Општество

Досие: АЛ КАПОНЕ: Повеќе од мафијашки кум

Калина Миљовска | Авторот е правен експерт во Стопанска комора

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.

 

Перењето пари не е најстарото злосторство во историјата, но неговато дамнешно потекло секако би ги изненадило денешните офицери за перење пари.
Историчарот Стерлинг Сигрејв пишува дека пред повеќе од 2000 години богатите кинески трговци биле принудени да ги прикриваат остварените профити бидејќи регионалните влади низ кинеската империја забраниле многу форми на комерцијално тргување. Тој пишува дека кинеската адмистрација ги третирала оправдано трговските активности со сомнеж, а трговците се сметале за немилосрдни, алчни и не секогаш чесни. Покрај тоа, значителен дел од приходите на трговците доаѓал од црниот пазар, од изнуда и од поткуп, а трговците кои успевале да останат невидливи можеле да го скријат своето богатство од континуираните изнудувања од страна на бирократите и на администрацијата.
Тие користеле техники како претворање на пари во движни средства и преместување на готовината надвор од јурисдикцијата со цел да ги инвестираат парите повторно во бизнисот.
Но, сепак, низ историјата на перењето пари највпечатливи се операциите на мафијашките босови во годините на прохибицијата во Соединетите Американски Држави. Нивните техники за перење пари денес се основа за борбата против ова казниво дело. Како „пионери“ во овој дел се сметаат Ал Капоне, Маер Ленски, а подоцна и Френк Лукас.

Кумот на мафијата – кум на терминот
Изразот „перење пари“ за прв пат се поврзува во контекст на мафијашкиот бос Ал Капоне и неговата озлогласена чикашка мафија (The Chicago Outfit). По малку митски се вели дека како параван на своите нелегални активности Капоне користел мрежа на перални за облека каде ја „перел“ нечистата готовина и оттаму дека потекнува терминот „перење“.
Перењето пари е криминална активност која има цел да го прикрие вистинското потекло на незаконски стекнатите средства и да им даде легитимитет. Под незаконски стекнати пари се сметаат пари стекнати од казниво дело, во случајот на Капоне, од криумчарење алкохол, проституција, рекет и изнудување, вклучително и даночна евазија.
Прохибицијата во Америка во 20-тите години од минатиот век создава совршена можност за воспоставените криминални организации да профитираат од празнината оставена на пазарот за алкохол.
Чикашката мафија на Капоне, меѓу другите банди, била клучна за процесот на шверцување алкохол во земјата и негово продавање. Во својот врв како мафијашки бос, приходот што го генерира од својот „бизнис“ достигнува и до 100 милиони долари годишно (еквивалент на 1 милијарда и 715 милиони долари денес).
Влевањето страв исто така било од витално значење и заштитен знак на Капоне затоа што бил озлогласен насилен поединец, а неговите соработници биле познати по својата немилосрдна природа. Сепак, и покрај овој неславен углед, Капоне станува во одредена смисла икона за борба против естаблишментот (кој е непопуларен прво поради прохибицијата, подоцна поради финансиската криза) во 20-тите и 30-тите години од минатиот век.
Теоретски, перењето пари се одвива во три фази, и тоа: пласман, прикривање и интеграција. Првата фаза − пласман е најделикатна и најризична за перачите – кога се пласираат нелегалните пари во легален бизнис или институција. Капоне за оваа фаза почнал да користи мали бизниси како перални за алишта и берберници, но обемот на криминално генерираната готовина не можел да биде апсорбиран од легални бизниси кои генерираат незначителни профити. Затоа се одлучува за инвестирање во готовинско-интензивни бизниси (техника која денес претставува абецеда на перењето пари), па инвестира во ноќни клубови, коцкарници, обложувалници, ексклузивни ресторани, хотели, компании за транспорт и одложување на ѓубре, градежни компании, а на визит-картата му пишувало дека е трговец со мебел. Имал преку 300 легални бизниси. Овие бизниси му служеле на Капоне во две цели: од една страна, тие создавале легитимни приходи, обезбедувајќи му покритие за неговите криминални активности, од друга страна, тие дејствувале како средство за перење на неговите недозволени средства кои, кога се помешани со легалните, ја губат трагата. Со инвестирање во готовинско-интензивни бизниси, тој би можел да ги спои своите нелегални приходи со легитимна заработка. Прикривањето на еднаш пласираните средства, меѓу 300 бизниси, во контекстот на Капоне и не изгледа дека претставувало проблем.

Каде настанува проблемот за Капоне?
Всушност, сите легални бизниси кои ги финансирал Капоне не биле на негово име (за да може да се заштити од евентуално обвинение), иако тој бил вистинскиот сопственик кој го користел и профитот. Од профитот набавувал луксузни добра за себе и за семејството, недвижен имот и автомобили, но докази постоеле дека живеел многу полуксузен живот отколку што би требало да има приходи. Иако парите излегувале чисти, немало законска основа да завршат кај Капоне бидејќи законски лично не поседувал бизниси кои би генерирале толкав профит. Проблемот на Капоне настанува во третата фаза на перењето пари – интеграцијата.
Во 1927 година, Врховнот суд на САД пресудува во преседанот САД против Саливан: незаконски остварениот приход подлежи на данок на доход и со оваа пресуда ја положува основата за подоцнежното обвинување на Капоне.
Прашањето се поставува дали, доколку плател данок на незаконски остварениот приход, ќе бил поштеден од обвинение? Веројатно да, за даночна евазија, но дали тоа немало да биде своевидно признавање на нелегалните операции?!
На 5 јуни 1931 година, Капоне е обвинет за даночно затајување на 22 федерални даноци на доход меѓу 1925 и 1929 година. На 12 јуни е прогласен за виновен за три од 23 кривични дела. Тој е осуден на парична казна од 50 000 долари и 11 години затвор. Затворската казна ја издржува во новоотворената затворска установа Алкатраз. Во ноември 1939 година е пуштен со условна казна и нарушено здравје. По неговото ослободување се сели на Флорида и починува во јануари 1947 година.
Техниките на Капоне се покажале како иновативни и ефикасни од аспект на криминалец од 20-тите години на минатиот век бидејќи, и покрај темелните истраги, не се докажува неговата вклученост во бројните убиства, рекет, проституција и нелегалното производство и продажба на алкохол, а Капоне добива затворска казна за даночна евазија. Во оваа или онаа форма, техниките на Капоне и денес се користат за криење на нелегално стекнати приходи, но и техниките употребени во истрагата и судење за основа на законодавците во креирање на соодветна законска рамка за борба против оваа појава.

ПРЕПОРАЧАНО