Општество
Унгарската опозиција има нов лидер. Што треба да знаете за Петер Маѓар?
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
30.07.2024г
Еден скандал за контроверзно помилување на човек кој му помогнал на педофил предизвика драма во унгарското општество и во политиката. Железното владеење на Виктор Орбан почна да покажува пукнатини. Центарот на оваа политичка драма е човек кој, до неодамна, беше дел од системот на владејачката партија Фидес и поранешен сопруг на поранешниот моќен министер за правда Јудит Варга.
Откако ја почна инвазијата на Украина во февруари 2024 година, рускиот претседател Владимир Путин има малку поддржувачи меѓу европските политичари. Тие можат да се избројат на прсти, а главниот меѓу нив е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој е единствен од европските лидери кој се сретна со Путин по нападот на Украина, а неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто неколку пати патуваше во Москва. Унгарија не се откажува од дотокот на рускиот гас и е против воената помош за Украина.
Путин и Орбан се на власт долги години – и двајцата изградија политички систем кој практично не ѝ остава на опозицијата никакви шанси за успех. За некакво чудо, од февруари 2024 година во Унгарија се одржуваат најголемите протести против актуелната власт по многу години, а на политичката арена се појави нова фигура − 43-годишниот Петер Маѓар, до неодамна познат само како поранешен сопруг на поранешниот министер за правда Јудит Варга, личност од исклучителна доверба на Орбан.
Анкетите покажуваат дека Маѓар и неговата штотуку формирана партија ТИСА (Почит и слобода) имаат „ракетен“ пробив во унгарското општество и дека на европските избори на 9 јуни може да очекуваат дури 25 отсто од гласовите. Од каде и зошто се појави Петер Маѓар и може ли тој навистина да ја поткопа моќта на Виктор Орбан по сите неуспешни обиди на опозицијата од 2010 година наваму?
Еве некои прашања и одговори.
1. Како се појави Петер Маѓар во унгарската политика?
Неговото „катапултирање“ во политиката е поврзано со голем скандал. Во февруари 2024 година се дозна дека унгарскиот претседател Каталин Новак (член на владејачката партија Фидес и протеже на Виктор Орбан) го помилувал заменик-директорот на едно сиропиталиште, Ендре Коња, кој беше осуден за давање прибежиште на педофил. По протестите, Новак беше принудена од Орбан да поднесе оставка.
За помилувањето не требаше да се знае. Во Унгарија одлуките за помилување не се објавуваат. Откривањето беше случајно и среќна околност. По ослободувањето, Коња отиде на суд за да ја исчисти сопствената репутација (тој побара да се укине забраната за работа со деца).
За ова пишуваа во судскиот преглед, спомнувајќи ја одлуката за помилување. Еден адвокат го забележал тоа и им го кажал на независните новинари. Но, и во првите денови по објавувањето не изгледаше дека скандалот ќе биде од толкави размери.
Дури по првите протести Фидес почувствува дека треба да дејствува. Новак, заедно со Фидес, извесно време се обидуваа да ги минимизираат последиците од тоа што се случи. Таа поднесе оставка на претседателската функција дури кога Орбан јасно стави до знаење дека тоа е единствената опција за да го спаси угледот на партијата.
Друга централна фигура во скандалот беше Золтан Балог, поглавар на Унгарската реформирана црква и духовен ментор на Орбан. Тој, од непознати причини, лобираше за помилување на Коња − и исто така беше принуден да поднесе оставка.
Но, третата оставка се покажа како најзначајна − на Јудит Варга, поранешниот министер за правда, која ја потпиша одлуката за помилување. Таа требаше да ја предводи партиската листа на Фидес на изборите за Европскиот парламент на 9 јуни 2024 година, но на крајот мораше да ја напушти политиката. Нејзиниот поранешен сопруг, Петер Маѓар, го искористи ова за да започне свој политички проект.
2. Зошто скандалот стана толку голем?
Има неколку причини. Како прво, тоа е контрадикторноста меѓу реалноста и владината реторика. Еден од главните наративи што ги промовираа властите во последните години е дека Фидес е заштитник на децата. Унгарските власти го користеа овој наратив (и многу успешно) кога економијата одеше полошо или кога Владата требаше да го одвлече вниманието на луѓето од она што се случува во земјата. Но, приказната за помилувањето беше невозможно да се избегне. Па дури и медиумите под контрола на Фидес не можеа да најдат добро премостување.
Втората точка е дека со економските проблеми секој скандал станува поризичен за власта. Во последниве една и пол до две години, но особено минатава година, на унгарската економија не ѝ оди баш најдобро − инфлација, недостигот на работна сила, прилив на странци за одржување на растот на БДП. Многумина почнаа да живеат полошо од порано. Власта понуди различни објаснувања за она што се случува − на пример, војната во Украина или Брисел − одвлекувајќи го вниманието на луѓето од сопствените грешки. Ситуацијата полека се развиваше, немаше антивладини протести, но имаше разочарување. И кога луѓето се разочарани, непредвидливо реагираат на скандали како што е приказната за помилувањето. Да беше сѐ добро во економијата, овој скандал немаше толку да ја погоди власта.
3. Кој учествуваше во овие протести?
Првите протести се случија веднаш откако приказната за помилувањето стана јавна. Ги организираа опозициските партии заедно со граѓанските организации, односно оние кои вообичаено организираат антивладини протести. Поголем протест беше организиран од инфлуенсери и од културни личности во средината на февруари. Тие успеаја да привлечат значителен број луѓе − неколку десетици илјади. Тоа беше непартиски протест и го зголеми опсегот на деликатноста на прашањето. Истата недела опозициските партии одржаа уште еден митинг чие главно барање беа директни претседателски избори, но тој привлече многу помалку луѓе.
Сето ова се случи во Будимпешта. Но, дури и надвор од главниот град, луѓето беа огорчени од одлуката за помилување − инаку Фидес немаше да реагира толку остро и немаше да инсистира на оставка на толку многу луѓе. Независните медиумски истражувања покажуваат дека власта го проучувала влијанието на скандалот врз гласачите во руралните области. И анкетите на јавното мислење подоцна потврдија дека Фидес изгуби неколку стотици илјади гласови само во првите недели од скандалот. За партија, за која гласаа повеќе од три милиони гласачи во 2022 година, ова е болно, но не и катастрофално.
4. Како Петер Маѓар успеа да стане лидер на протестите?
На почетокот, Петер Маѓар изгледаше само помал дел од оваа приказна. Тој беше познат само како поранешен сопруг на Варга (тие се разведоа во 2023 година) и се појави во медиумите во врска со скандалите за сопственоста на разни недвижности. Но, во јавноста малку знаеше за него: ниту го сакаа ниту го мразеа.
Двојката, која има три деца, дотогаш честопати беше избрана за модел на семејство во сјајни списанија во земја чија влада ги награди „традиционалните“ семејни вредности. Маѓар, кој служеше во државните одбори и имаше различни улоги во администрацијата, вклучително и во Брисел за време на последното унгарско претседавање со ЕУ, претходно зборуваше за напуштање на кариерата за да се грижи за нивните мали деца кога кариерата на Варга почна да расте.
Во своите први интервјуа за независни медиуми, Маѓар почна капка по капка да дава информации за разни случаи на корупција на членовите на Фидес и на нивната придружба. Но, тој всушност не кажуваше ништо што веќе не беше познато − благодарение на новинарските истражувања. Сепак, неговата комуникациска стратегија функционираше − луѓето сакаа да слушнат повеќе. Тој е добар раскажувач: кога зборуваше за луѓе блиски до Фидес ги нарекуваше кловнови, им даваше прекари и ги претставуваше како смешни и разбеснети. А бидејќи претходно беше близок со нив, луѓето имаа впечаток дека тој навистина знае што зборува, дека не е само опозициски политичар.
Во едно од интервјуата, Маѓар спомна дека има докази за вмешаност на Антал Роган, моќниот шеф на Кабинетот на унгарскиот премиер, во корупциски скандал. Се испостави дека станува збор за аудиоснимка која ја направил тајно пред една година, додека уште беше во брак со Јудит Варга. На снимката Варга, меѓу другото, вели дека Роган или негови блиски луѓе вршеле притисок врз Обвинителството да ги отстрани материјалите кои се однесуваат на самиот Роган од кривична постапка. Таа, исто така, се жали дека главниот обвинител не го контролира Обвинителството. Се покажа дека е нешто како бомба.
Снимката беше сензационално објавена − Маѓар ја претстави на Обвинителството во Будимпешта пред „море“ од камери. Се испостави дека тое е клучниот пресврт во драмата што ја збуни Унгарија и обезбеди редок момент на бунт против железната контрола на Орбан врз политичкиот систем на земјата.
Во своето прво интервју Маѓар рече дека не сака да влезе во политиката и да формира своја партија. Па критикуваше само поединечни членови на Фидес, но не и Виктор Орбан. Но, потоа, чекор по чекор, тој стана сѐ поамбициозен. Постапуваше постепено и внимателно, гледајќи дека во општеството има побарувачка за некој како него.
5. Дали се смени темата на протестите?
Скандалот со помилување не е целосно заборавен, самиот Маѓар понекогаш го спомнува тоа. Ако првично протестите се формираа за една тема − дека е страшно во сиропиталиштата, нема владино финансирање, корупција, а одговорните за криминал бегаат од одговорност благодарение на нивните врски − Маѓар успеа да го поврзе она што се случува со незадоволството за други прашања.
На пример, тој се обиде да привлече луѓе кои се незадоволни од она што се случува во Унгарија, но во исто време се разочарани од опозицијата. Тој тврди дека Орбан и поранешниот премиер, сегашен лидер на либералната партија Демократска коалиција, Ференц Ѓурчани, се производи на истиот систем. И двајцата имаат корист од моменталната состојба. А за да донесете промени во Унгарија, треба да се борите против двајцата. Ова е деликатен момент бидејќи самиот Маѓар беше корисник на системот изграден од Фидес до пред четири месеци. Но, во исто време, има вистина во неговите зборови − постапките на Ѓурчани отуѓија доволно гласачи од опозицијата за Фидес да има постојано огромно мнозинство во Парламентот.
Според анкетите на јавното мислење, досега Маѓар добиваше поддршка главно од приврзаниците на опозициските партии. Засега опозицијата не знае што да прави во врска со тоа – активностите на некои помали партии може на крајот да бидат бесмислени. Во исто време, скандалот со помилување доведе до тоа некои гласачи да се отуѓат од Фидес − можеби Маѓар успеа да привлече некои од нив на своја страна.
Некои опозициски политичари и поддржувачи изразија скептицизам за Маѓар и за неговата стратегија, како и стравувања дека тој би можел да го разводни веќе поделениот опозициски глас.
„Гардијан“ го запраша за овие загрижености на што Маѓар одговори: „Мислам дека тоа не е мој проблем“, истакнувајќи дека тој верува оти 30 отсто од неговата поддршка доаѓа од гласачите на опозицијата, 30 отсто од независните и 20 отсто од поддржувачите на Владата.
Во последниве два месеци Маѓар, иако продолжи да организира протести во Будимпешта, го сврте вниманието кон регионите. Тој се обидува да покаже дека може да биде успешен и во руралните области кои обично гласаат за Фидес. Тој патува низ земјата и не е секаде пречекан подеднакво топло, но во некои мали градови успева да привлече релативно голем број луѓе.
На почетокот на мај, 10 000 луѓе се собраа во Дебрецин, вториот по големина град во Унгарија, за поддршка на Маѓар. „Денес огромното мнозинство од унгарскиот народ е уморен од владејачката елита, од омразата, од апатијата, од пропагандата и од вештачките поделби“, рече Маѓар пред насобраните. „Унгарците денес сакаат соработка, љубов, единство и мир.“
Политичките аналитичари во Унгарија велат дека е тешко да се разбере што е она по што се издвојува Маѓар. Но, сите се согласуваат дека има нешто во него. На пример, тој зборува речиси монотоно, но во исто време користи зборови на пркос: „Ајде да направиме револуција!“, „Да им покажеме!“ И одвреме-навреме, среде говор, тој цитира стих од песна што секој унгарски ученик ја знае напамет – што значи, многу Унгарци можат да се поврзат со тоа. Гласачите имаат очекување дека Маѓар сè уште не открил сè, дека сè уште има нешто интересно да каже.
6. Дали Унгарците може да му веруваат на Маѓар бидејќи долги години беше дел од системот на Фидес?
За тоа нема добар одговор. Унгарските аналитичари велат дека е изненадувачки што луѓето се подготвени да ја игнорираат оваа врска. Можеби дел од причината е што унгарското гласачко тело не е јасно поделено меѓу поддржувачите и противниците на режимот. Секогаш има луѓе во средината − оние кои опортунистички гласаат за Фидес затоа што им се допаѓа она што го кажува Орбан за миграцијата или за ЕУ. И тие се соочуваат со корупција, но сепак владејачката партија им изгледа како најдобар избор бидејќи не веруваат во компетентноста на опозицијата. Таквите луѓе не се плашат од минатите врски на Маѓар, а некои, напротив, се охрабрени од фактот дека тој дефинитивно не припаѓа на либералната опозиција.
За оние кои сакаат режимот да падне, Маѓар е глас на протест. Тие разбираат дека тој не е ангел. Тие се загрижени не само за неговата поврзаност со Фидес туку и за тоа што Јудит Варга го обвини за семејно насилство. Но, тие навистина сакаат системот да пукне, тие сакаат промени. Опозицијата испроба различни начини на борба во изминативе 14 години, но ниеден од нив не успеа.
7. За каква политика се залага Петер Маѓар?
Тој вели дека е центрист и за некои прашања е поблизок до Фидес отколку до унгарските опозиционери. Во исто време, тој отворено му се восхитува на францускиот претседател Емануел Макрон кој не се согласува со Орбан за важни надворешно-политички прашања.
Тој ја избегнуваше темата за војната во Украина, таа не му е главната работа. Но, од она што го кажа, јасно е дека неговата позиција е блиска до Орбан во некои аспекти. На пример, Маѓар рече дека Украина не заслужува статус на кандидатка за ЕУ бидејќи Унијата не е подготвена за тоа во сегашната ситуација. Тој се спротивстави и на членството на Украина во НАТО и го критикуваше западното присуство во земјата. Во исто време, Маѓар јасно стави до знаење дека го смета Путин за агресор.
8. Какви се шансите на Маѓар и на неговата партија на изборите за Европскиот парламент?
Никој не може да каже со сигурност: резултатот може да биде од 15 до 35 отсто. Секако, доколку добие мандат во Европскиот парламент, тоа нема директно да влијае на Унгарија. Ќе има поголемо присуство во политиката, но нема да има функција која му дава моќ. Следните парламентарни избори во Унгарија ќе се одржат во 2026 година, за две години − тоа е долго време, а дотогаш сѐ може да биде издувано.
Но, има и еден детаљ што прави сè да биде непредвидливо. Тоа е губењето на моќта на традиционалните методи на пропаганда. Во минатото, кога владата ќе направеше грешка, им требаа неколку недели за повторно да ги стават работите под контрола. Но, сега комуникациските алатки што Фидес ги користеше за да ја одржи власта, да ја контролира политичката агенда и да го одвлече вниманието некако не функционираат. Вака е веќе четири месеци − и тоа е невообичаено долго време за Унгарија.