Општество

Во Стопанската комора на СМ презентирани резултатите од истражувањето „Биоотпадот во С. Македонија – мапирање на проблемот и изнаоѓање решенија“

30.07.2024г

Во организација на Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, како дел од проектната активност во соработка со Програмата заголемување на пазарната вработливост - ИМЕ финансирана од Владата на Швајцарија, a имплементиранa од групацијата Palladium International LLC, се одржа работилница на тема „Биоотпадот во С. Македонија – мапирање на проблемот и изнаоѓање решенија“.

Главната цел на работилницата беше да се претстават резултатите од истражувањето, односно анализа на направеното согледување за тоа каков тип на органски отпад генерираат 150 најголеми компании од агросекторот , во колкави количини и со колкава енергетска вредност и во кој период од годината на територија на целата држава,. Во процесот на мапирање беа вклучени компании од четири подсектори – преработувачка индустрија, производство и откуп на овошје и зеленчук, сточарството и винска индустрија. Ваквиот тип на мапирање и на извештај ќе биде од голема важност за Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во насока на подобрување на подзаконските решенија во иднина и нивно доследно спроведување во пракса.

Во однос на свесноста за влијанието на био-отпадот, дури 93% од компаниите сметаат дека истиот што го генерираат од процесот на производство НЕ влијае негативно на животната средина.

 

Согласно податоците добиени во процесот на мапирање и испитување на компаниите, над 1,900,000 тони се генерира отпад во сточарство (30% мапиран), а околу 41.031 тони отпад во делот на преработувачка индустрија, процесирање на овошје и зеленчук и винарии (70% мапиран).

Во согласност со легислативата на ЕУ, односно измените на ЕУ (2008, 2018б), органскиот отпад ќе мора да се одвојува на изворот, а 65 % од него да се рециклира до 2035 година. Северна Македонија е обврзана да спроведе  активности за решавање на проблемот со органскиот отпад и намалување на емисијата на CO2. Целта на Европската унија е до 2030 година да ја намали емисијата наCO2 за 55 %.

Оттука и идејата за формирање на Асоцијацијата како посебно тело во рамките на Стопанската комора кое ќе ги третира актуелните интереси на постојните биогасни централи во РСМ кои изразија спремност активно да се вклучат во изнаоѓање на најсоодветен модел за превземање и користење на органскиот отпад како суровина за производство на електрична енергија, а како нус производ се добива дигестат кој е идеално гјубриво кое може да се користи во земјоделското производство. Потребно е во Асоцијацијата да се вклучат најголемите компании од прехранбениот сектор за да се забрзаат активностите.

Во изминатиот период беа одржани неколку работни средби со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и на Министерството за Земјоделство, Шумарство и Водостопанство. Законска рамка постои според која оној кој создава отпад има одговорност до крајното решение. Компаниите се должни да го предадат за натамошна обработка или да создадат услови, во рамките на своите капацитети, за обработка и за менаџирање на органскиот отпад, без притоа да креираат штета врз животната средина.

Сегашната пракса на спроведување на отпадот до локалната самоуправа не е законски регулирана на начинот на кој се практикува, туку е спротивна на оваа регулатива бидејќи комуналните претпријатија немаат капацитети за менаџирање на органскиот отпад и негово безбедно одлагање. Скоро сите депонии во моментов се нестандардни, немаат соодветен третман и затоа и не смеат да примаат органски отпад. Постои и правилник за количеството на биоразградлив отпад што смее да се депонира. Потребно е како следен чекор да се види до каде се имплементирани плановите за третман на овој отпад, за потоа да се прејде на следните активности во соработка со МЖСПП. Во мапирањето беше предложено, како дополнителна активност, да се пресмета и трошокот за транспорт и за манипулација на органскиот отпад од производствените и преработувачките капацитети до биогасните централи.

На работилницата беа презентирани менаџмент-системот за биоотпад во Р. Словенија, легислативата за регулирање на биоотпадот и постојните практики за менаџирање со биоотпадот во Р. Словенија.

Асоцијацијата, како дел од своите идни активности, има намера да направи дополнително истражување за добрите пракси од ЕУ-земјите во кои органскиот отпад е посебно регуларан, што би дало можност МЖСПП да поведе иницијатива за креирање посебна законска регулатива која ќе се однесува само на органскиот отпад. 


БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Швајцарија е искрен и сигурен партнер на Северна Македонија од 1992 година. Дипломатските односи помеѓу двете држави се воспоставени во 1994 година, а од 1996 година започнува Швајцарската програма за развој и соработка во земјата. Од тогаш Швајцарија има инвестирано околу 350 милиони швајцарски франци, еден од најголемите билатерални донатори во земјата, да ги поддржи одржливиот економски раст, заштитата на природата и одржливо управување со природните ресурси, и доброто демократско владеење во државата. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата https://www.eda.admin.ch/countries/north-macedonia и на официјалните страни на Facebook, LinkedIn и Twitter.

ПРЕПОРАЧАНО