Општество

Најголемата еколошка акција во историјата на нашата земја GENERALKA WEEKEND 24 ќе се одржи од 17-19 мај

14.05.2024г

Мен енд Маунтен, заедно со главните стратешки партнери Пивара Скопје и Пакомак, четврта година по ред ја организира масовната еколошка акција GENERALKA WEEKEND.

Оваа година ќе се чисти во сите 81 општина и во Националните паркови Шар Планина и Галичица. Повеќе од 16 000 волонтери од над 200 организации, граѓански, спортски и пензионерски здруженија и од повеќе од 300 образовни институции се очекува да излезат и да чистат на над 300 локации.

Волонтерите од Пивара Скопје во петок, на 17 мај, ќе собираат отпад на археолошкиот локалитет Кале заедно со сите партнери и волонтери од Град Скопје.

Партнерската улога на Пивара Скопје во GENERALKA WEEKEND ја гледаме како дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој, и е продолжение на активностите под платформата „Свет без отпад“ и иницијативата „Нула емисии на СО2 во атмосферата“. Нашата должност како корпоративен граѓанин е да придонесеме за одржлива средина и апелираме до сите со кои ги делиме истите вредности, да ни се придружат во создавање на одржлива иднина за сите“, изјави Снежана Савиќ Димовска, директорка за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.

„Пакомак четврта година по ред ја поддржува оваа акција за чистење на локации ширум Македонија. Со вакви активности, симболично покажуваме дека со секој килограм селектиран и рециклиран отпад, придонесуваме за позелена планета и поздрава животна средина", рече Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

За секои 10 кг собран отпад, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Националните шуми посветуваат по 1 дрво во нивните годишни планови за пошумување. Од 2022 година поради GENERALKA WEEKEND беа засадени повеќе од 100.000 дрвја.

Како и лани, на листата официјални партнери водат Шпаркасе банка и Нула Отпад, на кои годинава им се придружуваат и Макстил, Бучим Боров Дол, ЕВН, Бимилк и Костал. Црвениот крст и оваа година ќе се грижи за безбедноста на учесниците низ државата.

Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен истакнуваат дека „Сите локации за чистење можете да ги најдете на www.generalka-weekend.com. Споделете ги вашите искуства со нас на https://www.facebook.com/groups/generalka.weekend и гледајте го целиот настан во живо на YouTube на https://www.youtube.com/@UrbanFM90.8 -
ДА СЕ ИЗВАЛКАМЕ И ДА ИСЧИСТИМЕ!"

ПРЕПОРАЧАНО