Финансии / Банкарство
Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите
30.03.2024г.
Во Народната банка се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови на Народната банка, која опстојува и ја поддржува научно истражувачката дејност во земјава во изминатите 12 години. Во овој период презентирани се 85 научни труда, отворена е научна дискусија за голем број на актуелни и економски суштински теми, промовирани се голем број на млади истражувачи и автори и воопшто даден е придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјата.
На оваа сесија беше претставен научниот труд „Испитување на динамичкиот пренесен ефект на светските цени врз македонските цени на храната“ од авторите Даница Уневска Андонова и Магдалена Петровска. Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која потенцираше дека презентираниот труд е од особено значење, бидејќи истражува прашање кое што во изминатите две-три години е клучно за носителите на монетарната политика, а е од интерес и за широката јавност. Растот на цените на храната објаснуваат речиси половина од растот на домашната инфлација и од тука подлабокото разбирање на преносниот ефект на светските врз домашните цени на храната се од големо значење за нашата економија.
Трудот ги обработува релациите и преносот од цените на примарните производи во меѓународната размена врз домашните цени на храната. Цените на светските пазари често и значително флуктуираат заради влијанието на различни сили и фактори и чија понуда и побарувачка не може да се прилагодува брзо на краток рок. Врз база на податоци за периодот 2003-2022 година и со примена на современи економетриски методи на анализа, трудот утврдува дека релациите меѓу меѓународните и домашните цени на храната е различен, во зависност од тоа дали станува збор за ниска или висока променливост на цените.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Со одржувањето на 50. сесија успешно започнаа активностите на Клубот предвидени за оваа календарска година. Следната сесија е планирана за јуни оваа година.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање на труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/klub_na_istrazhuvachi.nspx.