Општество
Долгата сенка на Хутите врз светската економија
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2024г.
Нападите на бунтовниците од Јемен врз бродовите во Црвеното Море ги натераа превозниците на контејнери со нафта да се пренасочат на рутата околу ‘Ртот Добра Надеж. Тоа ја зголемува должината на патувањето, ги зголемува трошоците, ги зголемува премиите за осигурување и, најпосле, ќе ги зголеми цените на производите на полиците во продавниците.
Прво за фактите. Кои се Хутите и зошто напаѓаат бродови во Црвеното Море?
Хутите се производ на граѓанската војна во Јемен, кој се наоѓа на југот од Арабискиот Полуостров и клучниот теснец Баб ел Мандеб е дел и од неговата територија.
Хутите се вооружена група на шиитското муслиманско малцинство во Јемен. Тие се именувани по основачот на движењето, Хусеин ал Хути. Групата беше формирана во 90-тите години од минатиот век и велеше дека се бори против корупцијата на тогашниот моќен претседател Али Абдула Салех. На Салех му пријде на помош Армијата на Саудиска Арабија во 2003 година во обидот да ги елиминира Хутите. Обидот не успеа.
Бунтовниците се симнаа од нивното северно упориште во Јемен и го зазедоа главниот град Сана во 2014 година, започнувајќи жестока војна. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати интервенираше во 2015 година за да се обиде да ја врати на власт прогонетата, меѓународно призната влада на Јемен.
Годините на крвави борби меѓу воената коалиција не донесоа никакво поместување на фронтот. Тој се претвори во „рововска војна“, иако без ровови. Во исто време стана поле на битката на влијание меѓу Саудиска Арабија и Иран. Граѓанската војна со странски актери предизвика широкораспространети глад и беда во Јемен, најсиромашната земја во арапскиот свет. Војната уби повеќе од 150 000 луѓе, вклучувајќи борци и цивили, и создаде една од најтешките хуманитарни катастрофи во светот, убивајќи уште десетици илјади.
Прекинот на огнот, кој технички заврши пред повеќе од една година, сè уште во голема мера се почитува. Саудиска Арабија и бунтовниците направија размена на заробеници, а делегација на Хутите беше поканета на мировни разговори на високо ниво во Ријад во септември како дел од поширокото олабавување на тензиите, што го постигна кралството со Иран. Иако објавија „позитивни резултати“, сè уште нема постојан мир.
Околу 15 отсто од светската трговија се одвива преку Црвеното Море и Суецкиот Канал
фото: unctad.org/
Хутите, заедно со Хамас и со Хезболах, се декларираат како дел од оската на отпор што ја води Иран против Израел, САД и поширокиот Запад.
Моделот за дејствување и организацијата на Хутите е шиитската вооружена група во Либан, Хезболах. Таа ги обучува и ги снабдува со оружје од 2014 година. Иран е осомничен дека ги снабдува Хутите со оружје и им обезбедува витални разузнавачки информации, што им овозможуваат да напаѓаат бродови во Црвеното Море.
„Знаеме дека Иран е вклучен во планирање операции против комерцијални бродови во Црвеното Море. Ова е во согласност со долгорочната материјална поддршка на Иран и охрабрување на дестабилизирачките акции на Хутите во регионот“, рече неодамна Адриен Вотсон, портпарол на Белата куќа за национална безбедност.
Се разбира, Иран негира каква било вмешаност во нападите на Црвеното Море. Хутите истрелаа балистички ракети и беспилотни летала кон Израел од почетокот на војната во Газа. Во случај Иран да ги снабдува со оружје, тоа би значело дека го прекршил ембаргото за оружје на ОН.
Официјалната влада на Јемен е Претседателскиот совет на кој ги префрли претседателот Абдрабух Мансур Хади своите овластувања во април 2022 година. Седиштето на Владата е во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, откако Хади побегна таму во 2015 година.
Поголемиот дел од јеменското население живее во области под контрола на Хутите. Покрај Сана и северниот дел на Јемен, Хутите го контролираат и брегот на Црвеното Море. Групата во таа област собира даноци и печати пари.
Сега другите факти. Зошто Хутите напаѓаат бродови во Црвеното Море?
Хеликоптер на Хутите приоѓа до еден трговски брод во ноември пред да слета на него фото: aljazeera.com/
Нападите на Хутите започнаа откако започна конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Хутите изјавија дека го поддржуваат Хамас и рекоа дека ќе го таргетираат секој брод што патува кон Израел.
Лани во ноември запленија израелски товарен брод, а потоа напаѓаа комерцијални бродови со беспилотни летала и балистички ракети. Нивните напади на Црвеното Море се зголемија за 500 отсто меѓу ноември и декември. Тие станаа толку голема закана што големите бродски компании престанаа да работат во регионот. Генерално, во нападите немаше жртви, но тоа се смени кога неодамна загинаа тројца морнари на нападнат брод. Тоа ја промени динамиката на инцидентите.
САД и Велика Британија пред неколку месеци извршија големи воздушни напади врз цели во Јемен поради нападите на Хутите врз товарни бродови во Црвеното Море. Тоа не донесе некаква промена на настаните.
Клучното прашање за светската економија е колку овие напади на Хутите ќе влијаат врз неа, особено врз трговијата.
Едноставниот одговор е – многу.
Речиси 15 отсто од глобалната поморска трговија минува низ Црвеното Море кое е поврзано со Средоземното Море преку Суецкиот Канал и претставува најкратка поморска рута меѓу Европа и Азија. Бродовите поминуваат низ теснецот Баб ел Мандеб кој е широк 30 километри. Тоа се главно бродови кои носат стотици контејнери од Азија. Генерално, од фабриките во Кина и другите земји кои ги снабдуваат големите производствени компании во Европа.
Потоа, оваа рута е витален премин за испораките на нафта од Персискиот Залив во Европа и во Северна Америка.
Големите бродски компании, вклучително и Медитеранската бродска компанија, Маерск, Хапаг-Лојд и нафтената компанија БП, рекоа дека ги пренасочуваат бродовите подалеку од Црвеното Море.
Пренасочувањето е скапо и ја продолжува пловидбата од 10 до 20 дена. Бродовите сега одат преку старата рута пред да се ископа Суецкиот Канал околу ‘Ртот Добра Надеж во Јужна Африка. Тоа го зголемува патувањето за 3 000 до 3 500 наутички милји (6 000 километри).
Се очекува пренасочувањето на бродовите да чини до 1 милион долари дополнително гориво за секое патување во два правци меѓу Азија и Европа, додека трошоците за осигурување исто така растат, што ги зголемува вкупните трошоци за пратките.
Околу 123,5 милиони метрички тони стоки поминаа преку Црвеното Море и повеќе од 22 000 бродови во 2022 година, според најновите податоци.
Теснецот Баб ел Мандеб и влезот во Црвеното Море
фото: lloydslist.com/
Поради тоа што бродовите сега мора да пловат околу Африка, трошокот се зголемува бидејќи цената на контејнер се зголеми меѓу 5 000 и 8 000 долари, што е два до пет пати повеќе од нормалната цена за овој период од годината.
Дополнително, заобиколувањето со најмалку 10 дена дополнително ги зголемува премиите за осигурување. Според базата на податоци за тарифи на контејнери, Xeneta, има зголемување од 124 % на тарифите за товарот меѓу Далечниот Исток и Северна Европа.
Како резултат на тоа, сите стоки и стоки кои патуваат со контејнери не само што доцна ќе стигнат до нивната дестинација туку и цените сега ќе ги одразуваат зголемените трошоци. Ова ќе значи повисоки цени на полиците во продавниците што, пак, ќе доведе до целокупно зголемување на инфлацијата.
Според „Алијанц трејд“, нарушувањата би можеле да резултираат со зголемување на инфлацијата за 0,7 отсто за Европа, што дополнително може да го одложи враќањето од сериозното економско забавување во регионот.
Ова, исто така, би можело да ја принуди Европската централна банка (ЕЦБ) да ги задржи каматните стапки повисоки подолго време за да не го загубат моментумот нејзините досегашни напори за борба против инфлацијата. ЕЦБ ги зголеми стапките 10 пати во последователни зголемувања.
Повисоките каматни стапки можат да извршат надолен притисок врз бизнисите и, исто така, да ја обесхрабрат понатамошната економска активност − нешто што веќе беше придушено во текот на 2023 година.
Повеќе од 80 отсто од меѓународната трговија по волумен се транспортира по морски пат, а како што покажува моменталната ситуација во Црвеното Море, прекините на бродските рути може да имаат широки ефекти.
Ова вклучува 20 проценти од целокупниот транспорт со контејнери, речиси 10 проценти од нафтата преку море и 8 проценти од гасот ЛНГ.