Општество

Украина: Тајната историја на преговорите кои можеа да ѝ стават крај на војната

Љупчо Поповски | aвторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.

Речиси веднаш по руската инвазија, Москва и Киев почнаа преговори за завршување на војната. Беа одржани две рунди во Белорусија и третата, што изгледаше најважна, во Истанбул во март 2022 година. Беше подготвено и коминике, но разговорите, најпосле, пропаднаа. Зошто?


Украинските војници, претседателот Володимир Зеленски, целата земја, па и најголемиот дел од западните демократии со месеци го имаа запрено здивот гледајќи ја меѓупартиската битка во Конгресот на САД за одобрување на итната американска помош од 60 милијарди долари за Киев. Таа помош е клучна не за украинската војска да ги задржи линиите на фронтот по неколкуте болни порази (како оној во Авдивка), туку во основа и да не ја загуби војната, можеби уште до крајот на 2024 година.
Листата на желби на Украина не е тајна. На врвот се: артилериски гранати и системи за противвоздушна одбрана.
Украинските војници на фронтот со месеци зборуваат дека биле многу артилериски надвладеани од руските сили. Зеленски неодамна рече дека соодносот е 10 спрема еден во корист на Русија.
Само минатата недела Русија напредуваше на неколку линии на фронтот во Источна Украина. Сега, кога законот за помошта на Украина доби зелено светло и од Сенатот, клучното прашање е колку брзо виталната муниција од гранати од 155 мм за хаубиците може да стигне во Украина. Од Пентагон велат дека докажале оти може да реагираат брзо и дека целата логистичка операција за испорака на гранатите може да се одвива веднаш по добиеното зелено светло, особено што таа муниција е веќе складирана во магацините во Германија и во Полска и може брзо да се префрли во Украина. Но, прашање е како таа муниција ќе се распредели на фронтот во Украина и колку брзо ќе може да се амортизира соодносот од 10 спрема еден.
Додека трае оваа трка со времето за одбрана на линиите на фронтот во Украина, еден детален извештај на американскиот магазин „Форин аферс“ со многу длабинско истражување дава извонредна слика како разговорите што беа водени меѓу Украина и Русија пред две години (непосредно по руската инвазија) можеа да стават крај на војната и како скриената историја на дипломатијата, која не успеа, може да даде лекции за идните преговори. Иако наводите во него се речиси голи, без новинарски или истражувачки јазични и стилски извонредности, текстот е многу возбудлив. И тој прикажува колку, всушност, двете страни, кои во тоа време водеа жестоки борби, биле блиску до договор и зошто дипломатските преговори не успеаја. По нивното пропаѓање, контактите, макар и посредни, меѓу Украина и Русија ги снема (освен за размена на воените заробеници), а неколкуте мировни иницијативи, како на Кина, на африканските земји и неодамна на на Турција, не успеаја уште во самиот старт.
Еве поголеми извадоци од тој текст на „Форин аферс“, неговите истражувачи разговараа со учесниците во тие разговори и лица од западните земји вклучени во нив и ги разгледаа нацрт-договорите со кои можеше да се запре војната и да стивне напрегнатоста не само во Украина туку и во Европа, па и во целиот свет.

Преговори лице в лице на руската и украинската делегација на 3 март 2022 година во близината на градот Брест во Белорусија    фото: https://www.observerbd.com/

ТАЈНАТА ИСТОРИЈА НА ПРЕГОВОРИТЕ
„Она што се случи на бојното поле по инвазијата на Русија на 24 февруари 2022 година се знае релативно добро. Она што помалку се знае е истовремената интензивна дипломатија во која беа вклучени Москва, Киев и мноштво други актери, што можеше да резултира со спогодба само неколку недели по почетокот на војната.
До крајот на март 2022 година, низа состаноци во Белорусија и во Турција и виртуелни ангажмани преку видеоконференција го произведоа таканареченото Истанбулско коминике кое ја опишува рамката за спогодба. Украинските и руските преговарачи потоа почнаа да работат на текстот на договорот, постигнувајќи значителен напредок кон договорот. Но, во мај, разговорите прекинаа.
Што се случи? Колку беа блиску страните до завршување на војната? И зошто никогаш не финализираа договор?
Некои набљудувачи и официјални претставници (вклучувајќи го најмногу рускиот претседател Владимир Путин) тврдат дека имало договор на маса што би ја завршил војната, но дека Украинците се оддалечиле од него поради комбинацијата на притисок од нивните западни патрони и претпоставките на Киев за руската воена слабост. Други, пак, целосно го отфрлија значењето на разговорите, тврдејќи дека страните само поминувале низ предлозите и купувале време за престројување на бојното поле или дека нацрт-договорите биле несериозни.
Иако тие толкувања содржат јадра на вистината, тие повеќе прикриваат отколку што осветлуваат. Немаше ниеден договор за дипломатски пробив. Понатаму, ваквите еднокаузални извештаи целосно го отфрлаат фактот што, во ретроспектива, изгледа извонредно: среде невидената агресија на Москва, Русите и Украинците речиси финализираа договор што би ја завршил војната и ќе ѝ обезбедел на Украина мултилатерални безбедносни гаранции, отворајќи пат кон нејзината постојана неутралност и, паралелно со тоа, нејзино членство во ЕУ.
Сепак, конечниот договор се покажа недостижен од повеќе причини. Западните партнери на Киев не сакаа да бидат вовлечени во преговори со Русија, особено во преговори што би создале нови обврски за нив да ја осигураат безбедноста на Украина. Јавното расположение во Украина се зацврсти со откривањето на руските злосторства во Ирпин и во Буча. И со неуспехот на руското опкружување на Киев, претседателот Володимир Зеленски стана посигурен дека, со доволна поддршка од Западот, може да ја добие војната на бојното поле.
Разговорите започнаа на 28 февруари во една од пространите резиденции на Лукашенко во близина на селото Лијаскавичи, на околу 50 километри од белоруско-украинската граница. Украинската делегација беше предводена од Давид Арахамија, парламентарниот лидер на политичката партија на Зеленски, а во неа беа и министерот за одбрана Олекси Резников, претседателскиот советник Михаило Подољак и други високи функционери. Руската делегација беше предводена од Владимир Медински, висок советник на рускиот претседател, кој претходно беше министер за култура. Во неа беа вклучени и заменици-министрите за одбрана и за надворешни работи.
На првиот состанок, Русите претставија низа сурови услови, практично барајќи капитулација на Украина. Ова беше нонстартер. Но, како што позицијата на Москва на бојното поле продолжи да се влошува, нејзините позиции на преговарачката маса станаа помалку груби. Така, на 3 март и на 7 март, страните одржаа втор и трет круг разговори, овој пат во Камјанјуки, Белорусија, веднаш до границата со Полска. Украинската делегација презентираше свои барања: итен прекин на огнот и воспоставување хуманитарни коридори кои ќе им овозможат на цивилите безбедно да ја напуштат воената зона. За време на третата рунда разговори се чини дека Русите и Украинците првпат ги испитувале нацртите. Според Медински, тоа биле руски нацрти кои делегацијата ги донела од Москва и кои, веројатно, го одразувале инсистирањето за неутрален статус на Украина.
Во овој момент, средбите лице в лице се прекинаа речиси три недели, иако делегациите продолжија да се состануваат преку Зум. Во тие размени, Украинците почнаа да се фокусираат на прашањето што ќе стане централно за нивната визија за крајот на војната: безбедносни гаранции што ќе ги обврзат другите држави да ја одбранат Украина доколку Русија нападне повторно во иднина. Не е сосема јасно кога Киев првпат го покренал ова прашање во разговорите со Русите или со западните земји.
Украина имаше горчливо искуство со помалку железната верзија на овој вид договор: мултилатерално безбедносно осигурување наспроти гаранцијата. Во 1994 година, таа го потпиша таканаречениот Будимпештански меморандум, приклучувајќи се на Договорот за неширење нуклеарно оружје како држава со ненуклеарно оружје и се согласи да се откаже од она што тогаш беше трет по големина арсенал во светот. За возврат, Русија, Обединетото Кралство и САД ветија дека нема да ја нападнат Украина. Сепак, спротивно на широкораспространетата заблуда, во случај на агресија врз Украина, договорот бара од потписниците само да свикаат состанок на Советот за безбедност на ОН, а не да ја бранат земјата.
Сосема е разбирливо барањето на Украина да не се остави повторно да се грижи за себе. Киев сакаше (и сè уште сака) да има посигурен механизам од добрата волја на Русија за нејзината идна безбедност. Но, да се добие гаранција би било тешко. Нафтали Бенет беше израелски премиер во времето кога се водеа разговорите и активно посредуваше меѓу двете страни. Во интервјуто со новинарот Ханох Даум објавено на интернет во февруари 2023 година, тој потсети дека се обидел да го одврати Зеленски да не заглави на прашањето за безбедносните гаранции. ’Има една шега за еден човек кој се обидува да го продаде Бруклинскиот мост на случаен минувач‘, објасни Бенет. ’Реков: Америка ќе ви даде гаранции? Ќе се обврзе дека за неколку години ако Русија нешто прекрши ќе испрати војници? По заминувањето од Авганистан и сето тоа?‘ Реков: ’Володимир, тоа нема да се случи.‘
Да се стави пофина точка на тоа: Ако Соединетите Американски Држави и нивните сојузници не беа подготвени да ѝ дадат на Украина такви гаранции (на пример, во форма на членство во НАТО) пред војната, зошто би го направиле тоа откако Русија толку сликовито ја покажа својата подготвеност да ја нападне Украина? Украинските преговарачи развија одговор на ова прашање, но на крајот тоа не ги убеди нивните западни колеги кои сакаа да го избегнат ризикот. Ставот на Киев беше дека, како што имплицираше концептот на новите гаранции, Русија исто така ќе биде гарант, што би значело дека Москва всушност се согласила дека другите гаранти ќе бидат обврзани да интервенираат доколку повторно нападне. Со други зборови, ако Москва прифати дека каква било идна агресија против Украина ќе значи војна меѓу Русија и Соединетите Држави.

ПРОБИВ
Во текот на целиот март, тешките борби продолжија на сите фронтови. Русите се обидоа да ги заземат Чернихив, Харков и Суми, но спектакуларно не успеаја. До средината на март, налетот на руската армија кон Киев беше запрен и имаше големи загуби. Двете делегации продолжија со разговорите преку видеоконференција, но се вратија на средба в лице на 29 март, овој пат во Истанбул, Турција.
Таму се чинеше дека постигнале пробив. По средбата, страните објавија дека се договориле за заедничко коминике. Термините беа нашироко опишани за време на изјавите за печатот на двете страни во Истанбул. Добивме копија од целосниот текст на нацрт-коминикето со наслов ’Клучни одредби од договорот за безбедносните гаранции на Украина‘. Според учесниците што ги интервјуиравме, Украинците во голема мера го подготвија коминикето и Русите привремено ја прифатија идејата да го користат како рамка за договор.
Договорот предвиден во коминикето ќе ја прогласи Украина за трајно неутрална, ненуклеарна држава. Украина би се откажала од секаква намера да се приклучи на воени сојузи или да дозволи странски воени бази или војници на нејзина територија. Во коминикето како можни гаранти се наведени постојаните членки на Советот за безбедност на ОН (вклучувајќи ја и Русија) заедно со Канада, Германија, Израел, Италија, Полска и Турција.
Во коминикето, исто така, се вели дека доколку Украина биде нападната и побара помош, сите земји гаранти ќе бидат обврзани, по консултациите со Украина и меѓу себе, да ѝ дадат помош на Украина за да ја врати нејзината безбедност.
Иако Украина би била трајно неутрална според предложената рамка, патот на Киев за членство во ЕУ ќе биде оставен отворен, а земјите гаранти (вклучувајќи ја и Русија) експлицитно ’ќе ја потврдат својата намера да го олеснат членството на Украина во Европската Унија‘.
Иако интересот на Украина за добивање на овие безбедносни гаранции е јасен, не е очигледно зошто Русија би се согласила на нешто од ова.
Коминикето, исто така, вклучува уште една одредба што е зачудувачка, во ретроспектива: ги повикува двете страни да бараат мирно решавање на нивниот спор за Крим во текот на следните десет до петнаесет години. Откако Русија го анектираше полуостровот во 2014 година, Москва никогаш не се согласи да разговара за неговиот статус, тврдејќи дека тоа е регион на Русија кој не се разликува од кој било друг. Со можноста да преговара за нејзиниот статус, Кремљ премолчено призна дека тоа не е случај.

ВОЈУВАЊЕ И РАЗГОВАРАЊЕ
Во забелешките што ги даде на 29 март, веднаш по завршувањето на разговорите, Медински, шефот на руската делегација, звучеше решително оптимист, објаснувајќи дека дискусиите за договорот за неутралноста на Украина влегуваат во практична фаза и дека поради комплексноста на целиот договор кој треба да има многу потенцијални гаранти, можно е Путин и Зеленски да го потпишат на самит во догледна иднина.
Во меѓувреме, Русија ги напушти обидите да го заземе Киев и ги повлекуваше своите сили од целиот северен фронт. Повлекувањето имаше далекусежни последици. Тоа ја зацврсти решителноста на Зеленски, отстранувајќи ја непосредната закана за неговата влада, и покажа дека фалената воена машина на Путин може да биде потисната ако не и поразена на бојното поле. Тоа, исто така, овозможи голема западна воена помош за Украина со ослободување на линиите за комуникација што водат до Киев. Конечно, повлекувањето го постави теренот за ужасното откривање на злосторствата што ги извршија руските сили во киевските предградија Буча и Ирпин каде што силуваа, осакатуваа и убиваа цивили.
Извештаите од Буча почнаа да се појавуваат на насловните страници на почетокот на април. На 4 април Зеленски го посети градот. Следниот ден, тој разговараше со Советот за безбедност на ОН преку видео и ја обвини Русија дека извршила воени злосторства во Буча, споредувајќи ги руските сили со терористичката група Исламска држава.
Сепак, неверојатно, двете страни продолжија да работат деноноќно на договорот што Путин и Зеленски требаше да го потпишат за време на самитот што ќе се одржи во не толку далечна иднина.
Страните активно разменуваа нацрти меѓу себе и, се чини, почнаа да ги споделуваат со други страни. (Во неговото интервју од февруари 2023 година, Бенет изјави дека видел 17 или 18 работни нацрти на договорот; Лукашенко исто така пријавил дека видел барем еден.) Ние внимателно разгледавме два од овие нацрти, еден датиран на 12 април и друг со датум од 15 април. Учесниците во разговорите ни рекоа дека е последниот разменет меѓу страните. Тие се во голема мера слични, но содржат важни разлики − и двете покажуваат дека коминикето не решило некои клучни прашања.
Прво, додека коминикето и нацртот од 12 април јасно ставија до знаење дека државите гаранти независно ќе одлучат дали да му помогнат на Киев во случај на напад врз Украина, во нацртот од 15 април Русите се обидоа да го срушат овој клучен член со инсистирање на тоа дека таквото дејство би се случило само ’врз основа на одлука со која ќе се согласат сите земји гаранти‘ − со што на потврдениот окупатор, Русија, ќе му се даде право на вето. Според нотација на текстот, Украинците го отфрлиле тој амандман инсистирајќи на првобитната формула според која сите гаранти имале индивидуална обврска да дејствуваат и не би морале да постигнат консензус пред да го направат тоа.
Второ, нацртите содржат неколку членови кои беа додадени во договорот на инсистирање на Русија, но не беа дел од коминикето и беа поврзани со прашања за кои Украина одби да разговара. Тие бараат од Украина да ги забрани ’фашизмот, нацизмот, неонацизмот и агресивниот национализам‘ − и, за таа цел, да укине шест украински закони (целосно или делумно) кои се занимаваа, нашироко, со спорните аспекти на историјата од советската ера, особено улогата на украинските националисти за време на Втората светска војна. Останува нејасно дали овие одредби би биле договори за компромис. Главниот украински преговарач, Арахамија, подоцна ја минимизираше нивната важност.
Големината и структурата на украинската војска исто така беа предмет на интензивни преговори. Од 15 април, двете страни останаа многу оддалечени по ова прашање. Украинците сакаа мирновременска армија од 250 000 луѓе; Русите инсистираа на максимум 85 000, значително помала од постојаната армија што ја имаше Украина пред инвазијата во 2022 година. Украинците сакаа 800 тенкови; Русите би дозволиле само 342. Разликата меѓу дострелот на ракетите беше уште поостра: 280 километри (украинската позиција) и само 40 километри (руската позиција).
Разговорите намерно го прескокнаа прашањето за границите и за територијата. Очигледно идејата била Путин и Зеленски да одлучуваат за тие прашања на планираниот самит.

Преговорите во март 2022 година во Истанбул требаше да продуцираат заедничко коминике за крај на војната, но тоа не се случи  фото: https://24tv.ua/

ШТО СЕ СЛУЧИ?
Па зошто прекинаа разговорите? Путин тврди дека западните сили интервенирале и го поткопале договорот затоа што биле повеќе заинтересирани за ослабување на Русија отколку за завршување на војната. Тој тврдеше дека Борис Џонсон, кој тогаш беше британски премиер, им ја доставил пораката на Украинците во име на ’англосаксонскиот свет‘, дека мора ’да се борат со Русија додека не се постигне победа и додека Русија не претрпи стратешки пораз‘.
Одговорот на Западот на овие преговори, иако далеку од карикатуралното објаснување на Путин, беше секако млак. Вашингтон и неговите сојузници беа длабоко скептични во врска со изгледите за дипломатската патека што ќе се појави од Истанбул; на крајот на краиштата, коминикето го заобиколи прашањето за територијата и за границите, а страните останаа далеку по други суштински прашања. Не им се чинеше како преговори што ќе успеат.
Покрај тоа, поранешен американски функционер кој работеше на политиката за Украина во тоа време ни рече дека Украинците не се консултирале со Вашингтон сѐ до објавувањето на коминикето, иако договорот треба да создаде нови правни обврски за Соединетите Држави − вклучително и обврска да влезе во војна со Русија доколку таа повторно ја нападне Украина. Само таа одредба би го направила договорот нонстартер за Вашингтон. Така, наместо да го прифати коминикето од Истанбул и последователниот дипломатски процес, Западот ја зголеми воената помош за Киев и го зголеми притисокот врз Русија, вклучително и преку постојано заострување на режимот на санкции.
Велика Британија го презеде водството. На 9 април, Џонсон се појави во Киев − првиот странски лидер што го посети по повлекувањето на Русија од околината на главниот град. Тој, наводно, му рекол на Зеленски дека смета дека ’секој договор со Путин ќе биде прилично лош‘. Каков било договор, се сеќава тој, велејќи: ’Ќе биде некаква победа за него: ако му дадете нешто, тој само ќе го задржи и потоа ќе се подготви за неговиот следен напад.‘ Во интервјуто во 2023 година, Арахамија растресе некои пердуви со тоа што изгледаше дека го смета Џонсон одговорен за исходот. ’Кога се вративме од Истанбул‘, рече тој, ’Борис Џонсон дојде во Киев и рече дека нема да потпишеме ништо со [Русите] − и само да продолжиме да се бориме’.
Оттогаш Путин постојано ги користеше забелешките на Арахамија за да го обвини Западот за колапсот на разговорите и да ја покаже подреденоста на Украина кон нејзините поддржувачи. И покрај манипулативниот спин на Путин, Арахамија укажуваше на реален проблем: коминикето опишува мултилатерална рамка која ќе бара западна подготвеност дипломатски да се ангажира за Русија и да размисли за вистинска безбедносна гаранција за Украина. Ниту едното ниту другото не беше приоритет за Соединетите Држави и за нивните сојузници во тоа време.

Дел од предложениот руско-украински договор од 15 април 2022 година  фото: https://cont.ws/


Новооткриената увереност на Украинците дека можат да ја добијат војната, исто така, јасно одигра улога. Руското повлекување од Киев и другите поголеми градови на североисток и изгледите за повеќе оружје од Запад (со патиштата кон Киев сега под украинска контрола) ја променија воената рамнотежа. Оптимизмот за можните придобивки на бојното поле често го намалува интересот на воинствените земји да прават компромиси на преговарачката маса.
А потоа е руската страна на приказната, која е тешко да се процени. Дали целото преговарање беше добро оркестрирана шарада или Москва беше сериозно заинтересирана за решение? Дали Путин се олади кога сфати дека Западот нема да ги потпише договорите или дека украинската позиција се зацврсти?
Последната причина зошто разговорите не успеаја е тоа што преговарачите го ставија повоениот безбедносен поредок пред завршување на војната. Двете страни ги прескокнаа суштинските прашања за управување со конфликти и ублажување (создавање хуманитарни коридори, прекин на огнот, повлекување на војниците) и наместо тоа се обидоа да направат нешто како долгорочен мировен договор што ќе ги реши безбедносните спорови кои беа изворот на геополитичките тензии со децении. Тоа беше восхитувачки амбициозен напор, но се покажа премногу амбициозен.
Да бидеме фер, Русија, Украина и Западот го испробаа тоа обратно − и исто така не успеаја мизерно. Договорите од Минск потпишани во 2014 и во 2015 година по руската анексија на Крим и инвазијата на Донбас опфатија ситници како што се датумот и времето на прекин на непријателствата и кој систем на оружје треба да биде повлечен на кое растојание. Основните безбедносни грижи на двете страни беа адресирани индиректно, ако и воопшто.
Оваа историја сугерира дека идните разговори треба да се движат напред на паралелни патеки при што практичноста за завршување на војната ќе се решава на една патека, додека пошироките прашања се опфатени во друга.“
Ова е дел од истражувањето зошто не дојде до мир меѓу Украина и Русија во првите месеци на војната. Сега тоа изгледа уште поневозможно. Путин и Зеленски беа подготвени да разгледаат вонредни компромиси за ставање крај на војната. Значи, доколку Киев и Москва се вратат на преговарачката маса, ќе ја најдат преполна со идеи кои, сепак, би можеле да се покажат корисни за градење траен мир.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано