Општество
Во пораст глобалниот капацитет на термоелектраните на јаглен
12.04.2024г.
Електраните на јаглен во светот го достигнаа историскиот максимум
Глобалниот капацитет на електраните на јаглен во 2023 година се зголеми за два отсто и го достигна историскиот максимум, најмногу поради изградбата на нови капацитети во Кина. Лани капацитетот на електраните на јаглен во светот се зголемени за 48,4 гигавати и достигна 2.130 гигавати, се наведува во извештајот на организацијата Глобал енерџи монитор.
Минатата година Кина отвори нови капацитети на јаглен со моќност од 47 гигавати, а тие учествуваат со 66 отсто од вкупниот број на нови капацитети во светот. По неа се Индија и Индонезија кои значително го зголемија производството на струја од јаглен. Истовремено се забележува успорување на процесот на затворање на електраните на јаглен во светот. Минатата година биле отворени капацитети со 69,5 гигавати, а биле затворени електрани на јаглен со сила од 21,1 гигават.
- Неопходно е побрзо да се гаснат електраните на јаглен и да се престане со градење на нови капацитети. Во спротивно, можеме да заборавиме на исполнување на целите од Парискиот договор за клима, нагласи Флора Шампеноа, директорка на програмата за јаглен во Глобал енерџи монитор.
Индиската влада соопшти дека има планови да го зголеми производството на јаглен за да ги задоволи растечките потреби за електрична енергија во земјата, пренесе „Политика“.
фото freepic