Општество

Година на луди избори – 2024 година

Љупчо Поповски | Авторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.

Како никогаш досега во историјата оваа година дури две милијарди луѓе во 50 земји ќе се појават пред гласачките кутии да ги изберат своите претставници во парламентите или претседателите на државите. Клучното прашање е дали демократијата ќе победи или ќе почне лизгање кон автократијата.


Не е само Македонија, туку речиси половина од светската популација во 2024 година ќе излезе на некаков вид избори. Околу 3,8 милијарди луѓе ќе излезат на гласачките места да гласаат на парламентарни, на претседателски, на регионални или на локални избори. А ако ги исклучиме регионалните и локалните избори, дури две милијарди луѓе ќе се појават пред гласачките кутии да ги изберат своите претставници во парламентите или претседателите на државите.
Има луѓе кои водат евиденции за сите бројки и тие пресметаа дека откако античките Грци ја воспоставија демократијата во 6 век пр. н. е., никогаш толку многу луѓе не гласале на избори на планетава како што ќе се случи тоа во 2024 година. Низ сите континенти, 50 држави ќе одржат избори. Многумина подолго време зборуваат дека 2024 година е годината на голема пресвртница за демократијата − дали гласачите ќе се изборат за неа или ќе почне сигурно да се лизга кон автократија. Дури и во државите на западната демократија.
Големиот изборен меур ќе почне да се дува веќе во средината на јануари, со многу важните избори во Тајван. Од македонска перспектива тоа е далечен настан, галаксии далеку, во малата островска држава која не е ни целосно независна. Но, од резултатите на тајванските избори може да зависи светскиот мир.
Потпретседателот на државата Лаи Чинг-те од Демократската прогресивна партија со месеци води во анкетите, делумно поради поделената опозиција. Проблемот може да дојде ако тој победи. Тогаш не се знае како ќе реагира Пекинг. Кинеските власти отворено зборуваат дека претпочитаат да победи опозицискиот кандидат Хоу Ју-ји кој има повеќе разбирање за интересите на Пекинг. Кинескиот претседател Ши Џинпинг го гледа обединувањето на Тајван и Кина како основна цел на неговиот мандат. Тој му рече на Бајден на нивниот состанок во ноември дека во согласност со поимите за времето во кинеската цивилизација нема временска рамка за оваа цел. Но, прашање е дали Кина нема да употреби сила ако Тајван се спротивстави или одолговлекува за обединување. Таму и сега е напнато, Кина постојано демонстрира голема сила во теснецот меѓу копното и островот.
Енергијата на бриселскиот меур ќе биде исцрпена од изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни. Може да учествуваат околу 400 милиони граѓани. Сите очи ќе бидат вперени во крајната десница на која ѝ се прогнозира раст. Изборниот резултат − и последователните преговори меѓу лидерите на ЕУ − ќе го одредат составот на следната Европска комисија. Претседателот Урсула фон дер Лајен останува (неофицијално) фаворит на обложувалниците да остане уште пет години, а таа ќе добие нов колега од Европскиот совет.
Во Европа изборниот циклус започнува во Финска со претседателските избори на 28 јануари, а вториот круг е закажан за 11 февруари. Португалија (10 март), Литванија (12 мај), Белгија (9 јуни) и Австрија (на есен) одржуваат законодавни избори оваа година. Хрватска ќе избере нов парламент (до 22 септември) и претседател (на крајот од декември, вториот круг е на почетокот на јануари следната година), како и Литванија која ќе го избере својот претседател и ќе одржи уставен референдум на 12 мај и ќе избере нов парламент до 6 октомври.
Многу нови лица ќе седат на тркалезната маса на Европскиот совет оваа година. А многу нови лица ќе има и во Европскиот парламент.
Многу циклуси наназад изборите за Европскиот парламент не беа сфаќани пресериозно од националните избирачи. Тие гласаа за претставници во тело кое е далеку од нивното секојдневие. Но, овој пат нема да биде така. Од исходот на изборите ќе зависат многу нешта за иднината на Европската Унија – од начинот како ќе се продлабочува или олабавува нејзиното функционирање, до она што е многу важно за Македонија, дали ќе остане сегашната желба за проширување.
Според последниот Евробарометар објавен во декември на примерок од 27000 луѓе во сите земји на ЕУ, дури 68 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат намера да гласаат, што е девет процентни поени повеќе од претходните избори во 2019 година. Сегашното расположение во анкетите е дека екстремно десничарските партии, посебно во Франција, Германија и Италија, градат вистински моментум и ако имаат голем успех би станале непријателски настроени кон институциите на ЕУ. Во исто време тие се непријателски расположени кон муслиманите, полека градат бедем спрема мигрантите и во исто време не ги кријат симпатите спрема Москва. Насекаде во Унијата се водат големи расправи, се предупредува на растот на екстремната десница и се поставува клучното прашање дали со нејзината зголемена моќ може да бидат поткопани столбовите на европската демократија, на независното судство и на слободниот печат.
Поранешниот американски претседател Барак Обама еднаш изјави дека „демократијата ќе победи ако се бориме за неа“. Тоа може да изгледа како фраза, но за жал не е така. Демократијата е доведена во прашање насекаде, дури и во етаблираните демократии како Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Пред европските избори и Русите ќе излезат на гласање во март за да го изберат нивниот претседател. Откако Кремљ ја уништи целата опозиција и властите ги ставија в затвор или принудија на егзил можните опоненти, не постои дилема од ниеден отсто дека Владимир Путин ќе добие нов шестгодишен мандат. Машинеријата на Кремљ сега работи под полна пареа Путин да добие околу 80 отсто уште во првиот круг. И со тоа да ја оправда агресијата што ја започна врз Украина.
И Велика Британија ќе оди на општи избори оваа година. Регуларно петгодишниот мандат на овој парламент треба да заврши во декември. Премиерот Риши Сунак премерува кога би било најдобро за неговата Конзервативна партија да ги распише изборите. Опозициската Лабуристичка партија има огромно водство во анкетите од околу 20 отсто речиси две години. Лабуристите ја очекуваат одлуката на премиерот за распуштање на Парламентот, посакуваат тоа да се случи во мај и ја подготвуваат понудата за избирачите и очекуваат да стават крај на 14-годишното владеење на конзервативците.
Врвот на изборната година ќе биде во ноември. На 5 ноември огромен дел од светската популација ќе биде залепен зад екраните цела ноќ за да ги гледа резултатите од претседателските избори во САД, држава по држава, да види кој ќе стигне до магичната бројка од 270 електори во изборниот колеџ − дали актуелниот претседател Џо Бајден или неговиот најверојатен ривал Доналд Трамп.
Има еден неверојатен парадокс. Џо Бајден ја започа 2024 година во околности на кои би позавидил секој актуелен претседател. Економијата расте со стабилен чекор; инфлацијата се намали; невработеноста е на минимум во последниот половина век; берзата ја заврши годината на рекордна територија; а најверојатниот противник на претседателот се соочува со 91 обвинение за кривично дело во четири одделни процеси. Но, тоа не е доволно за победа, особено поради зголемениот број очајни луѓе кои се обидуваат да влезат во САД во потрага по подобар живот; и возраста на Бајден е проблем за многу гласачи. Но, основите за реизбор се силни, како што оцени поранешниот американски амбасадор во НАТО Иво Далдер. И дека и покрај сите овие успеси работите би можеле да тргнат наопаку. Домашните успеси може сериозно да бидат засенети од настаните во Украина, Блискиот Исток и Тајван и, како што вели Далдер, потенцијално да покренат големи прашања за улогата на Америка во светот.
Од исходот на оваа голема битка во многу нешта ќе зависи глобалниот развој и дали демократијата ќе почне да се лизга надолу.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано