Општество

Северна Ирска: Протестантската држава доби лидер католик

Љупчо Поповски | Авторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2024г.

Во регионот кој стана синоним за бомбашки напади во Европа, кој се мачеше со мирот по клучниот Договор од Велипеток од 1998 година, се случи промена која досега изгледаше незамислива – владата ќе ја води римокатолик од Шин фејн чија основна идеја е обединување со Република Ирска. Но, премиерот Мишел О’Нил најави дека ќе работи за благосостојба на луѓето, а не за политичките агенди.



Пред сто години, кога беше формирана Република Ирска (1921), Северна Ирска беше создадена за да го „зацементира“ британското протестантско мнозинство во посебен државен ентитет на северот од ирскиот остров. И тоа така функционираше сто години, католиците беа обесправени, протестантите кои се тврдокорни поддржувачи на унијата со Велика Британија ги даваа лидерите на енклавата.

Сѐ до референдумот за „Брегзит“ (во Северна Ирска излегувањето од ЕУ беше мнозински отфрлено) и уште повеќе до изборите во мај 2022 година, кога избирачите испорачаа шокантен резултат – за прв пат Националистичката републиканска партија Шин Фејн ја надмина Демократската унионистичка партија (ДУП). Резултатот предизвика политичка криза. Оттогаш северноирскиот парламент, Стормонт, беше блокиран, протестантскиот регион тешко функционира. Сѐ до неодамна, до почетокот на февруари.
Приказната за „помирувањето“ во Северна Ирска е фасцинантна. По толку терористички акции на Ирската републиканска армија (ИРА), бруталноста на британската армија и полиција, 3 600 жртви, политичките лидери на нацијата која е поделена по верска основа успеаја во 1998 година да отворат нова страница во историјата со Договорот од Велипеток. Сега со изборот на Мишел О’Нил за премиер на Северна Ирска е свртена уште една страница по која изгледа веќе нема враќање во историјата на предрасудите, на омразата и на пролеаната крв.
Оваа приказна има многу поуки за многу „закрвени“ општества полни со предрасуди, како македонското, на пример, и како перспективите за иднината ги обединија на иста маса заколнатите непријатели.
Северна Ирска беше креирана, пред еден век, да создаде неприкосновено сигурно британско протестантско мнозинство во нејзините нови граници. Кога Мишел О‘Нил од Шин фејн конечно ги доби потребните гласови на заедниците за да стане лидер на регионот на Велика Британија по двегодишна битка, дури и нејзините најжестоки критичари ја препознаа моќната симболика на моментот.

Премиерот Мишел О’Нил слегува по скалите во парламентот Стормонт     фото: intheheadline.com

Двете дами што ќе ја управуваат Северна Ирска: Мишел О’Нил (католик) и Ема Литл-Пенгели (протестант)
фото: https://limnews.com/

 

„Со отворена рака и со срце“
Агенциите ги пренесоа моментите на исклучителноста на настанот. Во зградата на парламентот во Стормонт, каде што основачот на Северна Ирска и првиот премиер, Џејмс Крег, еднаш забележа дека води „протестантски парламент и протестантска држава“, ирската републиканка О‘Нил вети дека ќе биде „премиер за сите“ како прв лидер од ирската католичка страна на јазот.
„За сите вас кои сте Британци и унионисти, вашиот национален идентитет, вашите култури, вашите традиции се важни за мене“, изјави О‘Нил пред унионистичките пратеници во Стормонт.
„Да ја одиме оваа двонасочна улица заедно, да се сретнеме еден со друг на половина пат. Ќе го направам тоа со отворена рака“, рече таа, со глас благо скршен од емоции, „а исто така и со срце“.
Никој од британските и ирските аналитичари и политичари не вели дека тоа ќе биде лесно. Напротив, може да биде опасно да се управува земја каде што, три децении откако нејзините ривалски паравоени групи ставија крај на одмаздничките престрелки и бомбашки напади кои однесоа илјадници животи, некои од тие забранети банди сè уште седат стуткани во потемните агли на недовршениот мировен процес.
Мишел О’Нил нема да управува сама. За потпретседател на северноирската влада е избрана Ема Литл-Пенгели од унионистите од ДУП, која ќе ги има истите права како О’Нил, но со помал престиж.
Како се стигна до оваа точка? Еве мала историја низ што сѐ помина Северна Ирска во овие сто години.
Британија со векови владееше со Ирска, каде што мнозинството е католичко население, сѐ до 1921 година кога беше создадена независната Република Ирска. Без оглед на поделбата, двете држави до ден-денес имаат многу блиски и испреплетени односи. Со договорот од пред еден век, регионот со шест окрузи на север со протестантско мнозинство остана дел од Обединетото Кралство.
Северна Ирска беше поделена на две главни заедници: националисти − повеќето од нив католици кои сакаа заедница со остатокот од Ирска и главно протестантски унионисти кои сакаа да останат Британци.
За сето ова време католичкото малцинство беше дискриминирано во работните места, домувањето и другите области во државата во која доминираат протестанти. Во 60-тите години на минатиот век, католичкото движење за граѓански права бараше промени, но се соочи со остар одговор од владата и од полицијата.

Во конфликтот наречен „Неволји“, во бомбашките напади и во престрелките загинаа околу 3 600 луѓе  фото: https://www.alamy.com/

„Неволјите“
Ситуацијата се влоши во конфликт, популарно и официјално наречен „Неволји“, во кој беа вклучени ирските републикански милитанти, лојалистичките паравоени сили и трупите на Велика Британија. Во бомбашките напади и престрелки загинаа околу 3 600 луѓе, главно во Северна Ирска, иако републиканците исто така поставија бомби во континентална Британија.
До почетокот на 90-тите години од минатиот век, вооружениот конфликт дојде до ќор--сокак од кој сите имаа штета. Ниту британската влада и армија ниту ирската републиканска страна не можеа да постигнат победа и тоа го сфатија двете страни.
Ирската републиканска армија прогласи прекин на огнот во 1994 година, дозволувајќи му на нејзиното политичко крило, партијата Шин Фејн (сите се сеќаваме на Гери Адамс), да им се придружи на другите националистички и унионистички партии во мировните разговори спонзорирани од британската и од ирската влада. Соединетите Држави одиграа клучна улога − поранешниот сенатор Џорџ Мичел претседаваше со разговорите, поминувајќи 22 месеци во Белфаст, надгледувајќи ги деликатните повеќепартиски преговори.
Разговорите неколку пати беа блиску до колапс. Но, по една маратонска еднонеделна преговарачка сесија беше постигнат договор на 10 април 1998 година − Велипеток. Британскиот премиер Тони Блер го поздрави договорот велејќи: „Денес се надевам дека товарот на историјата конечно ќе почне да се симнува од нашите раменици.“
Следниот месец договорот беше ратификуван од гласачите и во Северна Ирска и во Република Ирска.
Договорот даде формално признавање на повеќекратните идентитети на Северна Ирска, дозволувајќи им на жителите да се идентификуваат како Британци, Ирци или да бидат со два идентитета.
Тој стави крај на директното владеење на Обединетото Кралство и формираше законодавен дом и влада на Северна Ирска со моќ поделена меѓу унионистичките и националистичките партии. Договорот ја потврди Северна Ирска како дел од Обединетото Кралство, но предвидуваше дека во иднина може да се обедини со Ирска доколку мнозинството и на северот и во Републиката го поддржат потегот.
Иако беа незадоволни, милитантните групи се согласија да се разоружаат, а паравоените затвореници кои беа во затвор поради учество во насилството беа ослободени. За многумина тоа беше шок – оние кои поставуваа бомби што предизвикаа многу жртви беа пуштени на слобода. Овој дел од договорот остана болна точка за жртвите и за ужалените семејства.
Британската војска се повлече и ги растури своите бази и гранични контролни пунктови. Луѓето и стоките можеа слободно да се движат преку невидливата граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска.
И тогаш дојде „Брегзит“.

Блокада што веќе не можеше да трае
Стормонт едвај работеше од гласањето за „Брегзит“ во 2016 година, што создаде нови сложени проблеми во земјата. Шин Фејн, кога се ближеше да ја престигне ДУП, предизвика тригодишен колапс во 2017 година. Набрзо дојде редот на унионистите да го саботираат Стормонт, кога лансирањето на новите трговски правила по „Брегзит“ ја олесни трговијата со Ирска, членка на ЕУ, отколку со остатокот од Обединетото Кралство − шок за унионистите кои го поддржаа „Брегзит“ со ризичната претпоставка дека таа копнена граница со југот повторно ќе ја направи пореална. Кога Шин фејн победи на изборите во 2022 година, ДУП ја искористи својата позиција како најголема унионистичка партија да го спречи функционирањето на новото собрание.
Таа блокада од страна на ДУП конечно беше прекината неодамна врз основа на два макотрпно преговарани договори: Рамковниот договор на Обединетото Кралство и ЕУ, кој елиминира многу, но не сите проверки и ограничувања на британските стоки што пристигнуваат во пристаништата во Северна Ирска; и договорот кој има цел да го зајакне економското место на Северна Ирска во Обединетото Кралство и побрзо да ги намали проверките во пристаништата во Северна Ирска.
И плус ветената помош од 3,3 милијарди фунти од Лондон да се подобри функционирањето на јавните служби и на здравствениот сиистем во Северна Ирска, чие нефункционирање предизвика редица штрајкови.
Може ли оваа одлука за католички лидер во протестантскиот регион да поттикне забрзување на идеите за обединување со Ирска?
Изгледаше дека денот на национализмот во Северна Ирска конечно дојде. Претседателот на Шин фејн, Мери Лу Мекдоналд, пред именувањето на католички премиер зборуваше за „историско вртење на тркалото“ и рече дека ирското единство е „на допирна далечина“.
Но, многумина велат дека не е, иако може да изгледа така на прв поглед. Пробивот на Шин фејн во Стормонт има симболична и психолошка сила, но не означува обединета Ирска која се наѕира, наведуваат британските аналитичари. И притоа се тврди дека, парадоксално, искачувањето на О’Нил може да ја зацврсти позицијата на Северна Ирска во Обединетото Кралство со враќање на стабилноста и на довербата во статус кво.
Регионот се дели приближно на три табори: 40 % националисти, 40 % унионисти и 20 % неповрзани кои имаат тенденција да се залагаат за останување во Обединетото Кралство. Сепак, има некоја промена. На локалните избори минатата година, за прв пат гласовите за партиите за обединување беа побројни од оние кои ги поддржаа партиите и кандидатите кои се залагаат за унијата.
Но, неодамнешното истражување на јавното мислење на „Ајриш тајмс“ покажа дека 30 отсто би гласале за обединување на референдум наспроти 51 отсто кои би гласале против, а останатите се неодлучни или се склони да се воздржат. Другите анкети постојано покажуваат јасно дека мнозинството е за останување во Обединетото Кралство, иако со флуктуирачки маржи.
Ова може да изгледа нелогично затоа што католиците сега се побројни од протестантите, затоа што „Брегзит“ донесе многу неволји на Островот; и покрај распаѓањето на јавните услуги; и покрај тоа што Република Ирска стана богата, секуларна и плуралистичка.
Што ќе биде понатаму, малкумина можат со сигурност да тврдат. Но, историската промена што изгледаше незамислива се случи. Двете заедници во Ирска сега треба да работат заедно за општото добро. Овој договор ја има моќта да одѕвонува многу подалеку од ирскиот остров.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано