Општество
Маер Ленски: Организаторот на организираниот криминал
Калина Миљовска | Авторот е правен експерт во Стопанска комора
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Љубителите на класичната кинематографија се сеќаваат на сцената од култниот „Кум 2“ на Копола во која Ли Стразберг во улогата на гангстерскиот бос Хајман Рот ќе му рече на Мајкл Корлеоне сакајќи да го убеди во зделките на организацијата: „Ние сме поголеми од ‘американски челик!’“
Оваа реплика не е случајно ставена во филмот бидејќи таа му се припишува на можеби најинтелигентниот мафијашки бос на сите времиња − Маер Ленски, генијален математички ум за кој агентите на ИРС и на ФБИ кои требале да го доведат пред лицето на правдата велат дека доколку тргнел по правиот пат со сигурност ќе бил прв човек на „Џенерал моторс“. Способноста да решава математички равенки и сложени задачи напамет, да ја забележи неправилноста во низата и да пресмета веројатност со невидена брзина му дале на Ленски предност уште во тинејџерските денови кога за прв пат се запознава со своите најдобри другари Чарли „Лаки“ Лучиано и Багзи Сигл. Уште на 14 години во Њујорк води низа улични коцкарски активности на ниво на уличен барбут во кои секогаш – куќата добива. На 18-годишна возраст, кога била воведена прохибицијата во САД, се вклучува во синџирот на снабдување на нелегален алкохол, но не како производител, туку како превозник – дистрибутер. Отворил компанија − гаража за изнајмување автомобили и камиони − со чисто книговодство и вистински клиенти во случај некој да ги доведе во прашање нивните необјаснети пари. Но, како што готовината се натрупувала, бизнисот со изнајмување веќе не бил соодветно покритие. Дури и тогаш депонирањето големи количини на готовина можело да го привлече вниманието на жилавите агенти од Министерството за финансии наречени T-MЕН. Неопходноста, мајката на пронајдокот, го поттикнува Ленски да смисли шеми за да ги задржи парите надвор од банките и истовремено да создаде фасада на легитимност.
Банкарите тогаш не сакале да ја кредитираат конфекциската индустрија која претежно имала проблеми со вработување на имигранти. Индустријата не работела со преднарачки така што имале потреба од брз капитал за инвестирање во производството. Ленски видел можност за перење пари во недовербата на банкарите спрема странците и потребата на индустријата за постојани краткорочни заеми. Зел дел од своите нелегални пари и им ги позајмил на производителите на облека. Со неможноста да се врати заемот навреме, Ленски наместо да им ги скрши нозете на кредитокорисниците им дал „понуда што не можеле да ја одбијат“: да отстапат дел од сопственоста и од профитот. Така се стекнал со легални удели во текстилни компании.
Како искусен организaтoр на коцкарници, уште во 1946 година активно се вклучува во инвестициите во Лас Вегас, Невада (единствена држава во САД каде што коцкањето било дозволено) и инвестира во хотелот Фламинго. Тогаш ја организира целата американска мафија (петте њујоршки семејства + чикашката мафија со сите нивни „експозитури“) во таканаречен синдикат, во кој парите се делат согласно инвестицијата, исто како во акционерско друштво, а органите на прогонот оваа организација ја нарекуваат Национален криминален синдикат (кој во оваа или онаа форма сѐ уште функционира).
Во 1956 година, со поддршка на кубанскиот диктатор Фулхенцио Батиста, почнува инвестиција во хотелoт Ривиера во Хавана, кој важел за најелитен објект на американскиот континент, пред Кастро.
Она што го издвојува Ленски од неговите пријатели Капоне, Лучано и Сигл, од чии судбини Ленски влече мудри лекции, е дека речиси воопшто не се занимавал со насилство. Работел на принципот на поткуп, а кога тоа не функционирало, на принципот на уцена. Исто така, за разлика од просечните мафијашки босови, доживува 80 години, од кои само 2 месеци бил во притвор. Ќе остане запаметен и по придонесот кон заштитата на американските пристаништа од нацистичките инфилтратори за време на Втората светска војна (за што добил и Медал за заслуги од Рузвелт) и огромните донации за вооружување на Израел, каде што очекувал и побарал азил во периодот кога обрачот на правдата околу него почнал да се стега, но по две години тој престој бил одбиен.
Денес го паметат по неговите пет принципи за перење пари:
1. Kористете фиктивни компании и доверливи посредници.
2. Оставајте впечаток на човек со скромни средства со избегнување на раскошно трошење, големи куќи и фалење со богатство.
3. Никогаш не пропуштајте да поднесете даночни пријави кои покажуваат приход што соодветствува со умереноста.
4. Преместете го најголемиот дел од профитот од даночните пријави во офшор засолништа како што е Швајцарија.
5. Практикувајте непоколеблива самоконтрола со тоа што нема да дозволите суетата, алчноста и потрагата по моќ да ги надминат вашите гангстерски цели.
Ленски не е единствениот заслужен за сложените шеми за перење пари кои станаа „оче наш“ за криминалните претпријатија. Оваа заслуга во најголем дел се припишува на њујоршките адвокати уште во 20-тите години од минатиот век, желни да им помогнат на даночните затајувачи.
Факт е дека Ленски бил револуционер во гангстерството. Без Ленски, организираниот криминал немало ефективно да се организира. На своите современици им ги споделил своите принципи за перење пари, им ги објаснил до некаде начините за ефективно криење на готовина и правење незаконски стекнати добивки да функционираат како легитимни потфати.
Неговото криење пари е толку ефективно што до ден-денес, од проценетото богатство во моментална вредност од околу една милијарда и сто милиони долари, не е најден ниеден дел. Она што е лошо во оваа ситуација е што ни неговите деца ни внуци не го уживаат ова богатство. Се претпоставува дека е во швајцарска банка и е достапно со некоја лозинка која денес никој не ја знае.
Живееме во свет сосема поинаку регулиран од оној во кој живееле старите мафијашки босови, но регулативите денес се плод на лекциите научени од минатото. За жал, финансиските криминалци се секогаш едни од наjинтелигентните и најинформираните злосторници и она што можеме да го научиме од историјата може само да ни биде предност за креирање на подобра и финансиски посигурна иднина.