Општество
Неколку лекции од успешната Словенија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2024г.
Пред неколку дена ја имав честа да бидам дел од панел-дискусијата организирана од страна на Амбасадата на Словенија и на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици, по повод 20 години од (успешните) економските реформи реализирани во Словенија, кои ја ставија оваа мала земја на мапата на држави кои успешно транзитирале од земја која беше дел од поранешната еднопартиска Социјалистичка Југославија во демократско повеќепартиско општество со конкурентски способна економија, драстично зголемен БДП и стандард на живеење, станувајќи во рекорден рок полноправна членка на НАТО, на ЕУ и на ОЕЦД.
Како членка на ЕУ, исто така во исклучително краток временски период, Словенија ги исполни сите критериуми и стана дел од Европската монетарна унија, како и дел од Шенген зоната. Успех кој воодушевува и е за секоја почит. Успех на мала држава која произлегува од истата таа Југославија од која произлеговме и ние, а по големина и според територија и број на жители речиси идентична со Македонија. Тоа значи дека и малите држави можат да постигнуваат високи резултати доколку се добро институционално организирани, стратешки фокусирани и водени од компетентни политички лидери со високо ниво на разбирање за геополитичките движења.
Но, освен параметрите кои нè прават многу слични, во изминативе три и пол децении од распадот на Југославија има уште повеќе параметри кои нè прават различни. Постои разлика меѓу нашите економии по обем и структура, по конкурентската способност и издржливост, по разликата во функционирањето на нашите политички системи, по квалитетот на нашето образование на сите нивоа, по квалитетот на здравствената заштита, по развиеноста на транспортната инфраструктура и дигиталната мрежа, па сè до капацитетот и професионалноста на администрацијата, индексот на слобода на медиуми, нивото на корупција и ефиксноста во борбата против организираниот криминал.
Ќе бидеме нефер ако за сè, за сите слабости и за сите неуспеси, ги обвиниме само домашните политички елити и одлуките кои се донесени или како погрешни, или во погрешен момент, или пак воопшто не се донесени, а требало да се донесат. Иако огромен дел од вината, секако, паѓа на товар на политичките лидери, сепак објективно дел од вината за нашиот неуспех паѓа на товар и на капацитетот на целото општество да се спротивстави на лошите политики или на некадарните политички лидери во одреден момент, а дел од вината оди и на дезориентацијата и неодлучноста на лидерството на Европската Унија и некои земји членки кои не успеваа да ја препознаат важноста на нашиот регион, Западен Балкан, а со тоа и на Македонија како дел од тој дел од Европа. Не велам дека сме најважни, но сепак сме важни за општата безбедност на Унијата и на нашиот регион. Процесот на проширување се оддолжи и поради нас самите, но уште повеќе поради отсуство на лидерство и на визија за иднината на Европската Унија и потребата од заокружување и унификација на Унијата со земјите од Западен Балкан. Приклучувањето на Унијата на Украина и на Молдавија е реална потреба и неминовност од поново време.
Но, да се вратам на настанот од почетокот на овој текст, на кој имав можност да слушнам искуства од амбасадорот Н. Е. Грегор Прескер и од врвниот експерт, професорот Мојмир Мрак, и да го споделам подиумот со експерти и со практичари од Македонија. Настанот беше со исклучително интересна дебата и важни поенти и заклучоци, тргнувајќи пред сè од факот дека економските реформи се тешки, понекогаш и болни, но мора да се реализираат, сè до заклучокот дека членството во Европската Унија за Словенија е многу, многу повеќе од само економија и единствен пазар.
Лично, од самиот почеток на мојата кариера (1996/97) во делот на процесот на европска интеграција, споделувам партнерство и тесна соработка со експерти од Словенија бидејќи од секогаш сметав, а тоа и се докажа во многу наврати, дека нивното искуство е најрелевантно. Прво, затоа што произлегуваме од ист политички, економски и правен систем, поранешна Југославија, второ, затоа што сме со слична големина и по површина и по број на жители, и трето, затоа што сè што успешно помина и направи Словенија на патот кон ЕУ мора да го поминеме и ние. Со големо задоцнување, но тоа е задолжително. Заклучокот е едноставен, Словенија е одличен и сè уште релевантен пример кој можеме да го следиме и кој и досега го следевме со помалку или повеќе успех. Како позитивен пример може да го споменам првиот твининг проект реализиран меѓу Словенија и Македонија во 2004/2005 година, кој резултираше со денешниот целосно функционален Секретаријат за европски прашања, значително подобрена институционална структура за контрола на квалитетот на производите, есенцијална за учество во единствениот европски пазар и воспоставување на функционални процедури во нашето Собрание поврзани со транспозицијата на европското законодавство. Позитивни примери за билатералната соработка има уште многу и во делот на внатрешните работи и безбедноста, делот на статистика, образование, локална самоуправа итн.
Од нашата долгогодишна соработка лекциите се многубојни, но од моето лично искуство и од соработката со колегите и со колешките од Словенија, во текот на панел-дискусијата при моето излагање, издвоив десет лекции или пораки кои ми се врежаа во мојата меморија, а за кои низ пракса потврдив дека се многу валидни и денеска.
Прво, кога ќе договорите нешто со Брисел, со Европската комисија или со кое било тело на Унијата, бидете сигурни дека коректно сте разбрале што сте се договориле, вратете се дома и преку своите национални институции реализирајте го договореното. Така ќе стекнете доверба на сериозен партнер со кој вреди да се соработува. Ветено, исполнето.
Второ, кога ќе ги реализирате обврските, секако во договорената временска рамка, јавно и гласно покажете ги и објавете ги резултатите со што ќе градите перцепција на успешна држава, а во Брисел и кај земјите членки перцепцијата е многу важна. Не секогаш секој има време ниту ресурси од земјите членки да навлегува во сите детали, затоа начинот на кој ги агрегирате и ги презентирате вашите резултати се важни. Бидете транспарентни и аргументирани.
Трето, одржете ја динамиката на реформи во континуитет, во еден здив, за да ја покажете и да ја докажете својата политичка способност и стратешка одлучност и упорност. Што побрзо ги реализирате реформите, тоа погласно е и подолго трае ехото на успехот.
Четврто, секогаш следете ги одблиску движењата и промените на глобален план, особено во рамките на Унијата, и бидете спремни да се прилагодите на новите услови. Со тоа покажувате и докажувате дека имате политичка зрелост, демократски и институционален капацитет да се носите со сите нови предизвици и од најкомплексна природа. Довербата се гради цигла по цигла за да трае и да прерасне во партнерство.
Петто, покажете самодоверба, докажете дека сè што другите го сториле пред вас во процесот можете да го сторите и вие. Никој не сака да ги внесувате вашите проблеми внатре во Унијата, со нив мора да се справите пред да седнете да одлучувате на масата со другите. На масата мора да ве чувствуваат еднакви за да ве третираат рамноправно.
Шесто, административниот капацитет е круцијален за динамиката на пристапните преговори, што значи дека во институционалните структури ви се потребни најдобрите, најкомпетентните професионалци. Процесот не трпи импровизации и политизација. Континуитетот е есенцијално важен бидејќи процесот надминува мандат на една влада или на една политичка структура.
Седмо, градењето на административен капацитет за апсорпција на расположливите ЕУ-фондови во текот на претпристапниот процес е од примарна важност. Подготовката на зрели проекти и способноста за нивна реализација со сопствен човечки потенцијал и експертиза е предуслов за забрзан економски раст и развој, како и подготовка за пристап до големите структурни фондови како дел од кохезиската политика. Не смее да се дозволи загуба на ниедно евро од парите на ЕУ наменети за нашава економија.
Осмо, како мала земја со ограничен човечки административен капитал не може да си дозволите да не ги пратите во Брисел, во нашата мисија при ЕУ, најдобрите. Едноставно, доколку тоа не го сторите, тоа е прескапо и преризично и може да доведе до губење на чекор со процесот. Потребни ви се најдобрите, искусни кадри кои ќе можат да покриваат повеќе области одеднаш и експерти кои веќе одлично ги познаваат европските политики и институции. Брисел не е место за почетници.
Деветто, веднаш почнете дома со подготовка на млад кадар за работа во европските институции за кога ќе станете членка да не губите време во нивна подготовка, тие веќе треба да бидат спремни да се вклучат во работата на институциите на ЕУ. Повторуваме, Брисел не е место за почетници.
Десетто, навременото градење на ИТ-системите е од огромна важност бидејќи тие значително може да го олеснат процесот на преговори, на транспозиција на европското законодавство и на следењето на неговата имплементација. Преводот на европското право на македонски јазик исто така може значително да се олесни и да се забрза со користење на ИТ-алатки, што би било од огромна полза и би се намалиле големите трошоци за креирање на ЕУ acquis на македонски јазик.
Се разбира, има уште многу лекции и искуства кои се научени во текот на изминативе години и од комуникацијата и од соработката и со други држави и експерти, освен од Словенија. Но, клучното правило беше и останува, да учиме од добрите пракси и искуства од другите земји (и од нашите), а де се обидеме, барем да се обидеме, да ги избегнеме туѓите грешки (и нашите). На тој начин можеби ќе се спасиме од непотребни фрустрации, а секако ќе избегнеме и загуба на енергија и на време. Енергија немаме премногу, а времето брзо истекува.