Општество
Има ли живот по избори?
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2024г.
Кампањата заврши, изборите завршија. Партиските армади ги бројат ранетите, ги развиваат бајраците, ги сумираат резултатите, ги прават математиките. Поразените се невидливи, избираат да останат дома. Победниците се растрчани, нови надежи за државата и за себе. Од другата страна е една тивка армија на неопределени гласачи, некои од нив определени во последен миг, тивка армија на незадоволници од политиката, тивка армија на неми набљудувачи на процесот кој значи живот или смрт. Се разбира, оваа воена паралела не сосема соодветствува со политички процес толку витален за една демократија, имено изборите. Но, набојот и влоговите кои едните ги добиваат, а другите ги губат сосема точно ја опишува високата тензичност на настанот.
Се разбира, денот по изборите и периодот што следува е време на смирување на страстите, време на помирување, кога партиските претставници ќе ни кажуваат дека не мислеле така, дека тоа што е кажано за време на изборната кампања било под силни емоции, дека ќе има многу плукни залепи по изборите и дека ете, партиските лидери се нашле на пола пат и ги испеглале разликите кои, само до пред неколку дена, ни беа претставувани како непремостливи.
И навистина, има ли живот по изборите?
Мирниот изборен ден, очигледното мирно примопредавање на власта, како и оценката на странските мисии за квалитетот на изборниот процес навестуваат дека, и покрај големите влогови, политичките партии и нивните лидерства научиле некои лекции, и тоа мора да се поздрави. Ако во македонскиот етнички кампус работите беа повеќе или помалку предвидливи, а со тоа и тензијата намалена, динамиката во албанскиот политички кампус навестуваше големи тензии. Тоа не се случи. Имавме мирен Чаир, мирно Тетово, мирен Гостивар. Ова покажува зрелост и кај политичките лидери на албанските партии, но и свест и свесност кај активистите и кај поддржувачите на тие партии дека живот по избори мора да има. Турбуленциите во албанскиот блок, новите прегрупирања на довчерашните партиски браќа и сестри во нови политички блокови, сепак, не доведе до дополнителни тензии. Ако Јетмир, Синан, Денис или Адем до вчера пиеле кафе или салеп во чаршија, а денес се на спротивставени страни во политиката, токму блискоста на чаршијата и како физички простор и како метафора налага пристојност и порив кон смирувачки тонови бидејќи чаршијата, плоштадот, селското гумно се мали, сите се знаат, секојдневно се среќаваат, постојано комуницираат. Ова особено е важно за младите политичари, претставници на политичките подмладоци, токму оние на кои најмногу им врие крвта и токму оние кои би можеле најмногу да бидат подложни на инструментализација и на манипулација. И токму оние на кои најмногу полагаме надежи за иднината. Сето ова, заедно со неуспешните и сепак срамежливи обиди за евентуален бојкот на претседателските избори, придонесе да имаме изборен ден и изборен процес кој ретко го гледаме на овие простори.
Од денот по изборите, динамиката сосема ќе се промени. Иако постоеше општа апатија и разочараност на граѓаните од политичките процеси, малите или речиси никакви очекувања за подобра иднина беше главниот поттекст во предизборието, а огромниот легитимитет што го доби ВМРО-ДПМНЕ просто налага зголемени очекувања и надеж за подобро утре. Се разбира, огромниот резултат за партијата на Мицковски во голема мерка дојде и како реакција на бесот и на разочараноста на граѓаните од досегашното владеење на СДСМ и на ДУИ, но тоа не ги намалува надежите и очекувањата на оние кои гласаа токму за да падне оваа власт.
Па кои се тие очекувања?
Прво, справување со корупцијата, во нашите и во нивните редови. Тоа е амбисот пред кој стои Мицковски и тоа е вагата на која ќе се мери идната власт. Овој амбис е застрашувачки, особено бидејќи блиската историја на ВМРО-ДПМНЕ изобилува со примери кои укажуваат на тоа дека корупцијата во своите редови не се смета за грев, а прогонот на политичкиот противник се смета за доблест. Но, контекстот е сменет, свеста за потребата да се справиме со корупцијата е значително зголемена и оттука и првата изјава на идниот премиер во изборната ноќ беше токму тоа: борба против корупцијата на сите нивоа, неселективна. Ќе го држиме за збор, од првиот до последниот ден!
Второто очекување на граѓаните е, сепак, некаква изгледност во европската перспектива на државава. Ова денес не изгледа толку јасно, особено што голем дел од граѓаните гласаа за ВМРО-ДПМНЕ токму поради перцепцијата за попустливост и некадарност на СДСМ во поглед на спорот со Бугарија и несмасната опседнатост со ЕУ во контекст кога и самата ЕУ не покажуваше чувство за фрустрациите на етничките Македонци во оваа држава. Но, ова може да биде опасна илузија за новата власт, илузија која Груевски опасно ја плати. Затоа нека стивнат постизборните еуфории и удирања во гради. Потоа новата власт ќе мора да покаже конкретни чекори кои ќе нè приближат кон европската агенда.
Третата работа која граѓаните, секако, ја очекуваат е некакво помрднување во економските текови на државава. Во оваа работа ВМРО-ДПМНЕ често знаеле да прокнижат видливи успеси кои, за жал, потоа се поништувале со крахови на други полиња, пред сè во делот на демократијата, меѓународните односи и етничките прашања. Најавите за големи задолжувања, инвестициски инјекции и подобра организација на економските политики ќе бидат поздравени од секој добронамерен граѓанин. Едноставно е, на Македонија ѝ треба економски поттик и видливо подобрување на економскиот статус на секој граѓанин. Потребни ни се: подобра и неселективна наплата на даноците, цврсти процедури и примена на законите во економската сфера, дослух со големите и помалите економски оператори, подобро насочени субвенции и политики во земјоделието, јавна администрација која квалитетно ќе ги поткрепува овие процеси.
Конечно, четвртата, и веројатно потенцијално најделикатната работа која ја очекуваат од новата власт големото мнозинство етнички Македонци може да се срочи во една непријатна синтагма, а тоа е „како да се поставиме кон Албанците“. Овој експлозивен фон беше тој на кој ВМРО-ДПМНЕ доби огромна поддршка од етничките Македонци, иако главниот фокус беше кон ДУИ, а не кон Албанците како етникум. Ова е посебна тема која заслужува поширока и подлабинска елаборација, но овде само ќе ги назначиме главните одредници. Во ваквата стереотипна категоризација, главната порака од Македонците кон Албанците е дека ние Македонците не сме задоволни од некои работи и дека тоа незадоволство не е добро за никој од нас и дека мораме да седнеме да се договориме, учејќи од грешките од минатото, од грешките и на едните и на другите. Некои од тие работи се обилно инструментализирани од страна на медиумите, од политичките актери и од малигните оператори, а некои се едноставно реални. Но, недискутирањето и ставањето под тепих на реалните проблеми, како и нерасчистувањето на маглите од инструментализираните „проблеми“ ќе нè доведе до ситуација јазот уште повеќе да се продлабочи за потоа ѓаволот да ја однесе шегата.