Општество
Во ЕУ има повеќе граѓани кои недоволно ги топлат своите домови
25.06.2024
Во 2023 година околу 10,6 отсто од Европејците не биле во можност да ги одржи своите домови со доволна топлина и тоа е за 1,3 отсто повеќе во однос на 2022 година. Зголемувањето на бројот на граѓаните кои се енергетски сиромашни е поради влијанието на кризата и повисоките трошоци на живот во Европската Унија, вклучително и на повисоките сметки за потрошена енергија, објави Европската комисија.
Земјите од ЕУ последните години се обидуваа да ги помогнат граѓаните кои се соочени со енергетска сиромаштија со повеќе итни мерки, како што се издавање на ваучери или покривање на надоместоците за греење. Европската комисија постави амбициозни цели за да им помогне на најзагрозените домаќинства со воведување на нови правила во врска со дизајнирање на пазарот на електрична енергија и заштита на правата на потрошувачите во снабдувањето со електричната енергија и природниот гас.
Новите правила ќе им овозможат на потрошувачите да избираат меѓу договорите за испорака на електрична енергија кои најдобро им одговараат на нивните различни енергетски потреби. На пример, потрошувачот може да има договор со фиксна цена со што ќе му даде можност за предвидливи трошоци за своите главни енергетски потреби во домаќинството. Истовремено, им се нуди и можноста за договор со променлива цена за полнење на топлотните пумпи или електричните автомобили во било кое време. Земјите од ЕУ ќе мораат да обезбедат и расположливи средства за подобра заштита на загрозените граѓани од исклучување на струјата или гасот, пренесува „Политика“.
фото freepic