Општество
Мицковски: Марио Драги, шеф на ЕК, е планот на Макрон за спас на Европа
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
Пред нешто помалку од пет години главниот одлучувач на ЕУ беше францускиот претседател Емануел Макрон. Токму тој од шеширот ќе го извлече името на Урсула фон дер Лејен како кандидат за претседател на Европската комисија, нормално, идеја договорена со тогаш сè уште актуелниот германски канцелар и сонародничка Ангела Меркел. Со тој потег Унијата излезе од својата постизборна парализа, блокирана од испреплетените вета на новите и стари членки на Унијата.
Денес, на 6 месеци од европските избори, според доверливи дипломатски извори од Брисел и од Париз, Макрон планира да ја преземе врз себе истата улога, плетејќи една вешта мрежа на односи и дипломатски потези. Магичниот потег или зајакот од шеширот овој пат води кон едно изненадувачко име: Марио Драги! Поранешниот италијански премиер и високопочитуваниот прв банкар на ЕУ е „шампионскиот“ кандидат на кој Макрон сака да се обложи, човекот кој треба да ја наследи Урсула фон дер Лејен на позицијата претседател на Европската комисија.
Односот на Макрон со Драги е однос граден врз доверба и привилегираност, имајќи предвид дека токму двајцата државници пред точно две години го потпишаа „Договорот од Квиринале“, кој отвори нова страница во долгата историја на политички, културни и економски односи меѓу двете земји основачи на ЕУ, но даде и нова димензија во напорите за изградба на големиот европски проект.
Поттикнат токму од одличните лични односи со Драги, Макрон веќе започнал да ја проверува својата последна идеја. Нормално, изводливоста на Макроновата хипотеза мора да биде проверена со сојузникот број 1 на Франција, односно Германија која денеска е под водство на социјалистот Олаф Шолц. Големите европски идеи и одлуки секогаш биле подложни на договор и разбирање меѓу франко-германската локомотива. Покрај Берлин, Макрон веќе се обратил до сите поважни и најразлични фактори и објаснил зошто смета дека по следните европски избори би било корисно да му се обратат на поранешниот претседател на Европската банка.
Стариот Континент се соочува со бројни наталожени проблеми и затоа во следниот период ќе мора да се нафати со една нова фаза во својата визија и функционирање. Проблемите за ЕУ и за Европа како целина се бројни, некои внатрешни, други геополитички. Европа мора да се соочи со внатрешниот реформски процес во поглед на проширувањето, но и во носењето на одлуките. Потоа тука се последиците од украинскиот конфликт, растечката моќ на Кина и, секако, претседателските избори во Америка кои би можеле да го вратат Доналд Трамп на меѓународната сцена и со тоа повторно да ја изолираат Европа, со опасност од евентуален нов подем на суверенизмот и национализмот.
Оттука следните европски избори се навестуваат не како вообичаени, туку како вонредни. Европа има потреба од решенија и одговори кои излегуваат од вообичаените практики. Со цел да се излезе во пресрет на вака одлучувачки предизвици за иднината на Унијата, според Елисејската палата нужно е Унијата да се довери на човек кој веќе придонесе во спасувањето на Европа со неговиот фамозен рецепт: ќе направиме „сè што е потребно“ („Whatever it takes“)!
Марио Драги е еден од ретките европски државници и техничари кои уживаат тотален авторитет и престиж на двата брега од Атлантикот. Кој друг утре би можел да разговара со кинескиот претседател Кси Џингпинг без комплекс на инфериорност?! Кој друг европски лидер има капацитет утре да се соочи можеби со новите лудории на Трамп?! Кој е човекот кој нема да се соочи со недоверба на европскиот електорат и јавното мислење?!
Сите овие аспекти Макрон веќе темелно му ги има илустрирано на канцеларот Шолц за кого не би претставувал мал проблем да се откаже од позицијата на неговата сонародничка Урсула фон дер Лејен, без разлика што таа му припаѓа на ЕПП, а не на европските социјалисти. Сепак, и за Берлин има поволности доколку ја прифати линијата на Макрон. Позицијата генерален секретар на НАТО се ослободува токму следната пролет, а САД веќе во изминатите месеци дадоа зелено светло за кандидатурата на Фон дер Лејен која не се штедеше во европската поддршка на украинската кауза. Со други зборови, Германија не би изгубила свој адут и важен чинител на меѓународната шаховска табла.
Втор важен аспект за Шолц кој би го принудил да се сложи со идејата на Макрон е што излезната стратегија на Лејен би му дозволила да ги консолидира редовите во сопствената раскарана коалиција. Водството на Драги со Унијата би му дозволила да ги задоволи апетитите на Зелените за поголемо влијание во рамките на Европската комисија.
Се разбира, евентуалната согласност на Берлин не би значела дека работата е завршена. Јасно е дека не може да се дојде до номинација и до поставување на италијански кандидат за шеф на ЕК без дозвола или согласност од италијанската влада. Прашањето е каква би била позицијата на премиерот Мелони и дали може да си дозволи нов судир и сериозна фрактура со Берлин и со Париз, со самиот Драги, а да не зборуваме и со Вашингтон, особено што шемата на Макрон веќе ужива силна поддршка од Америка и од Бајден. Бајден, свесен за опасноста од евентуално враќање на Трамп на меѓународната сцена, веќе најавил дека е подготвен да изврши одлучувачки притисок врз Мелони и Италија. Евентуалната согласност на Рим, на Мелони би ѝ отворила врата за влез кон мнозинството кое раководи со Европската Унија и конечно би ја легитимирало пред европската и меѓународна сцена. Макрон, пак, таквата еволуција на настаните би ја искористил со цел да го намали националистичкиот ефект од италијанскиот пример и преку една „нормализирана“ Мелони да го отапи и националистичкиот наратив и апетит на Марин ле Пен за нејзината претседателска кандидатура во 2027 година.
Што се однесува до самиот Драги, неговата позиција е дека воопшто не се гледа во трка за престижната позиција, но новододелената позиција од страна на Фон дер Лејен, како одговорен за подготвување на извештај за европската компетитивност, му дозволува веќе со месеци да ги посетува сите европски членки каде што ги претставува своите идеи за иднината на ЕУ и на Европа. Ставот на Драги е дека живееме критични моменти за иднината на Европа. Во еден од своите последни настапи, Драги отиде дотаму што дури и претстави еден вид програма за федерализација на Европа.
„Сега е моментот да разбереме дека не можеме сами да се соочиме со наднационалните предизвици. Постоењето на заедничка одбрана која има тенденција да биде координирана значи да имаме заедничка надворешна политика која би била координирана. Време е да почнеме да размислуваме за заедничка политичка интеграција на Европа, во рамките на Европскиот парламент, кој е вистинскиот Парламент на Европа. Време е да почнеме да размислуваме дека сме Италијанци и Европејци. Потребно е да измислиме нов начин како заедно да растеме. Потребно е да станеме држава!“
Европа како држава, федерализација, особено фискална според хамилтијанскиот рецепт на САД, тоа е визијата на Марио Драги со која и една постдеголовска Франција се согласува. Тоа не значи дека Европа би станала држава веднаш, но дека во рамките на еден дводеценски процес тоа би можело да се реализира. За Драги е клучно да се создадат европски фондови кои би ги финансирале наднационалните предизвици на Европа. Тоа значи заедничко финансирање на одбраната и на климатските промени, на зелената транзиција и на новите технолошки предизвици. Тоа не би бил лесен процес затоа што во рамките на ЕУ сè уште постојат многу различни гледишта во однос на бројни прашања, почнувајќи од една Газа, па дури и Украина, но и покрај тоа останува фактот дека Европа денес е повикана да направи повеќе од тоа што актуелно го прави.
Нема гаранции за успех на идејата на Макрон, но сигурно станува збор за сериозен предлог кој во отсуство на алтернативи и големи изненадувања би можел да успее. Кандидатурата на Драги би ги променила и односите меѓу владејачката коалиција во рамките на ЕУ, меѓу ЕПП, социјалистите и либералите, кои од старт би ја изгубиле Комисијата затоа што Драги суштински е „техничар“ и не припаѓа на ниеден од партиските блокови. Но, тоа е сосема една друга борба и предизвик. Важно е дека е почната борбата за Драги како претседател на ЕК и за федерализацијата на Европа.