Општество

Убавиот збор: Што знам за жените?

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Бидејќи роден во машко тело и со таков ум што не се чувствувам заробен во него или ограничен од таа даденост, одамна ме интересира спротивниот, женски пол, и сум правел обиди да ги сфатам и да ги разберам жените, иако тоа по сѐ изгледа не е можно да се реализира во потполност. Само делумно. Пред неколку години дури напишав и прозна книга со претенциозен наслов „Сѐ што знам за жените“, но од неа повеќе се гледа (така ми кажале и се согласувам со тоа) колку всушност не знам за жените и колку книгата е само машко видување на тоа кои се, што се, какви се и зошто се такви. Со други зборови, во книгата можев да пишувам за своите животни искуства и за тоа како јас ги гледам, ги доживувам и ги анализирам жените и нивното однесување, а не какви се тие навистина. И иако имам години повеќе од половина век, овој интерес што се јави кога имав помалку од една деценија не престана да постои и да дејствува, напротив. Секоја година напластував нови знаења, точни и неточни, а и ставови. И тие се менуваа. Малку ми е криво што имам аналитичен ум и сакам да ги рационализирам и логично да ги подредам сите можни манифестации на она што му го носи животот на еден човек, уште и со тенденција за генерализирање, тоа да се однесува на сите луѓе. Зашто логиката некогаш е добра, но лесно и често може да доведе до апсурдни и неточни заклучоци, особено за такви прашања за кои не може да се има личен, автентичен опит. А ова е такво прашање, нели? Свесен сум дека живееме во време со тенденции да се намалат и да се релативизираат, дури и да се избришат разликите меѓу половите, но не верувам во тоа. Тоа може да се стори евентуално само културолошки, но не и суштински. Никако биолошки. Мажите ќе си останат мажи, жените – жени. И добро што е така. Со секоја нова генерација ќе продолжат да се запознаваат и да се чудат зошто овие се вакви, тргнувајќи од себе и излегувајќи од себе, во обидот да разберат и да сфатат со кого си имаат работа и со намера да постигнат мир или да победат во „војна“ со засегнатата личност. Или да освојат некого. Како и да е, на темава, освен споменатата книга, напишав и истоимена песна. Таа е напишана три години по книгата, значи со малку повеќе животно искуство и со помалку зборови. Се надевам дека, ако ништо друго, барем е духовита и ќе ви го задржи вниманието додека ја читате.
Сѐ што знам за жените

За жените знам сешто, може не знам сѐ ама знам нешто.
Жените ќе речат, не знаеш ништо, па да видиме:

Жените се и жената е:
Секаква и никаква, необична и обична, зелена и зрела, може да те отруе и да те излекува, да те убие и да те оживее, зашто жената е:

Најубавото суштество на светот и најгрдиот ѓавол што може да се замисли, зависи како ја гледаш и како таа тебе те гледа. Сѐ е во очите. Зашто жената е:

Жена, мајка, ќерка и сестра, нечија и сечија, и жената е и девојка и жена, и невеста и вештица, и тоа истата жена, зависи како ќе ѝ дојде и каков ќе ѝ дојдеш...

Жената е земја и од неа се раѓаме и во неа се враќаме, сите, и сонцето ѝ е син а месечината ќерка, зашто и таа е жена, и не прашувајте како, само ќе ви се каже.

Зашто:
Жената може да ти влезе под кожа, да ти се качи на глава, да биде пијавица, да ти ја испие крвта и да биде крв од твојата крв, да ти даде вода кога си жеден, и самата да биде вода, и да ти се смее под мустак а мустаци нема, зашто жената е:

Мачка што преде и мачка што се гали, и може да ти јаде од рака, а може и да гребе, да рика и да те распори со канџите, па и да те изеде жив, ако остане дива мачка. Зашто жената е:

Верно куче, безусловна љубов, кое може и да умре од жал по тебе, ако ја љубиш, и да побесни ако ѝ откажеш љубов. Дури може да биде и птица и гуштер, и од нив да состави змеј. Зашто жените се:

Многу, ги има милијарди, и сите се исти и нема две исти, ако Една е твоја, и кога неа ја знаеш и неа ја љубиш, навистина, сѐ е твое и од твоето, и може да знаеш сѐ за сите жени на светот.

 

П.С. Сега гледам, од временска дистанца, ова на крајов, малку е како Киплинг во „Ако“, ама ако.

ПРЕПОРАЧАНО