на Републиката, истакнувајќи дека на овој празник на светлината се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна.

- На 2 август 1944-та, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија македонската држава како република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани, „не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“. Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности, наведува Сиљановска-Давкова во честитката.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. На истите локации цвеќе ќе положи и партиска делегација на СДСМ предводена од претседателот Венко Филипче.

Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна вчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а вчера во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ беа пречекани коњаниците од цела Македонија. Воедно беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и  подигање на бајракот на Крушевската Република. 

 Со подигнување на бајракот на Републиката, со симболично испукување на црешовото топче и со читањето на Крушевскиот манифест, синоќа на Гумење во Крушево свечено беа отворени научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ со што и започна чествувањата за големиот Илинден и 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. На чествувањето покрај повеќе гости присуствуваше и претседателот на владата Христијан Мицкоски.

Потенцирајќи дека заедничкото живеење на сите националности во илинденско Крушево е пример за целокупното живеење во Македонија, крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, Томе Христоским нагласи дека Илинден е голем светилник што го покажува правецот кон сигурната иднина.

- Илинден е победа за сите кои движат напред. Денес живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност.  Илинден е и ќе биде нашата сила за светла, европска иднина за сите граѓани на Македонија. Историјата ги памети тие што се издигнуваат, преземаат, му даваат сила на својот  глас, и се решени да донесат одлука. Тие пишуваат историја, историјата ги запишува нив. Илинден е симбол за нашата борба за слобода и човечки правдини, рече Христоски на отворањето на Манифестацијата.


 

Извор и фото МИА 

 

ПРЕПОРАЧАНО