Општество

Времето кога државата „шлајфува“

Калина Миљовска | Авторот е правен експерт во Стопанска комора

Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.

Сите стравуваат од периодот кога државата „шлајфува“. И бизнисите и граѓаните, никој не може да заврши ништо, сите административни функции затајуваат, сите почнати процедури се одолговлекуваат, од царина до набавка на лекови, дури и најпростите работи, како екскурзиите на децата во основните училишта − се ставаат во мирување во овој „сив и матен период“ кога дури ни најјаките „врски“ не можат да ти помогнат да завршиш најобична секојдневна административна работа. Тоа е времето што едноставно го викаме „избори“. Кај нас во време на избори државата е парализирана. И не, не зборувам за 90-те дена пред избори, зборувам за најмалку година дена пред изборите во која ниеден државен службеник не се осмелува да донесе најпроста одлука заснована на закон и на докази од страв за последиците „доколку дојде нова гарнитура“ и како ќе биде толкувана неговата одлука.
И оваа ситуација ја прифаќаме како нормална. Нели, сфаќаме зошто службениците се несигурни, се плашат од реперкусии, се навикнавме државниот апарат да нè парализира цела година и да функционира (да се сфати терминот преносно, не буквално) само 3 години, па година дена пауза, па пак 3 години (и овие години се менуваат сегментно зависно од тоа дали се работи за локални или најстрашното – за парламентарни избори)...
И никој не го доведува овој начин на функционирање во прашање; едноставно – тоа е така. Буквално сите сме пасивни пред нешто на што се противиме, премолчено се согласуваме, прифаќаме (латински: quiēscere – да прифаќа молчешкум и без протест, да се биде тивок, да се одмара).
Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен: затоа што кај нас не владее правото како што пишува во Уставот, туку кај нас владеат поединецот, група на поединци, интересни групи, партија или фракција од партија. Иако „владеењето на правото“ е лексички присутно, неговата семантичка отсутност нè гони секој ден, а „предизборниот македонски синдром“ е само негова впечатлива последица.
И додека си мислиш дека ова е некоја модерна демократска аномалија, владеењето на поединецот е точно она од што Аристотел стравува кога во неговата „Политика“ го поставува прашањето: „Дали е подобро да се живее со добар владетел или со добар закон?“
И што, всушност, значи владеење на правото без да го споменуваме Аристотел, Монтескје, Хобс? Едноставно е, „владеење на правото“ е доктрина што ја поддржува еднаквоста на сите граѓани пред законот, вклучувајќи ги и сите членови на институциите на државата, која обезбедува неарбитрарна форма на владеење и општо спречува произволна (зло)употреба на моќ.
Владеењето на правото може да се дефинира како владеење во согласност со закон, и тоа се заснова на четири универзални принципи: 1. одговорност и отчетност, 2. праведни закони, 3. отворена влада и 4. достапно и непристрасно решавање на спорови. Правичните закони значат дека законите се јасни, се објавени (донесени во законска постапка која вклучува јавност и транспарентност), се стабилни и се праведни; се применуваат рамномерно; и заштита на основните права, вклучително и безбедноста на лицата и имотот и на основните човекови права.
Сепак, фразата „владеење на правото“ често се користи колоквијално како синоним за должноста за почитување на законот. Но, тие не се синоними. Почитувањето на законот е должност на правните и на физичките лица и за неговото непочитување постојат индивидуални санкции, а владеењето на правото е одлика на државата и со непочитувањето на овој принцип „казнети“ се сите граѓани.
Зошто владеењето на правото е важно за општеството? Имајќи силно владеење на правото, владите им даваат на бизнисот и на граѓаните уверување дека сите права се почитуваат и се штитат. Што се случува кога ќе се наруши владеењето на правото? Распадот на владеењето на правото е деструктивно за една нација. Денес во светот има многу земји каде што владите едноставно не ги спроведуваат законот и редот, а како резултат на тоа криминалот, корупцијата, митото, насилниците и беззаконието се богатат, а бедата и нискиот животен стандард и безизлезноста на обичните граѓани секогаш е на другата страна.
Дали „владеењето на правото“ е безгрешен концепт? Секако дека не. Не постојат универзални правила кои би го заштитиле секој чесен граѓанин во секое време и се однесува на сите случаи кои некогаш се случиле и ќе се случат во иднина. Затоа постои и концептот „слободно судско уверување“ кој треба да внесе човечки и емпатичен коректив во техничкиот концепт на законот, но не и да предизвика самоволие и произволност. И затоа се потребни чесни и независни судии.
И, во времето на „предизборниот македонски синдром“, доколку имавме вистинско владеење на правото, државата нормално ќе функционираше, а државните службеници (барем оние кои доаѓаат на работа) без страв ќе си ја вршеа својата работа врз основа на закон и на докази, ќе носеа одлуки во рамките на своите овластувања, бизнисот ќе можеше да си ја остварува барем основната дејност, државните институции ќе можеа редовно да си ги подмируваат долговите, а за пациентите ќе беа обезбедени барем оние лекови кои веќе се на позитивната листа.
Почетниот социолошки услов за владеење на правото, за да биде повеќе од празен принцип, бара повеќето луѓе во едно општество, а најважно оние чија професија е да го спроведуваат правото, да веруваат дека поединецот или групата не смеат да бидат над законот. Секој оној кој смета дека она што е најважно во политиката е да се имаат вистинските луѓе на власт, а не како треба да се ограничи моќта и да се спроведе отчетност, нема да биде убеден во вредноста на владеењето на правото. Се прашувам дали денес во Македонија, како циникот Диоген, со ламба дење треба да ги бараме ретките кои не мислат така.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано