Општество

ФИЛОЗОФИЈА: Витгенштајн и Толстој

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.

Лудвиг Витгенштајн (1889 − 1951), еден од највлијателните филозофи на 20 век (под негово влијание се формирале т.н. Виенски круг, Оксфордски, Варшавски), за време на својот живот сменил неколку професии и проучил неколку научни области: од математика, аеронаутика, музика, педагогија, медицина, градинарство, архитектура до филозофија. Студирал на Универзитетот Кембриџ и бил еден од најталентираните студенти на проф. Бертнард Расел, а на истоимениот универзитет и предавал, во периодот од 1939 г. до 1947 г. Расел бил восхитен од Витгенштајн, го опишал како „најсовршен пример на генијалец, длабоко страствен, интензивен и доминантен.“ Роден е во Виена, во многу образовано, богато еврејско семејство, како најмало дете од осумте деца во семејство. За време на Првата светска војна доброволно се пријавил во австриската војска. По една битка, во близина на градот Тарнов, денешна Полска, сосема случајно влегол во напуштена книжарница каде што меѓу книгите го забележал делото „Евангелија во писма“ на рускиот романописец Лав Толстој. Толстој му го спасил животот. Делото постојано го носел в пазуви, го читал, паралелно додека бил на фронт, меѓу гранати и ровови, размислувал за него, а по битките на сите војници им зборувал само за делото. Другарите го нарекле „човекот со евангелијата“. Содржината на делото бил неговиот вистински живот, а војната нужна реалност. Родени во различни времиња (60 г. разлика), Витгенштајн и Толстој имале многу нешто заедничко. И двајцата потекнувале од благороднички семејства, имотни, но и двајцата презирале богатство. Толстој бил гроф, роден на поседот Јасна полјана каде што го поминал сиот свој живот пишувајќи ги своите романи. Во периодот кога бил под влијание на анархизмот се носел со идејата да го раздаде сиот свој имот на сиромашните селани на што остро се спротивставила неговата сопруга. Витгенштајн, пак, како единствен наследник на имотот (татко му бил индустријалец, тргувал со челик и поседувал 3 % од тогашниот вкупен капитал на Австро-Унагарија, факт кој им бил познат на нацистите, а кои од фамилијата одзеле 1 700 кг злато откуп за спасување) се откажал од огромното семејно наследство, им го препишал на постарите браќа и сестри, а остатокот го раздал на сиромашни актери и уметници од тоа време. Покрај тоа што и двајцата биле учесници во војни, Толстој во Кримската, Витгенштајн во Првата светска војна, и освен што презирале богатство, и двајцата се занимавале со педагогија. Рускиот благородник за децата на сиромашните селани на имотот Јасна полјана отворал училишта каде што спроведувал еден вид „демократска“ педагогија, педагогија без насилство, доброволно учење во природа, без програма, без барања од учениците да учат лекции, со намера да се следи љубопитноста и гладта за знаење на децата. Толстој го одвоил воспитанието од образованието и го прогласил за непотребно, иако подоцна се покајал и сфатил дека е грешка. Витгенштајн, пак, откако направил радикални промени во својот живот, ослободувајќи се од имотот, се пријавил за селски учител по математика во планините на Австрија. Опишан е како ангажиран учител, со учениците дизајнирал парни локомотиви, правеле макети на објекти, дисецирал животни − испитувале разни нешта под микроскоп кој го донел од Виена, организирал заеднички читања и ноќни гледања на ѕвездите на небото, а децата буквално се натпреварувале едно со друго за да одговорат на прашањата на учителот... Но, Витгенштајн бил и суров, строг учител. Казнувал со ќотек. Еднакво, и момчињата и девојчиња, им удирал шлаканици, ги влечел за коса и за уши доколку бавно одговарале, несигурно или не можеле да решат некој математички проблем. На крајот, по барање на селаните поради суровите методи, морал да го напушти селото каде што учителствувал.
За време на својот живот Витгенштајн напишал само едно единствено филозофско дело, „Логичко- филозофски трактат“ (Tractatus Logico-Philosophicus [1921]), дело кое се состои од седум тези кои се декларативни и со коментари под нив, преведено е и на македонски од проф. д-р Бранислав Саркањац. Витгенштај е неопозитивист, а неопозитивистите ги проучувале границите на логичкото размислување, се занимавале со логичка анализа на јазикот. Според неопозитивизмот, математичките аксиоми и теореми, како и логичките закони, немаат емпириско потекло и според тоа претставуваат систем од знаци (симболи) и правила за нивна употреба. Аналитичкиот метод во филозофијата треба да се ограничи само на анализа на јазичките искази со што ќе се утврдат и ќе се одвојат границите на смислата од бесмисленоста и ќе се прочистат шпекулациите, односно вистинските од лажните филозофски проблеми. Меѓу другото, Витгенштај размислувал и за етички прашања, за вредносните судови во етиката, за среќата − тројца од неговите браќа се самоубиле и тој бил депресивен и помислувал на самоубиство, особено по војната. Еден од неговите браќа, Пол Витгенштајн, бил концертен пијанист кој ја загубил десната рака за време на Првта светска војна. Подоцна композиторите како Равел и Прокофјев дел од делата, концерти за лева рака, му ги посветиле токму на Пол Витгенштајн. Лудвиг за среќата пишува: „Секогаш размислувам одново и одново дека среќниот живот е добар, а несреќниот лош. Се прашувам зошто да бидам среќен, но сега тоа прашање ми се чини како тавтолошко прашање“. Среќниот живот, смета Витгенштајн, се оправдува самиот себе како единствено исправен, вистински живот, хармоничен е, за разлика од несреќниот кој е нехармоничен. Среќниот човек светот го гледа како нешто ограничено, животот е непроблематичен, и обратно. За Витгенштајн не постои објективен критериум на среќа, нема знак кој би можел да ја опише среќата, всушност тој знак за него не е физички, туку е метафизички, а етиката трансцедентна.

ПРЕПОРАЧАНО