Финансии / Банкарство
Централната банка на Канада прва ја намали главната каматна стапка
06.06.2024
Централната банка на Канада ја намали својата главна каматна стапка. Канада е првата држава од Г7 која ја релаксира монетарната политика. Банката на Канада ја намали каматната стапка на 4,75 отсто, од претходното ниво од 5 отсто, објави „Ројтерс“.
Канадската економија ослабна во последните месеци, а растот на БДП во првиот квартал од 1,7 отсто е понизок од очекуваните 2,2 отсто. Во април годинава, стапката на невработеност во земјата, изнесува 6,1 отсто и е највисока во последните две години. Основната инфлација изнесува 2,7 отсто на годишно ниво.
Гувернерот на канадската централна банка Тиф Меклем, минатиот месец, изјави дека Канадската банка не мора да ги следи чекорите на американските Федерални резерви, кога станува збор за определување на терминот за намалување на каматните стапки.
- Вкупната инфлација мерена преку индексот на потрошувачки цени континуирано се намалува во текот на годината, а показателот за основната инфлација се повеќе укажува на нејзино трајно смирување, изјави Меклем, во објаснувањето за одлуката за намалување на каматната стапка.
фото freepic