Финансии / Банкарство

ПО ПРЕЗЕМАЊЕТО НА СУПЕРВИЗИЈАТА НА ЗНАЧАЈНИТЕ КРЕДИТНИ ИНСТИТУЦИИ ОД СТРАНА НА ЕВРОПСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА...

Игор Давков

Бордот на Европската централна банка (ЕЦБ) на почетокот на септември оваа година ги именуваше петте членови на Надзорниот административен борд кои ќе бидат надлежни за надзор над нејзината супервизорска функција, почнувајќи од ноември оваа година. Со ова полека привршуваат сите планирани подготовки за преземање на супервизијата на т.н. значајни кредитни институции во еврозоната од страна на ЕЦБ. Листата на значајни кредитни институции, исто така, беше објавена на почетокот на овој месец. Со ова се пренесува супервизорската надлежност од националните регулатори на ЕЦБ во рамките на единствениот супервизорски механизам (Single Supervisory Mechanism-SSM). ЕЦБ директно ќе контролира 120 банки со седиште во еврозоната чија вкупна актива надминува 21 трилиони евра, што претставува повеќе од 80% од вкупната актива на банките во еврозоната. Исто така ЕЦБ ќе има индиректна надлежност и врз останатите 3.500 банки во еврозоната што ќе останат во директна надлежност на националните супервизори. Со цел сите банки да бидат предмет на унифицирана банкарска супервизија, ЕЦБ веќе развива униформни стандарди за банкарска супервизија што ќе се применуваат и на овие банки. SSM заедно со единствениот механизам за разрешување на банките во проблеми (Single Resolution Mechanism-SRM) ги претставуваат темелите на новата т.н. „Банкарска унија“.
Големината на Банкарската унија е импресивна, досега ова претставува најголем трансфер на суверенитет, но и на потенцијални финансиски обврски по формирањето на Европската унија. За илустрација на ова може да послужи споредбата на податоците за фискалната задолженост и задолженоста на банкарскиот сектор во земјите од еврозоната. Додека фискалната задолженост на овие земји изнесува околу 90% од БДП (бројката може да се разликува во зависност од тоа која дефиниција на јавен долг се користи како основа за пресметка на нивото на фискална задолженост), долгот на банките од еврозоната изнесува околу 317% (бројката ги вклучува и интербанкарските долгови).
Очекувањата се дека новата Банкарска унија ќе создаде предуслови за натамошно зголемување и за јакнење на транспарентноста и отпорноста на банкарските системи чија супервизија е во нејзина надлежност. Притоа воедно се зајакнува транспарентноста на банкарската супервизија и се воведува единствена супервизорска култура преку хармонизирање на пристапот во супервизијата на банките. Со тоа сите играчи на банкарскиот пазар добиваат еднаков регулаторен третман, независно од тоа на која земја од еврозоната ѝ припаѓаат. Она што е посебно значајно е дека со формирањето на Банкарската унија се надминуваат проблемите со прекуграничната супервизија на банкарските групи и се поедноставува надзорот на комплексните банкарски структури што се присутни во повеќе земји во еврозоната. Сепак остануваат отворени прашањата поврзани со прекуграничната супервизија на ентитетите на овие банки во земјите што се во ЕУ, но сѐ уште се надвор од еврозоната. Институционалната рамка на SSM и SRM веќе има креирано механизам преку кој членките на ЕУ што не се во еврозоната ќе можат на доброволна основа да влезат во „блиска соработка ” со ЕЦБ и условно кажано да станат дел од Банкарската унија со оглед дека правилата предвидени во SSM и SRM униформно ќе се применуваат и на територијата на овие национални јурисдикции. Со оние земји од ЕУ што нема да ја изберат опцијата за „блиска соработка” со ЕЦБ, ЕЦБ ќе треба да потпише меморандум за соработка што во детали треба да го опише начинот на соработка при вршењето на банкарската супервизија на прекуграничните банкарски групи. Исто така, во согласност со овие правила, ЕЦБ е обврзана да потпише меморандум за соработка со националните супервизори на глобални системски важни банки со седиште во земјите-членки на ЕУ што не се членки на еврозоната. Овие меморандуми за соработка треба да бидат во рамките на нормите предвидени со европското законодавство за прекугранична супервизија на кредитните институции.
Доколку се има предвид сопственичката структура на банките во земјите од ЕУ што не се членки на еврозоната, каде што доминираат банкарските групи со седиште во еврозоната, рационално е да се очекува дека е можно одредени земји да одлучат да влезат во ваков аранжман со ЕЦБ. Доколку се случи ова ќе се обезбеди уште поголема хармонизација во супервизијата на банкарските групи и униформната примена на регулативата. Исто така, иако комплексни по природа, механизмите воведени со SSM/SRM многу побрзо и многу поефективно ќе можат да се применуваат доколку овие земји се внатре во Банкарската унија. Со оглед дека ефектите од одлуките што ќе ги носи Банкарската унија во однос на банките под нејзина јурисдикција ќе имаат значајни импликации врз банкарскиот пазар со големи ефекти на прелевање и врз работењето на ентитетите на овие банки во земјите надвор од еврозоната, сосема е логично дека може да постои интерес кај националните регулатори во овие држави да влезат во таков аранжман на „блиска соработка” со ЕЦБ. Дополнително на ова, со влегувањето во аранжман со ЕЦБ овие земји би требало да обезбедат позиција преку која ќе можат пошироко да влијаат врз идната еволуција на регулаторната рамка врз чија основа ќе функционира Банкарската унија. Сепак, кога се говори за земјите-членки на ЕУ што не се дел од еврозоната треба да се има предвид дека овде има две групи на земји што меѓу себе се разликуваат како по степенот на економскиот развој, така и во длабочината и големината на нивните банкарски пазари. Првата група се земјите од Западна Европа што не се членки на еврозоната, но по сите параметри што се однесуваат на финансиската интермедијација и на имплементацијата на меѓународните стандарди се многу блиску до земјите од еврозоната, додека вторите се земјите од регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ) каде што нивото на финансиска интермедијација мерено, на пример, преку учеството на кредитите во БДП е многу пониско. Со оглед на овие разлики помеѓу двете групи на земји, мотивите за влегување во аранжман со ЕЦБ, доколку се одлучат на еден ваков чекор, сосема е извесно дека ќе се разликуваат. Еден од овие аспекти веројатно ќе биде преземањето на обврските што ќе произлезат од SRM, односно учеството во т.н. Single Resolution Fund-SRF. Овој фонд е предвидено да се користи како инструмент преку кој ќе се врши исплатата на кредиторите, а се предвидува да се базира, меѓу другото, и на национална контрибуција на сите членки на Банкарската унија, односно на здружување на ресурсите на членките што ќе се користат за разрешување на проблематичните банки. Ова, на пример, од перспектива на земјите од ЦЕИ изгледа многу помалку атрактивно со оглед дека трошокот од учеството во SRM може да се покаже како неоправдан имајќи предвид дека нивото на левериџ во нивните банкарски системи, мерено преку односот на кредитите и депозитите, е на многу пониско ниво во однос на банките од еврозоната, како и на банките од земјите на Западна Европа што не се членки на еврозоната.
Наредните неколку години ќе покажат како ќе се позиционираат земјите-членки на ЕУ што не се дел од еврозоната во однос на новата Банкарска унија и какви импликации ќе има нејзиното формирање врз начинот на кој досега функционира прекуграничната супервизија на банкарските групи со седиште во еврозоната и нивните ентитети во земјите надвор од оваа зона.
Од аспект на Македонија и на другите земји од Југоисточна Европа или т.н. Западен Балкан, формирањето на Банкарската унија ќе значи потреба од замена на постојните меморандуми за соработка потпишани со другите централни банки или регулаторни тела и потпишување на нов меморандум за соработка со ЕЦБ во однос на надзорот на банките што од ноември оваа година влегуваат под нејзина јурисдикција. Во Република Македонија тоа е случај со 6 банки, чии матични банки се на листата на значајни кредитни институции и кај кои со основањето на Банкарската унија надлежноста во однос на нивната супервизија ќе прејде на новиот регулатор, ЕЦБ. Од аспект на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), ова би требало да значи во најмала рака олеснување на комуникацијата во однос на супервизијата на овие банки и размената на информации со оглед дека точка на комуникација ќе биде еден наместо шест различни регулатори. Исто така, методолошки гледано, пристапот во однос на мерењето на ризиците, обемот и нивото на детали што ќе се разменуваат за ризичниот праофил на овие банки ќе биде унифициран со што би требало да се олесни и да се унифицира дефинирањето на ризичниот профил на овие банкарски групации од страна на НБРМ и аналогно на тоа импликациите врз ризичниот профил на нивните локални подружници во Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано